199/2009-0-0

199/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 3 и член 9 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата управната инспекција не би можела да има овластување да врши инспекција над извршувањето на прописите за канцелариското работење, како што тоа било уредено со оспорените одредби од Законот, бидејќи со овој закон, во делот на надлежностите, во членот 2 став 1 децидно било утврдено дека управната инспекција го опфаќала само надзорот над примената на Законот за општата управна постапка и другите закони што содржеле одредби од управната постапка, но неправилно било уредено во ставот 3 од овој член од Законот дека управната инспекција вршела надзор и над извршувањето на прописите за канцелариското работење.

Во иницијативата не се изнесени посебни аргументи за неуставноста на оспорените одредби од Законот, туку констатација односно предлагање на мислење на подносителот, дека законодавецот во набројувањето на надлежностите на управната инспекција во Законот, како и овластувањето на инспекторите не требал да го опфати надзорот над извршувањето на прописите за канцелариското работење и поради тоа оспорените одредби од Законот биле неуставни, односно во несогласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 68 став 1 алинеја 2, членот 91 алинеја 5, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 2 став 3 од Законот е уредено дека Управната инспекција врши надзор и над извршувањето на прописите за канцелариското работење.

Според членот 9 алинеја 1 од Законот, во вршењето на инспекцискиот надзор во смисла на членот 2 од овој закон, инспекторите се овластени:

– „да остваруваат непосреден увид во примената на Законот за општата управна постапка и другите закони што содржат одредби за управната постапка и извршувањето на прописите за канцелариското работење“.

4. Согласно членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Врз основа на овој уставен основ, во 2004 година е донесен и Законот за управната инспекција, кој во 2007 година е два пати изменет и дополнет, а со кој се уредуваат надлежноста и организацијата на управната инспекција, назначувањето на управните инспектори, овластувањата и постапката за вршење на инспекцискиот надзор.

Со одредбите од овој закон се определени надлежностите на управната инспекција, во кои спаѓа надзорот над примената на Законот за општата управна постапка и другите закони што содржат одредби за управната постапка, надзорот на изршувањето на прописите за канцелариското работење (член 2) и инспекторите се овластени да го вршат овој надзор (член 9).

Со Законот за управната инспекција е уредено прашањето на надзорот и контролата што ги врши управната инспекција во примената на канцелариското работење уредено со други закони и прописи, кои ниту се предмет на регулирање на овој закон, ниту законодавецот со овој закон навлегува во нивната содржина, туку законодавецот со овој закон ја пропишал организацијата, како и на кој начин ќе се врши надзорот над примената на тие прописи преку управната инспекција.

Тргнувајќи од наведеното право на законодавецот е со закон да ги пропишува надлежностите на управната инспекција и овластувањата на инспекторите и не постојат уставни пречки со Законот за управната инспекција да се регулира прашањето дека во надлежност на управната инспекција е надзорот над извршувањето на прописите за канцелариското работење и дека инспекторите се овластени за вршењето и на овој вид надзор, како што е тоа уредено со оспорените одредби од Законот, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на овие одредби од Законот со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.199/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply