202/2009-0-0

202/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 16, 17 и 18 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007, 165/2008 и 146/2009).

2. Елизабета Трпеска од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски
одредби граѓаните биле ставени во нееднаква положба, со што се повредувал членот 9 од Уставот кој го гарантирал правото на рамноправност и еднаквост. Со оспорените членови се одредувале условите за приватизација, при што со член 17 се одредувале условите за приватизација на градежно земјиште на физички лица без обврска за плаќање надомест, а во член 18 со обврска за плаќање надомест. Тука се поставувало прашањето зошто за некои лица се дозволувала приватизација без надомест, а за други со надомест. Во поткрепа на ова, во иницијативата се наведува дека граѓани кои се стекнале со право на користење на градежно земјиште од нивни покојни оставители, а кои оставители без никаков правен основ, односно во 1978 година кога бил во примена Катастарот по пат на пријава пријавиле некоја недвижност на нивно име, сега нивните наследници без никаков проблем со оставинско решение и без обврска да плаќаат надомест можеле да ја приватизираат недвижноста. Од друга страна пак, граѓани кои сеуште се меѓу живите и кои во 1978 година пријавиле некоја недвижност на свое име и го стекнале правото на сопственост или правото на користење, поточно, сега без надоместок не можеле да извршат приватизација, каков што бил примерот со таткото на подносителот на иницијативата. Имено, неговиот татко, а дедо на подносителот на иницијативата, во 1963 година купил недвижност од физичко лице, но како што тоа била честа пракса во тоа време, тоа го сториле со усмен договор и без да извршат веднаш промена во јавните книги. Во 1975 година дедото починал и во оставинската постапка не влегла наведената недвижност бидејќи не постоел писмен документ. Во 1978 година во Катастарот по пат на пријава, таткото и неговиот брат ја завеле оваа недвижност на свое име по ½ идеален дел и до ден денес ја владееле и законски и совесно. Но сега, за да извршат приватизација на истата, им се барало да платат надоместок во износ од 150 денари за метар квадратен, при што не се земала предвид нивната финансиска состојба и колку тие финансиски се способни да издржат еден ваков трошок. Од друга страна, се јавувал револт зошто да го купуваат она што било нивно и купено од нивниот татко, зарем по два пати ќе плаќале за истата недвижност. Дали тоа значело дека треба да бидат заложници на минатото, на еден поинаков систем од денешниот, а особено на Законот со кој целото земјиште било ставено под општествена сопственост.

Оспорениот член 16 од Законот изгледал сам на себе противречен, затоа што се дозволувало лицата кои биле поранешни сопственици на градежното земјиште, без да се прави разлика на кој начин ја стекнале сопственоста, сега со оваа приватизација само формално да ја потврдат сопственоста. Со ваквите законски одредби се доведувало во прашање и правото на граѓаните на сопственост (член 30 од Уставот) и правната заштита на сопственоста која според Уставот била темелна вредност на уставниот поредок. Во случајот со конкретната приватизација, според подносителот на иницијативата, не постоел јавен интерес како пречка за нивната приватизација без надомест, односно нивното земјиште да остане во сопственост на државата, а тие да плаќаат закупнина, или пак јавниот интерес се состоел во тоа што средствата од приватизацијата и од закупот биле приход на Буџетот на Република Македонија (член 9 од Законот).

Со оглед на наведеното, доведено било во прашање правото на сопственост на таткото на подносителот на иницијативата на земјиштето кое го купил неговиот татко и кое го владеел од моментот на купувањето во 1963 година, а потоа и од кога регуларно го пријавил во Катастарот по пат на пријава, а потоа оневозможена била и правната заштита на сопственоста на голем дел од населението во Република Македонија кое се наоѓало во таква ситуација.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да го разгледа ова барање и да одлучи во рамките на своите надлежности.

3. Судот на седницата утврди дека според член 16 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, градежното земјиште на кое постои право на користење на физички лица – поранешни сопственици на градежното земјиште, се приватизира од државна сопственост во сопственост на поранешните сопственици, при што за приватизацијата на градежното земјиште поранешните сопственици немаат обврска да платат надомест за приватизација.

Според член 17 став 1 од истиот закон, градежното земјиште, на кое постои право на користење на физички лица стекнато со надомест, се приватизира од државна сопственост во сопственост на корисниците на градежното земјиште при што за приватизацијата на градежното земјиште не се плаќа надомест, ако е стекнато со надомест со:
1) јавно наддавање;
2) непосредна спогодба со надомест;
3) доделување на земјиштето од надлежен орган со надомест;
4) доделување на земјиштето во замена за експроприрана недвижност;
5) доделување на земјиштето за замена на одземено од владение
градежно земјиште од поранешен сопственик;
6) предимствено право на користење на градежното земјиште за
површината на градежното земјиште која е поранешна сопственост на корисникот на предимственото право;
7) физички лица, сегашни корисници на градежно изградено земјиште во државна сопственост кои правото на користење на градежното земјиште го стекнале врз основа на стекнато право на сопственост на објект со правна основа од поранешен сопственик на земјиштето“, како и стекнато право на сопственост на објект со правна основа од поранешен сопственик на земјиштето, како и стекнато право на сопственост на објект од претходен корисник на градежното земјиште кој платил надоместок за стекнување на правото на користење.
8) други случаи кога ќе се утврди дека правото на користење е стекнато со надомест (дооформување на градежна парцела со надомест, предимствено право на градба со дооформување на градежна парцела со надомест и друго).
Според став 2 на истиот член, физичките лица наследници на лицата од ставот 1 на овој член според прописите за наследување, не плаќаат надомест за приватизација на градежното земјиште.

Согласно член 18 став 1 од Законот, градежното земјиште, на кое постои право на користење на физички лица стекнато без надомест, може да се приватизира од државна сопственост во сопственост на корисниците на градежното земјиште со плаќање надомест. Според став 2 на овој член, се смета дека правото на користење на земјиштето од ставот 1 на овој член е стекнато без надомест, ако е стекнато со: 1) доделување на градежно земјиште на користење без надомест кога во актот за доделување на градежното земјиште не е определен надомест, односно обврска за плаќање надомест; 2) стекнување на право на сопственост на објект со правна основа од претходен корисник на градежното земјиште кој не платил надоместок за стекнување на правото на користење на градежно земјиште; 3) предимствено право на користење на градежното земјиште за површина на градежното земјиште која не е поранешна сопственост на корисникот на предимственото право, а е стекната без надомест како дооформување на градежна парцела.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Од наведеното произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост, при што не допушта да бидат одземени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Членот 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, утврдува дека со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички лица и правни лица.

Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни изрази употребени во Законот. Имено, градежно земјиште е градежното изградено и градежното неизградено земјиште, определено како такво со Законот за градежното земјиште (точка 1).

Градежно земјиште во државна сопственост е земјиште на кое право на сопственост има Република Македонија (точка 2 од член 2). Во точката 3 на членот 2 од овој закон се наведува дека под приватизација на градежно земјиште во државна сопственост се подразбира стекнување на право на приватна сопственост на градежното земјиште во државна сопственост на кое право на користење имаат физички и правни лица. Корисници на градежно земјиште, согласно точката 4 на истиот член, се физички и правни лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа и физичките и правните лица кои користат градежно земјиште по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа, а не се евидентирани како корисници на земјиштето во катастарот на земјиште, односно не се запишани како корисници на земјиштето во катастарот на недвижности, при што земјиштето е евидентирано, односно запишано како сопственост на Република Македонија согласно со Законот за основните сопственосноправни односи (“Службен лист на СФРЈ“ број 6/80 и 36/90), Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ“ број 36/75, 41/75, 10/79, 51/88, 38/91 и 4/93), Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ“ број 10/79, 18/89, 21/91 и “Службен весник на Република Македонија“ број 71/96 и 18/99) и Законот за сопственост на делови од згради (“Службен весник на СРМ“ број 20/74 и 14/75).

Согласно точката 7 на овој член, поранешни сопственици на градежно земјиште се: – физички лица, сегашни корисници на градежното земјиште во државна сопственост, кои биле сопственици на земјиштето на денот кога земјиштето е национализирано, односно поопштествено врз основа на закон, одлука на околиски народен одбор или одлука на собрание на општина, – физички лица сегашни корисници на кои им е пренесено правото на трајно користење на градежно неизградено земјиште согласно со членот 39 од Законот за национализација на наемните згради и градежно земјиште (“Службен лист на ФНРЈ” број 52/58) и задолжителното толкување на членот 39 став 1 од овој закон (“Службен лист на ФНРЈ” број 24/59, 24/61 и 1/63), во периодот до 15 февруари 1968 година, како ден кога е влезен во сила Сојузниот закон за определување на градежното земјиште во градовите и населбите од градски карактер (“Службен лист на СФРЈ” број 5/68 и 20/68), доколку според членот 5 од тој закон пренесеното трајно право на користење на градежното неизградено земјиште во овој период ги исполнува еден од следниве услови: договорот за пренос е заверен од орган надлежен за заверување, ако договорената цена е исплатена преку банка и ако лицето на кое му е пренесено правото на користење ги извршувало обврските спрема заедницата во однос на тоа земјиште, – физички лица, наследници на физичките лица од алинеите 1 и 2 на оваа точка според прописите за наследување и – физички лица, сегашни корисници на градежно земјиште во државна сопственост кои правото на користење на земјиштето го стекнале врз основа на договор за дар, договор за доживотна издршка и договор за располагање со имот за време на живот, склучен меѓу поранешниот сопственик и неговите законски наследници според прописите за наследување.

Според точката 8 на истиот член, спорно право на користење на градежно земјиште во државна сопственост е право на користење на градежно земјиште во државна сопственост за кое постојат спорни имотно-правни односи од правна и фактичка природа меѓу корисникот на градежното земјиште и државата како сопственик на земјиштето, односно трети лица.

Според член 15 од овој закон, градежното земјиште на кое постои спорно право на користење или постои неидентичност на градежното земјиште, може да се приватизира согласно со овој закон после решавањето на претходното прашање за спорното право на користење, односно за неидентичноста на градежното земјиште.

Со член 28 од Законот се уредува постапката за приватизација на градежното земјиште. Така, со став 1 на овој член се утврдува дека барањето за приватизација се поднесува до органот на државната управа надлежен за имотно-правните работи на подрачјето каде што се наоѓа градежното земјиште што е предмет на приватизација. Според став 2 на истиот член, барањето од ставот 1 на овој член треба да ги содржи: а) основата на правото што се бара: (приватизација без обврска за плаќање надомест, односно приватизација со обврска за плаќање надомест) и б) начин на плаќање на надоместот. Според став 3 на овој член, кон барањето од ставот 1 на овој член се приложуваат: – доказ за идентификација на барателот, односно лицата кои се негови наследници според прописите за наследување (фотокопија од лична карта или патна исправа за физички лица), односно извод од соодветниот регистар за правни лица, – правната основа, односно актот врз основа на кој е стекнато правото на користење на градежното земјиште на кое се однесува барањето за приватизација (закон, тапија, пресуда, договор, решение, одлука на надлежен државен орган и друго), – податоци за градежното земјиште од соодветната јавна книга и тоа:
имотен лист од катастарот на недвижностите или поседовен лист од катастарот на земјиштето, и – писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште.

Според член 28-а став 1 од овој закон, органот надлежен за имотно-правните работи по службена должност прибавува копиja од катастарски план, уверение за историски преглед на извршените запишувања во катастарот на недвижностите за земјиштето предмет на приватизација од Агенцијата за катастар на недвижности кога во постапката за приватизација на градежно земјиште, не може да се утврди својството на поранешна сопственост на земјиштето и извод од урбанистички план од општината каде што се наоѓа земјиштето предмет на приватизација.

Од анализата на наведените одредби, како и на Законот во целина, неспорно произлегува дека со овој закон се уредува приватизацијата и закупот на градежно земјиште во државна сопственост и дека не постои уставно ограничување Република Македонија, како сопственик на градежно земјиште, да го уреди начинот, условите и постапката на приватизирање и закуп на тоа земјиште.

Со Законот се утврдува дека приватизација на градежно земјиште во државна сопственост е стекнување на право на приватна сопственост на градежното земјиште во државна сопственост на кое право на користење имаат физички и правни лица, при што како корисници на градежно земјиште се сметаат физички и правни лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа. Приватизацијата на градежното земјиште во државна сопственост се врши без надомест и со надомест, при што законодавецот во оспорените членови 16, 17 и 18 од Законот јасно ги определува условите за приватизација на градежно земјиште на физички лица кои немаат обврска за плаќање надомест за приватизацијата и условите за приватизација на градежно земјиште на физички лица со обврска за плаќање надомест. Така, законодавецот определил дека право на приватизација на градежното земјиште без надомест имаат поранешните сопственици на градежното земјиште, како и корисниците на градежното земјиште кои правото на користење го стекнале со надомест, со таксативно наведување на таквите случаи, а право на приватизација на градежно земјиште со плаќање надомест, законодавецот определил дека имаат физичките лица кои користењето на земјиштето го стекнале без надомест, со точно определување во кои случаи се смета дека земјиштето е стекнато без надомест. И во двата случаи, основно е дека правото на приватизација го имаат физички лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа, што се докажува во постапката за приватизација. Во таа смисла, законодавецот пропишал дека градежното земјиште на кое постои спорно право на користење, може да се приватизира согласно со овој закон, после решавањето на претходното прашање за спорното право на користење на земјиштето.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека законодавецот на јасен и недвосмислен начин ги утврдил условите и постапката за приватизација на градежно земјиште во државна соспственост, па имајќи предвид дека постојат различни категории корисници кои правото на користење на градежното земјиште го стекнале по различни основи и под различни услови, водел сметка одредбите за приватизација подеднакво да се однесуваат за сите граѓани кои се наоѓаат во иста правна положба, односно приватизацијата без надомест да се однесува на оние физички лица кои имаат доказ дека се поранешни сопственици на земјиштето или имаат доказ дека правото на користење на земјиштето го стекнале со плаќање надомест, а приватизацијата со надомест да се однесува на оние лица кои земјиштето го користат без претходно платен надомест. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека ваквото законско решение ги ставало во нееднаква положба наведените категории корисници на земјиштето и дека со тоа се повредувал член 9 од Уставот кој гарантирал право на рамноправност и еднаквост.

Според Судот, изнесената правна ситуација во иницијативата за тоа дали таткото на подносителот на иницијативата треба да плати надомест за приватизација на земјиштето кое неговиот татко го купил со надомест, но за кое нешто нема валиден писмен доказ и дали со тоа нема да биде доведен во ситуација два пати да плаќа за иста недвижност, претставува конкретен случај во сферата на примената на Законот, што не е во надлежност на Уставниот суд. Притоа, Судот утврди дека за ваквите и други слични случаи кога постои спорно право на користење на земјиштето, од кое зависи дали приватизацијата ќе се изврши со надомест или без надомест, законодавецот утврдил дека таквиот спор треба да се разреши како претходно прашање пред надлежните судови, па дури потоа да се пристапи кон реализација на приватизацијата на земјиштето, во зависност од решеното претходно спорно прашање.

Наведената правна ситуација, според Судот, несоодветно се користи како пример за повреда на правото на сопственост и правото на наследување гарантирани со член 30 од Уставот, затоа што користењето на земјиштето во државна сопственост не може да се поистовети со правото на сопственост на тоа земјиште, како што произлегува од иницијативата, каде се влече погрешен заклучок дека правото на користење на земјиштето, евидентирано во јавните книги, само по себе може да биде правен основ за наследување на сопственоста на тоа земјиште, без докажување на правото на сопственост.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членовите 16, 17 и 18 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост со член 9 и член 30 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.202/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply