192/2009-0-0

192/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 86 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ број 92/2009).

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 86 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од членот 86 од Законот се создавала правна несигурност кај вработените во Министерството за внатрешни работи. Ова поради тоа што со членот 86 се уредувало прашањето за распоредување на работникот на друго работно место во Министерстото за внатрешни работи, но за тоа не биле определени никакви услови кои би требало да бидат исполнети и примената на оваа одредба била произволна. Имено, во оспорениот член од Законот немало одредби кои би определиле дали распоредувањето се вршело во или надвор од местото на живеење на работникот, ниту оспорениот член се повикувал на условите од другите одредби од Законот, посебно на членовите 85 и 90, па произлегувало дека оспорениот член 86 немал поврзаност со останатите одредби од Законот. Со оспорените одредби од членот 86 од Законот, исто така, било уредено дека временскиот период на распоредувањето на друго работно место би траело од еден месец до една година, меѓутоа, ова законско решение било во дирекна колизија со членот 90 став 2 од Законот, според кој распоредувањето на работник надвор од местото на неговото живеалиште не можело да биде подолго од шест месеци. Со иницијативата посебно се укажува дека оспорениот член 86 од Законот не бил во согласност со членот 85 и членовите од 87 до 90 од истиот закон.

Од наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 86 од Законот како несогласен со членот 8 став 1 алинеи 3 и 11 од Уставот на Република Македонија, кои се однесувале на владеењето на правото и на почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со ставот 1 од членот 86 од Законот е утврдено дека распоредување на работник на друго работно место може да биде и од времен карактер, поради замена на привремено отсутен работник.

Според ставот 2 од овој член од Законот, распоредувањето од ставот 1 на овој член може да трае најмалку еден месец, а најмногу една година.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Законот за внатрешни работи, како предмет на уредување на овој закон, со членот 1 ги определил: уредувањето на внатрешните работи, организацијата и надлежноста на Министерството за внатрешни работи; категориите, статусот и посебните должности и овластувања на работниците во Министерството; контролата на вршењето на работите на Министерството; правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството; должностите на работниците во Министерството, материјалната одговорност односно надоместок на штета и дисциплинската одговорност на работниците во Министерството.

Во Главата VI „Работни односи“ се одредбите кои се однесуваат на засновање на работен однос (членови 45-52), обука (членови 53-73); плата и надоместок на плата на работниците во Министерството (членови 74-80); плата на приправник и плата на работник за време на обука (членови 81 и 82); надоместоци на припадник на резервен состав (член 83); распоредување на работник (членови 84-94); унапредување на овластени службени лица на Министерството (членови 95-105); одлука за распоредување и унапредување (член 106); оценување на овластени службени лица на Министерството (членови 107-112); права и должности на работниците во Министерството (членови 114-128); прекинување на договор за вработување (членови 129-137); дисциплинска одговорност (членови 138-154); обработка на лични податоци и други податоци и евиденции (членови 155-160); овластување за подзаконски прописи (член 161) и преодни и завршни одредби (членови 162-168).

Според членот 45 од овој закон, правата и обврските од работниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Законот за државните службеници, прописите за работните односи и Колективниот договор на Министерството.

Во делот од Законот кој се однесува на „Распоредување на работник“, со членовите од 84-94 детално се уредени прашањата на распоредување на работник во Министерството за внатрешни работи и со овие одредби е регулирано дека распоредувањето, од едно на друго работно место се врши на барање на работникот или по потреба на Министерството и со одлука на посебна комисија формирана од министерот (претседател и четири члена од кои едниот е претставник на синдикатот). Потоа, согласно членот 85 од Законот, распоредувањето на работник може да се изврши само ако се исполнети следниве услови:

– работното место на кое се распоредува е во организациска единица во местото на живеалиште на работникот,
– работното место на кое се распоредува е слободно или упразнето,
– работникот во целост ги исполнува условите пропишани во актот за систематизација на работните места утврдени за работното место на кое се врши распоредувањето (вид на образование, потребно работно искуство и слично) и
– на работното место на кое се распоредува, се вршат исти или сродни работи со работите што се вршат на работното место од кое работникот се распоредува.

Со оспорениот член 86 од Законот е уредено прашањето за распоредување од времен карактер и согласно оваа одредба распоредувањето на работник на друго работно место може да биде и од времен карактер, поради замена на привремено отсутен работник и распоредувањето може да трае најмалку еден месец, а најмногу една година.

Распоредувањето на друго работно место, според членот 87 од Законот се врши на барање на работникот доколку ги исполнува условите од член 85 од овој закон. Според членот 88 од Законот, распоредувањето се врши по потреба на Министерството доколку се исполнети условите од членот 85 на овој закон, при што основната плата е еднаква со платата од работното место од кое работникот се распоредува. Во случај кога во Министерството се вршат промени во организациската структура, за распоредувањето треба да се исполнети условите од членот 85 од Законот и основната плата е еднаква, а во случај кога поради промена во организациската структура во Министерството нема слободно работно место работникот се распоредува на друго работно место за кое се исполнети условите од членот 85 при што ја задржува основната плата од претходното работно место, доколку за него е поповолна.

Со членот 89 од Законот е уредено распоредувањето во други случаи (кога е утврдено дека работникот е здравствено неспособен) при што работникот ги задржува сите права од работен однос од работното место од кое се распоредува.

Со членот 90 од Законот е уредено распоредувањето на работник на Министерството надвор од местото на неговото живеалиште кое може да настапи по барање на работникот или по потреба на Министерството, доколку се исполнети условите од членот 85 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон, заради недостаток на работници со соодветна стручна подготовка и работна способност за конкретните работи и задачи или заради давање стручна помош. Ова распоредување се врши за временски период од најмногу шест месеца и не може да се изврши распоредување на работникот по истиот основ пред истекот на четири години од истекот на последното распоредување. Правата и обврските на работникот во случај на негово распоредување надвор од местото на неговото живеалиште се уредени во членовите од 91 до 94.

Тргнувајќии од изнесеното Судот оцени дека законодавецот со Законот за внатрешни работи во уредувањето на односите од работен однос кои се однесуваат генерално на распоредувањето на работник во Министерството за внатрешни работи, ги регулирал правата и обврските на работодавачот и работниците при што посебно ги третирал интересите на работниците уредувајќи ги условите во Законот кои треба да бидат исполнети за нивно распоредување на други работни места во Министерството. На тој начин, законодавецот не препуштил распоредувањето да се врши произволно, по воља на работодавачот и без законски критериуми како законска рамка за спроведување на распоредувањето, туку се регулирани условите за остварување на овие односи како и правата на работниците за заштита на нивните интереси.

Со оспорената одредба од Законот е уредено и прашањето кога работникот времено се распоредува на друго работно место и тоа за период од еден месец до најмногу една година, меѓутоа Судот утврди дека оваа законска одредба е во делот на цел систем на уредени прашања во врска со распоредувањето, како што е погоре изнесено и одредбата не може изолирано да се разгледува надвор од останатите одредби од Законот. Имено, законски уредените услови, правата и обврските за распоредувањето на друго работно место во Министерството за внатрешни работи, се веќе утврдени со законот како објективна законска рамка во која може да се остварува временото распоредување утврдено со оспорената одредба која е само дел на цел систем на норми од оваа материја на Законот и тоа прашање не е надвор од целината на законската содржина, ниту оспорената одредба регулира издвојување од правилата уредени со Законот. Оттука, не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека оспорената одредба од Законот била непрецизна и непотполна, бидејќи со Законот се содржани одредби кои комплексно го уредуваат прашањето за распоредување на работник во Министерството за внатрешни работи, а во тие рамки како дел е содржано и распоредувањето од времен карактер, кое не е дискреционо право на одлучување на надлежната комисија, туку е однос кој настанува под законски определени услови со кои се опфатени и правата и интересите на работниците. Со тоа што дирекно во оспорениот член 86 од Законот посебно не се набројени условите, начинот и постапката за временото распоредување на работникот е само начин и форма на нормирање при што законодавецот, оспорениот член го ставил во рамки на системот на повеќе одредби во делот „Распоредување на работник“ од Законот кои се во врска и не може оспорената одредба да се разгледува навор од таа регулатива како што тоа подносителот во иницијативата го наведува како аргумент за оспорување.

Судот оцени дека условите од членовите 85 и 90 од Законот, како и останатите одредби кои го регулират распоредувањето на работникот на друго работно место во Министерстото за внатрешни работи, се однесуваат и на распоредувањето од времен карактер предвидено со оспорениот член 86 од Законот, бидејќи законодавецот не го издвоил распоредувањето од времен карактер надвор од условите кои се однесуваат на распоредувањето, ниту го пропишал тоа како дискреционо одлучување на работодавачот без да се заснова на пропишаните законски услови и неспорно не станува збор за член од Законот кој дозволува да се распоредуваат вработените надвор од законските услови и критериуми, генерално пропишани за распоредувањето.

Тргнувајќи од изнесената анализа, Судот оцени дека за оспорената одредба од Законот не може да се постави прашањето на согласноста со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply