Решение У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008

У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 во делот: „до денот на влегување во сила на овој закон“, член 8, член 13 и член 34 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2008 и 64/2009).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точка 1 на ова решение, во целина и посебно на член 5 став 1 точка 7) во делот:„судија на Уставниот суд на Република Македонија” и член 10 став 3 во делот: „на претседател на Републиката”.

3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби означени во точка 1 од ова решение.

4. Јонче Цветковски од Скопје, Фондација „Институт отворено општество – Македонија” Скопје, Стамен Филипов од Скопје и адвокат Панче Докузов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

– Подносителот на иницијативата Јонче Цветковски смета дека претседател на Република Македонија и судија на Уставниот суд на Република Македонија претставуваат јавни функции за кои условите за избор се утврдени со Уставот и за кои е обезбедена уставна гаранција за непречено вршење на надлежностите, поради што секое пропишување со закон на дополнителни услови за овие функции, како што било сторено со овој закон, значело задирање во материја што има исклучиво уставен карактер. Поради тоа, тој смета дека член 5 став 1 точка 7) во делот:„судија на Уставниот суд на Република Македонија” и член 10 став 3 во делот: „на претседател на Републиката” од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 80 и член 109 од Уставот, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на нивната уставност и да ги укине.

– Адвокатот Панче Докузов, како подносител на иницијативата, смета дека Законот имал идеолошко-политички карактер и претставувал лош, негативен пример за повратно – ретроактивно дејство на законот. Имено, со оспорениот закон се осудувал целиот општествено-политички систем од 1944 година до денес, a законското решение од оспорениот закон дека ќе се применува само за оние кандидати за носители на јавни функции или носители на јавни функции во наредните пет години, зборувал за идеолошко-политичкиот карактер за Законот. Познат бил фактот дека повратното дејство на закон или одредена правна норма претставувало применување на тој закон и таа норма на факти кои настанале пред нивното донесување, односно нивното применување на односи што настанале пред нивното влегување во сила.

Тоа значело дека законот, односно нормата содржана во кој било пропис не можело да се применуваат на односи и настани кои настанале пред нивното донесување, најмалку да произведува правни последици за активности пред стапување во сила на законот. Отстапување од ова правило било можно само по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Кога еден закон или пропис е поповолен за граѓаните било фактичко прашање, a поволноста не се претпоставувала, туку требало да биде одредена во самиот закон и тоа само ако навистина е поповолен за граѓаните. Co оглед дека Уставот експлицитно забранувал повратно дејство на законите кога се тие понеповолни за граѓаните, смета дека членовите 2, 3, 4 став 3 и 42 од Законот, не биле во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека пратениците, претседателот на државата, градоначалниците и други кои својот мандат го имаат стекнато на непосредни и тајни избори од народот, не може да се дерогираат со активности и поведенија кои ќе ги бара таканаречената Комисија за утврдување на факти. Носителите на овие функции имаат имунитет добиен на непосредни и тајни избори, затоа било противуставно да се задира во нивниот легитимитет како што е направено во оспорениот закон, поради што одредбите од член 5 до член 29 од Законот биле во директна спротивност со член 1, член 8, член 23, член 32, член 62, член 64, член 65, член 80, член 89, член 95, член 99, член 104 и член 107 од Уставот.

Обврската пропишана со овој закон за адвокатите и медијаторите да поднесуваат писмена изјава до Комисијата за утврдување на факти значела рушење на нивната самостојност и независност утврдена со Уставот, поради што одредбите од член 30 до член 35 од Законот биле во спротивност со член 53 од Уставот.

Членот 34 од оспорениот закон бил во спротивност со точка 1 од Амандманот VII на Уставот, бидејќи верските заедници и религиозни групи биле одвоени од државата и наложување дополнителни услови за нивни кандидати за носители на раководни функции, членови на нивни органи и тела, значело мешање на државата во нивната автономија.

Идентична била состојбата и со упадот на овој закон во внтрешните работи на политичките партии, здруженија на граѓани, радиодифузни друштва, печатени медиуми, МАНУ… Ова затоа што барањето дополнителни услови, во смисла на овој закон, да бидат инкорпорирани во нивните внатрешни акти, исто така било противуставно, бидејќи било недозволено со општи и поединечни акти да се регулира правото на работа, условите за вработување, достапноста на секое работно место, политичката и верската подобност- работи кои длабоко навлегувале во орбитата на она што се нарекувало „човекови слободи и права”, кои можеле да бидат лимитирани само со закон, a не со статути и општи акти. Поради тоа, ваквите законски решенија биле во спротивност со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот. Понатаму, се наведува дека одредбите од член 36 до член 38 од Законот со кои се предвидени казнени одредби, биле во директен судир не само со Уставот, туку и со позитивните прописи од областа на казненото право. Имено, ниту Комисијата за утврдување на факти, ниту Владата или кој било орган на управата не бил овластен да води постапка за утврдување на вина, да предвидува изрекување на одредени санкции за извршени казниви дела односно за прекршоци како еден вид казниви дела. Согласно член 13 став 1 од Уставот, произлегувало дека вината за одредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука, што значело дека за сите казниви дела можеле да одлучуваат само судовите. Поради наведеното, овие одредби не биле во согласност со член 51 став 2 и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека Уставниот суд треба да го разгледа целиот закон во контекс на неговите ингеренции кои произлегуваат од член 11 од Уставот – да решава и за судирот на надлежностите помеѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт, да одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката, да одлучува за програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓани… Во спротивно, ќе имало на повидок развластување на надлежностите на овој орган кој ја штити уставноста и законитоста и пренесување на истите во надлежност на разни комисии и тела.

Се предлага, до донесување на конечна одлука за поништување на овој закон, Уставниот суд да донесе решение – времена мерка за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на овој закон, бидејќи со неговото извршување би можело да се имплицираат тешки ненадоместливи последици за граѓаните.

– Во иницијативата на Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) и на Стамен Филипов од Скопје, се наведува дека немало уставен основ за донесување на оспорениот закон, поради што тој бил неодржлив во уставниот поредок на Република Македонија. Како причини за тоа се наведува дека Законот бил донесен од политички и идеолошки причини и со него се кршеле и ограничувале основните слободи и права на граѓаните, затоа што тој закон се однесувал само за одреден период (од донесувањето на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на август 1944 година до денот на влегување во сила на овој закон, a ќе се применува само пет години од денот на неговото влегување во сила (членовите 2, 3, 4 став 3 и 42) и ќе се однесувал само на оние лица кои се кандидати за носители или се носители на јавна функција и претендираат да бидат во наредните пет години, како и за работите од јавен интерес и други дејности на правни лица (членови 30-35), со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија -основните слободи и права на човекот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори од член 8 став 1 алинеите 1, и 5, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите од член 9, членот 13 став 1, член 14, член 22, член 23, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот.

Co оспорениот закон се осудувал целиот општествено -политички систем од 1944 година до денес, што бил невиден преседан во една демократска и правна држава, поради што Законот имал повратно дејство, што не било допуштено согласно член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

При ова, морало да се има предвид дека согласно член 102 став 2 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна. Потоа, правните последици на осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, како што било предвидено со оспорениот закон, туку казнено-правниот однос се исцрпувал на релација на казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител со правосилна судска одлука и натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не биле допуштени, освен ако тоа не било изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Според член 12 став 3 од Уставот, од лицето повикано, приведено или лишено од слобода не може да се бара изјава.Но, со оспорениот закон, таква или слична изјава се бара од лице кандидат за носител или носител на јавна функција и за работи од јавен интерес и други дејности на правни лица и тоа со законски однапред определен текст (член 2 став 2, член 3 став 2, член 6 и член 40 став 2), a лицето пак кое нема да поднесе изјава до Комисијата за верификација на фактите, се смета дека не ги исполнува условите за вршење на јавна функција, односно за работи од јавен интерес и други дејности на правни лица, со што се повредувале член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 5, член 9, членот 11 став 1, член 12 ставовите 1, 2 и 3, член 18, член 22, член 23, член 25, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот.

Според член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот, само законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила во „Службен весник на Република Македонија”, a не и неподнесувањето на писмена изјава на лицето кандидат за носител на јавна функција, кандидат за работи од јавен интерес и други дејности на правни лица или носител на јавна функција и името, татковото име и презимето на лицето кое соработувало со органите на државната безбедност. Поради тоа со одредбите од член 6 став 3, член 13 и член 16 ставовите 1 и 2 од Законот со кои било пропишано наведеното, претставувале груба повреда на член 8 став 1 алинеја 3, членот 11 став 1, член 18, член 25, член 51 и злоупотреба на член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Одредбата од член 15 став 1 од оспорениот закон била спротивна на член 61 став 2 од Уставот, затоа што организацијата и функционирањето на Собранието се уредувале само со Уставот и со Деловникот, a не и со закон, како во случајов кога со овој закон се предвидува Собранието да ги избира членовите на Комисијата за верификација на фактите.

Одредбата од член 18 став 2 од оспорениот закон, според која својството на член на Комисијата не престанува со исполнување на условите за старосна пензија, значела повреда на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 30 од оспорениот закон, со кој обврската за поднесување на писмена изјава до Комисијата се однесува и за адвокатите и за медијаторите, се повредувал член 53 од Уставот, според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Одредбата од член 34 став 3 од оспорениот закон со која се пропишува дека и верските заедници и религиозни групи можат во своите основачки и други внатрешни акти и канони, да предвидат дополнителен услов во смисла на овој закон, за кандидатите за носители или носители на раководни функции и членови на нивни органи, била спротивна на точката 1 од Амандманот VII на Уставот, според кој црквата е одвоена од државата, што значело дека законодавецот не се придржувал кон оваа уставна норма при нормирањето на наведениот законски став.

Во Уставот, исто така, не било предвидено дека со закон може да се определува дополнителен услов за вршење јавна функција и за работи од јавен интерес и други дејности на правни лица, напротив согласно уставната определба за политичкиот плурализам и слободни непосредни и демократски избори, секој граѓанин имал право да учествува во вршењето на јавни функции, без ограничување.

Согласно член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, секој имал право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му било достапно секое работно место, но овие уставни одредби не биле почитувани при донесувањето на оспорениот закон.

Одземањето на имунитетот на пратениците во Собранието, согласно член 65 од Уставот, го утврдувало Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, поради што определбата во оспорениот закон дека Комисијата за верификација на фактите ја има таа надлежност, била противуставна. Исто така, и за одземање на имунитетот на претседателот на Републиката, согласно член 83 од Уставот, одлучувал Уставниот суд на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии, поради што определбата во оспорениот закон за таквото право на Комисијата за верификација на фактите, била противуставна.

Според член 89 став 3 од Уставот, претседателот на Владата и министрите уживале имунитет и за нивниот имунитет одлучувала Владата, a не Комисијата за верификација на фактите, како што било предвидено со оспорениот закон. Во иста насока се укажува дека биле противуставни одредбите од оспорениот закон според кои Комисијата за верификација на фактите одлучувала и за имунитетот на членовите на Републичкиот судски совет, за јавниот обвинител и за судиите на Уставниот суд, наместо Собранието, односно Уставниот суд, како што било утврдено со членовите 104, 107 и 109 од Уставот.

Условите за разрешување на судија биле утврдени со член 99 од Уставот, поради што неуставна била одредбата со оспорениот закон со која се пропишувале услови за престанок на функцијата на судија. При одлучувањето по оваа иницијатива се укажува на потребата да се има предвид дека Уставот на Народна Република Македонија донесен на 31 декември 1946 година бил конститутивен акт со кој за прв пат правно е заокружен процесот на создавање на македонска држава. Создавањето на Република Македонија како држава во состав на федералната држава Југославија во 1944 година, нејзиниот полувековен развој со јасните белези и атрибути на држава, несомнено била најзначајната алка во историскиот развој на борбата на македонската современа државност. Според тоа, органите на државната безбедност и нивните соработници, информатори, работеле во согласност со прописите и налозите и потребите на владите, како впрочем и сега.

На крајот, се предлага, до донесување на конечна одлука за поништување на овој закон, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на овој закон, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи политички, историски и правни последици.

5. Судот на седницата утврди дека по поднесувањето на иницијативите, Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2008) е изменет и дополнет со Закон за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009).

Законот е систематизиран во седум глави кои опфаќаат вкупно 44 члена.

Првата Глава носи наслов Општи одредби (чл. 1-5). Во оваа глава е опфатено основното прашање што го уредува Законот: определувањето на дополнителен услов за лице кандидат за носител на јавна функција или лице носител на јавна функција, дефинирањето на поимот дополнителен услов и начинот на неговото исполнување, како и определување на лицата на кои се однесува дополнителниот услов.

Во Главата втора, со наслов Обврска за поднесување писмена изјава (чл. 6-13), се разработува обврската за поднесување писмена изјава на лицето кандидат за носител на јавна функција или лицето носител на јавна функција, дека не соработувал со органите на државната безбедност во периодот определен со овој закон, се утврдува текстот на изјавата, се утврдува дека Комисијата за верификација на фактите со решение го утврдува неподнесувањето на писмената изјава на лицето кандидат за носител на јавна функција или лицето носител на јавна функција и го објавува во „Службен весник на Република Македонија”, се утврдува моментот на настапување на обврската за поднесување на изјавата, како и се утврдува натамошното постапување со решението со кое се утврдува неподнесувањето на писмената изјава на лицето кандидат за носител на јавна функција или лицето носител на јавна функција, во смисла дека истото се доставува до органот или телото надлежно за кандидирање или конкурирање, односно до органот или телото надлежно за покренување постапка за разрешување.

Во Главата трета со наслов Комисија за верификација на фактите (чл. 14 – 23) се утврдува основањето на Комисијата, како самостоен и независен орган кој ја води постапката на утврдување на фактите од изјавата на лицата опфатени со овој закон, се определува составот на Комисијата, постапката за избор на членови во Комисијата, начинот на работа на Комисијата, се утврдуваат надлежностите на Комисијата.

Во Главата четврта со наслов Постапка за верификација на фактите (чл. 24-29) се утврдува начинот на работа на Комисијата и се утврдува правото во судска постапка да се утврди вистинитоста на писмената изјава.

Bo Главата петта со наслов Дополнителен услов за работи од јавен интерес и други дејности на правни лица (чл. 30 – 35), се утврдува дека обврската за поднесување изјава се однесува и на основачи и вработени во трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа кои имаат дозвола за вршење радиодифузна дејност и основачи и вработени во друштва од областа на печатот, адвокат, адвокатско друштво и медијатор, како и се утврдува моментот на настанување на оваа обврска. Исто така, се утврдува дека дополнителен услов, во смисла на овој закон, може да се предвиди и за членовите на МАНУ, за основачите на високообразовните установи, за лицата избрани во наставно-научни, научни, наставни, соработнички и стручни звања во државни и високообразовни установи. Ваков дополнителен услов за своите членови, во своите интерни акти, можат да предвидат и политичките партии, здруженија на граѓани и фондации, верски заедници и религиозни групи.

Во Главата шеста со наслов Казнени одредби (чл. 36-38) се предвидуваат казнени одредби за лицата кои ќе извршат прикривање, замена, бришење, додавање, уништување или неовластено објавување на податоци поврзани со работата на лицата со органите на државната безбедност, како и за лицата кои ќе дадат лажна заверена писмена изјава.

Во Главата седма со наслов Преодни и завршни одредби (чл. 39 – 42) се утврдуваат роковите за избор на генерален секретар на Комисијата за верификација на фактите, за формирање на Секретаријатот како стручна служба на Комисијата која ќе ги врши стручните, административните и техничките работи на Комисијата, за избор на членовите на Комисијата, за обезбедување на основни материјално-технички и просторни услови за почеток на работа на Комисијата. Исто така, се утврдува дека Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија” и дека ќе се применува десет години од денот на изборот на составот на Комисијата за верификација на фактите.

Судот, исто така, утврди дека според член 5 став 1 точка 7 од Законот, како лица опфатени со овој закон се сметаат и судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија на Врховниот суд на Република Македонија, апелациони судови, Управен суд и основни судови, член на Судскиот совет на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, јавните обвинители и член на Советот на јавни обвинители;

Според член 10 став 3 на овој закон, неисполнувањето на услов за вршење на јавна функција поради неподнесување изјава, на претседател на Републиката и на пратеник во Собранието, Комисијата го утврдува со решение кое е должна веднаш, a најдоцна во рок од три дена, да го достави до Собранието на Република Македонија.

6. Уставот на Република Македонија е донесен на 17 ноември 1991 година („Службен весник на Република Македонија“ број 52/1991), Амандманите I и II („Службен весник на Република Македонија“ број 1/1992), Амандманот III („Службен весник на Република Македонија“ број 31/1998), Амандманите IV до XVIII („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2001), Амандманот XIX („Службен весник на Република Македонија“ број 84/2003) и Амандманите XX до XXX („Службен весник на Република Македонија“ број 107/2005).

Според преамбулата на Уставот, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите претци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку свите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори, го донесоа овој устав.

Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Собранието на Република Македонија, согласно своите надлежности утврдени во член 68 од Уставот, со закон ги уредува областите во општествениот живот. Во таа смисла, Собранието го има донесено Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, со кој се определува дополнителен услов за лице кандидат за носител или носител на јавна функција, изборна или во државна и јавна служба или во јавна дејност или друго јавно овластување и за други работи од јавен интерес и дејности на правни лица; се уредува основањето и надлежноста на Комисијата за верификација на факти и се уредува постапката за верификација на факти пред Комисијата и судот за утврдување несоработка со органите на државната безбедност и правните последици од таквата соработка.

Со донесувањето на овој закон, според образложението на Предлог-законот, Република Македонија се приклучи кон земјите од Централна и Источна Европа, како и кон земјите од соседството, кои јасно се дистанцираат од злосторствата направени во тоталитарните комунистички режими, со донесување и спроведување закони за лустрација, како мерка која даде огромни резултати за развојот на демократијата, демократските институции, владеењето на правото и заштитата на слободите и правата на граѓаните обезбедувајќи услови за брз влез во НАТО и Европската Унија.

Тргнувајќи од фактот дека уставна надлежност на законодавната власт е вршењето на законодавната функција, Судот оцени дека законодавецот имал уставна основа со закон да уреди одредено прашање од сферата на општественото живеење, за кое оценил дека е потребно и оправдано да се уреди посебно, односно да утврди нормативни претпоставки за тоа извршителите на прекршувањата на човековите права во претходниот политички систем, да не бидат носители на јавни функции во сосема друг, демократски систем, во која смисла и го донел оспорениот закон.

При оценувањето на уставноста на оспорениот закон, меѓутоа, пред Судот се наметна прашањето за уставната оправданост на временскиот опфат на Законот, конкретно, на опфаќањето на периодот по 1991 година, кога е донесен актуелниот Устав на Република Македонија со кој се дадени основите за изградба на демократско општество во кое владеењето на правото и заштитата на човековите права и граѓански слободи се издигнати на ниво на темелни вредности на уставниот поредок. Имено, се поставува прашањето која е оправданоста лустрацијата, освен да ги опфати поединците кои ги кршеле или ограничувале основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини, заради остварување на материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата во претходниот општествено-политички систем, кој се засновал на еднопартиско владеење и правен систем кој овозможувал жртвите да не можеле да ги остварат своите права, а извршителите да не можеле да бидат соодветно казнети, да се протега и на периодот кога е изграден демократски систем врз основа на поделба на власта, кој во својата основа ги има вградено заштитата на човековите права и слободи, како темелна вредност на уставниот поредок, врз која основа се изградени нормативни правила и институции за заштита на поединечните човекови права и слободи. Дали опфатот и на овој период со Законот не значи негирање на вредностите и институциите изградени во Република Македонија во согласност со актуелниот Устав и доведување под сомнение на функционирањето на правниот систем, односно владеењето на правото, како темелна вредност на сегашниот општествено политички систем.

Ако лустрацијата значи процес на справување со минатото, со цел да се одбележат и отстранат можностите за натамошно кршење на човековите права во актуелниот општествено политички систем, тоа практично значи дека треба да се однесува на периодот кога лицата имале можност да ги кршат човековите права и да ги злоупотребуваат за лични цели, без за тоа да постојат изградени уставни и законски можности за нивно санкционирање, што пак од друга страна упатува дека лустрацијата не би требало да се однесува на периодот кога државата изградила поинаков општествено политички систем, кој за основа ги има човековите права и нивната заштита.

Притоа, Судот имаше предвид дека во Република Македонија е донесен Закон за постапување со досиеја за лица водени од службата за државна безбедност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2000), кој согласно член 21 од истиот закон, ќе се применува една година од денот на влегувањето во сила, односно до 13 јули 2001 година. Тоа значи дека наведениот закон, чија содржина несомнено е поврзана со прашањето на лустрацијата, е исцрпен во примената.

Тргнувајќи од сфаќањето дека актуелниот Устав на Република Македонија треба да биде основата во однос на која ќе се врши лустрацијата на поединците кои се опфатени со Законот, односно дека со лустрацијата треба да се заштитат вредностите што ги утврдува овој устав, пред Судот основано се наметна прашањето дали определбата во Законот, лустрацијата да се однесува и на периодот по 1991 година, кога е донесен овој устав, до донесувањето на Законот, во суштина не води кон негирање на вредностите и институциите изградени во Република Македонија во согласност со овој устав, што може да води до повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок. Имено, принципот на владеењето на правото во демократските општества налага кршењето на човековите права да се санкционира во рамките на релативно траен правен систем, а не со мерки од повремен и темпорален карактер, како што во дадените историски околности е оспорениот закон.

Поради тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 2 став 1 во делот: „до денот на влегување во сила на овој закон“ со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

7. Според Судот, решението од член 8 од Законот, за објавување во „Службен весник на Република Македонија“ на имињата на лицата кои не поднеле изјава, и тоа по службена должност на Комисијата, без расправа, претставува повреда на достоинството, моралниот и личниот интегритет на граѓанинот заштитени со член 11 и член 25 од Уставот. Имено, тргнувајќи од содржината на наведените членови на Уставот, истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита. Од друга страна, решението во Законот според кое самото неподнесување на изјава од лицето кандидат за одредена функција или носител на одредена функција, без утврдување на причините за неподнесување на изјавата и без претходно спроведена постапка за утврдување на фактите околу неговата соработка со тајните служби, значи непроверено, паушално јавно жигосување на лицето како истото да било таен соработник или информатор, односно наредбодател или корисник на информациите со кои се кршени или ограничувани основните слободи и права на граѓаните од идеолошко-политички причини и од која соработка е остварена лична или материјална корист, што според Судот не е дозволено, затоа што ја надминува оправданоста на пропишувањето на посебниот услов за вршење на јавна дејност и значи непочитување на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот. Судот оцени дека јавното објавување на имињата на лицата кои нема да ја поднесат бараната изјава има карактер на санкција која може да има последица во сите сфери на нивното живеење, a не само забрана за вршење на јавна функција, што е целта на Законот, поради што, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на 8 од Законот со член 11 и член 25 од Уставот.

8. Според Судот, и решението во член 13 од Законот, според кое Комисијата, веднаш по завршувањето на постапката за верификација на фактите, односно по правосилноста на постапката пред надлежен суд, го објавува името, татковото име и презиме на лицето кое соработувало со органите на државната безбедност во „Службен весник на Република Македонија”, претставува непропорционално решение кое ја надминува оправданоста на пропишувањето на посебниот услов за вршење на јавна дејност и води кон непочитување на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот. Имено, целта на пропишувањето на дополнителниот услов за вршење на јавна функција е оневозможување на лицата кои ги кршеле човековите слободи и права да бидат носители на демократскиот развој на државата како носители на јавни функции, што според Судот, се постигнува со утврдување на фактите и известување за истите на надлежните органи кои ја спроведуваат постапката за избор и именување на лицата, односно до органите надлежни за разрешување на лицата од одредени функции. Оттука, објавувањето на податоците за лицата за кои ќе се утврди дека биле тајни соработници, наредбодатели или корисници на информациите во јавно гласило, претставува форма на јавно жигосување на истите, што има карактер на санкција која може да има последица во сите сфери на нивното живеење, a не само забрана за вршење на јавна функција, што е целта на Законот. Поради тоа, Судот оцени дека и ова законско решение може основано да се доведе под сомнение во однос на неговата согласност со член 11 и член 25 од Уставот.

9. Во однос на прашањето дали пропишувањето можност обврската за давање изјава, односно дополнителниот услов за вршење на јавна функција да се однесува и за лицата кои вршат партиски функции во политички партии, членуваат во здруженија на граѓани и фондации и во верски заедници и религиозни групи, значи инволвирање на државата во нивното работење, со што се надминуваат уставните гаранции на слобода на граѓаните на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, односно значи нарушување на уставната определба за одвоеноста на црквата, верските заедници и религиозни групи од државата, Судот ја имаше предвид определбата во член 34 ставовите 1 и 2 од Законот според која дополнителен услов во смисла на овој закон, можат во своите акти да предвидат и политичките партии, здруженија на граѓани и фондации, за кандидатите за носители или за носителите на нивни раководни функции, и покрај тоа што Законот не утврдува задолжителност за пропишување на дополнителен услов за наведените функции, туку тоа го остава како слободен избор на наведените субјекти. Според Судот, тоа во суштина значи мешање на државата во работењето на политичките партии, здруженијата на граѓани и фондациите, односно повреда на слободата на здружувањето гарантирана со член 20 од Уставот. Имено, оваа уставна одредба значи дека Уставот им гарантира на граѓаните слобода на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот). Тргнувајќи од наведеното, според Судот, политичките партии, здруженијата на граѓани и фондациите се слободни во пропишувањето услови за своите членови, но државата нема ингеренции да упатува какви услови треба да се предвидат за овие лица, ниту пак преку органи и тела кои таа ги формира и за кои се обезбедуваат финансиски средства од Буџетот на Републиката, да ја преиспитува точноста на тие услови. Тргнувајќи од наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 34 ставовите 1 и 2 од Законот, со член 20 од Уставот.

Според Судот, во иста насока треба да се цени и определбата во член 34 став 3 од Законот, според која дополнителен услов во смисла на овој закон, можат во своите основачки и други внатрешни акти и канони да предвидат и верските заедници и религиозни групи за кандидатите за носители или за носителите на раководни функции и членови на органи, во кој случај и по нивните барања би постапувала Комисијата за верификација на фактите. И во овој случај, Судот оцени дека станува збор за мешање на државата во работењето на верските заедници и религиозни групи, што е спротивно на Амандманот VII на Уставот со кој е утврдено дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско – Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Имено, со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија” бр. 113/07 од 20.09.2007 год.) се уредуваат основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредување на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи на црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања. Согласно член 2 став 2 на овој закон, верски службеник е лице кое е во служба и со своето верско убедување и припаѓа на црква, верска заедница и религиозна група и врши верско-обредни, просветни, организациски и добротворни активности во согласност со нормите на врховниот орган на својата регистрирана црква, верска заедница и религиозна група, кои се во согласност со Уставот, законите и правните прописи во Република Македонија. Имајќи го предвид наведеното, според Судот, не е спорно дека верските заедници и религиозни групи можат да предвидат во своите интерни акти постоење на посебни услови за своите членови, но државата нема ингеренции да упатува какви услови треба да се предвидат за верските службеници, a уште помалку, преку органи и тела кои таа ги формира и за кои се обезбедуваат финансиски средства од Буџетот на Републиката, да ја преиспитува точноста на тие услови. Поради наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 34 став 3 од Законот со Амандманот VII на Уставот.

10. Во Законот јасно се определува дека само лицата кои определениот период се евидентирани во органите на државната безбедност како тајни соработници или тајни информатори при оперативно прибирање известувања и податоци со кои се кршени или ограничувани основните слободи и права на граѓаните од политички или идеолошки причини, односно кои се евидентирани како наредбодатели или корисници на информации од таен соработник или таен информатор, со кои се кршени или ограничувани основните слободи и права на граѓаните од политички или идеолошки причини, не го исполнуваат дополнителниот услов за кандидат или носител на јавна функција. Притоа, во Законот јасно и прецизно се утврдуваат органите на државната безбедност со кои ќе соработува Комисијата за верификација на фактите, како и јасно се дефинира што се подразбира под соработка во својство на таен соработник или таен информатор, односно во својство на наредбодател и на корисник на информациите, односно се утврдува дека станува збор за свесна, тајна, организирана и континуирана соработка и активност, заснована со писмен документ, со органите на државната безбедност во својство на таен соработник или таен информатор при оперативно прибирање на информации што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државната безбедност, во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци и досијеа, оформени и водени за одредени лица со коишто се кршени или ограничувани основните слободи и права на граѓаните од идеолошко-политички причини и од која соработка е остварена материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата, односно се бара постоење на писмен документ за лицето дека наредило или одобрило дејствување со кое се кршени или ограничувани основните слободи и права на граѓаните од идеолошко – политички причини, односно писмен документ дека корисникот на информациите се послужил со информациите од тајниот соработник заради остварување на лична материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата. Ваквата законска дефиниција на лицата кои ќе се сметаат за тајни соработотници или информатори, односно за наредбодатели и за корисници на информациите, која се базира на постоење на писмен документ, во ситуација кога во Законот се дава можност и за докажување на тој факт во судска постапка, според Судот, се заснова на поединечна, конкретна, лична одговорност на поединецот, односно не станува збор за колективна одговорност врз основа на закон, поради што Судот оцени дека не можат да се прифатат наводите во иницијативите дека Законот претставува осуда на целиот претходен политички систем.

Од друга страна, според Судот, легитимно право на законодавецот е да пропише посебни услови за вршење на определени јавни функции, таксативно утврдени во Законот (член 5), при што негово право е да ја цени основаноста и оправданоста на условите кои ги пропишува со цел да се обезбеди и заштити јавниот интерес, во која смисла е и пропишаниот дополнителен услов кој значи исклучување од правото на вршење на тие функции на лицата за кои претходно се потврдило дека со своето однесување директно или индиректно учествувале во ограничување и повреда на основните слободи и права на граѓаните, од политички или идеолошки причини, заради остварување материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата. Пропишувањето на ваквиот посебен услов, како гаранција за имплементација на уставните одредби за заштита на основните човекови права и слободи, според Судот, е во согласност со одредбата од член 23 од Уставот, од причина што Уставот не ги пропишува условите за здобивање на јавна функција, од каде произлегува дека ваквата функција може да се добие само под услови пропишани со закон. Поради тоа Судот оцени дека пропишувањето на дополнителниот услов за вршење јавна функција претставува операционализирање на уставните определби дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите и дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

11. Наводите во иницијативите за повратното дејство на Законот, спротивно на член 52 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани. Имено, согласно член 42 од Законот, јасно е утврдено дека Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија” и дека ќе се применува десет години од денот на изборот на составот на Комисијата за верификација на фактите. Ваквото законско решение е во согласност со уставната определба од член 52 став 1 од Уставот според која законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Фактот што дополнителниот услов кој се пропишува во Законот се врзува за состојби кои настанале пред влегувањето во сила на Законот, сам по себе не значи автоматско повлекување на повратно дејство на законот кое е понеповолно за граѓаните во смисла на член 52 став 4 од Уставот. Ова затоа што целта на овој закон е оневозможување на извршителите на прекршувањата на човековите права во претходниот политички систем, кои заради така изградениот систем не биле соодветно казнети, а следствено на тоа, жртвите од таквото постапување не биле благовремено заштитени, да бидат носители на јавни функции во актуелниот демократски систем, е во функција на заштита на човековите слободи и права, што неспорно е во интерес на целата заедница. Притоа, од значење е дека Законот не предвидува кривични или прекршочни санкции за лицата за кои ќе се утврди дека биле сторители на тие дела, туку само предвидува ограничување на пристапот на таквите лица да вршат или да продолжат да вршат јавни функции.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со член 52 од Уставот.

12. Согласно член 6 ставовите 1 и 2 од Законот, лицето кандидат за одредена јавна функција или лицето носител на таква јавна функција, се должни да поднесат писмена изјава заверена кај нотар до Комисијата за верификација на фактите, со која изјавуваат дека не соработувале со органите на државната безбедност во периодот определен во член 2 на Законот. Во ставот 4 на овој член се утврдува текстот на изјавата.

Во однос на наведеното законско решение, кое се оспорува од аспект на тоа што според член 12 став 3 од Уставот, од лице повикано, приведено или лишено од слобода не можело да се бара изјава, што значело дека таква или слична изјава не можело да се бара од лице кандидат за носител или носител на јавна функција и за работи од јавен интерес, Судот имаше предвид дека во конкретниот случај, спорната изјава не се бара во кривично правна смисла, како што забранува Уставот штитејќи го начелото на презумпција на невиност, туку изјавата се бара како лична потврда од лицето дека преку соработка со тајните служби не прекршил или ограничил права на граѓаните поради политички или лични интереси, како гаранција дека може да му биде доверено вршење на одредена јавна функција која ќе биде во функција на зајакнување на демократијата и сигурност на заштита на човековите слободи и права. Станува збор за посебен вид на изјава, чија содржина е утврдена со закон, која е единствена за сите лица на кои се однесува и обврската за нејзиното доставување е временски ограничена, како што е впрочем временски ограничено траењето на целиот закон. Поради наведеното, според Судот, доставувањето на изјавата не треба да се сфаќа во смисла на доставување изјава за осудуваност или неосудуваност на едно лице како услов за вработување, туку како посебна изјава која има значење за определен временски период и која претставува личен однос на поединецот во однос на процесот на обезбедување и зацврстување на демократијата во државата и која значи јавно искажување на лицето за неговиот интегритет, компетентност, соодветност и лојалност, непристапност и правичност кон заштитата на човековите права, како елементи од кои зависи успешното извршување на јавната функција во демократски услови. Притоа, Судот имеше предвид дека од содржината на оспорениот закон, како и од образложението за донесување на истиот, неспорно произлегува дека целта на овој закон не е казнување на лицата кои биле тајни соработници или информатори, односно наредбодатели и корисници на информациите во смисла на овој закон, туку оневозможување лицата кои ги кршеле човековите слободи и права, да бидат носители на демократскиот развој на државата како носители на јавни функции. Поради наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата за неуставноста на обврската за доставување на изјавата, се неосновани.

13. Согласно член 10 став 1 од Законот, лицето од член 5 на овој закон носител на јавна функција, кое нема да поднесе изјава до Комисијата, се смета дека не ги исполнува условите за вршење на јавна функција. Согласно ставот 2 на овој член, решението за неисполнување на условот за вршење на јавна функција поради неподнесување изјава, Комисијата е должна веднаш, a најдоцна во рок од три дена, да го достави до органот или телото надлежно за покренување постапка за разрешување.

Од анализата на оваа законска одредба, како и од другите одредби во Законот со кои се утврдува надлежноста на Комисијата, произлегува дека Комисијата ги верификува фактите и за утврдените состојби ги известува органите или телата надлежни за покренување постапка за разрешување на лицето носител на одредена јавна функција. Тоа значи дека Комисијата нема надлежност да спроведува постапка и не одлучува за одземањето на имунитет на пратениците во Собранието, претседателот на Републиката, претседателот и членовите на Владата, судиите и другите носители на јавни функции, како што погрешно се наведува во иницијативата, туку има единствена надлежност за констатираните состојби да ги извести надлежните органи за именување и разрешување на наведените лица, кои понатаму, во согласност со своите утврдени надлежности, ќе спроведуваат соодветна постапка за разрешување на лицето од функцијата. Поради тоа, наводите во иницијативата дека Комисијата за верификација на фактите го одземала имунитетот на пратениците во Собранието, претседателот на Републиката, претседателот и членовите на Владата, судиите и другите носители на јавни функции, Судот ги оцени како неосновани.

14. Согласно член 80 од Уставот, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија. За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Согласно член 109 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, го сочинуваат девет судии, кои ги избира Собранието на Републиката од редот на истакнати правници.

Од наведените уставни одредби произлегува дека условите за избор на претседател на Републиката, односно за избор на судија на Уставниот суд се утврдени со Уставот, што значи дека нема уставен основ со закон да се утврдуваат услови што треба да ги исполнуваат лицата за вршење на овие исклучително значајни јавни функции.

При ваква состојба, со иницијативата се поставува прашањето дали дополнителниот услов за вршење на јавна функција, пропишан со оспорениот закон, може да се однесува и за лицата кандидати за вршење на овие функции, односно за лицата носители на овие функции во времето на влегување во сила на Законот.

При анализа на наведеното, според Судот, потребно е да се прави разлика помеѓу уставно утврдените услови кои треба да ги исполни лицето за вршење на функцијата претседател на Републиката, односно судија на Уставниот суд, од една страна, и посебниот услов за вршење јавна функција, кој се утврдува со посебен закон и се однесува на сите носители на јавни функции во државата, за определен период, од друга страна. Во вториот случај, станува збор за посебен услов кој треба да го исполни секое лице кое во периодот од десет години по конституирањето на Комисијата за верификација на фактите, врши или се кандидира да врши јавна функција, при што не се задира во уставно и законски утврдените услови за избор на лице на конкретна јавна функција. Пропишувањето дека ваквиот посебен услов за вршење на јавна функција се однесува на носителите на сите јавни функции во државата за одреден временски период, практично претставува претходен услов кој треба да го исполни секое лице кое сака да врши јавна функција, па само оние лица кои го исполнуваат овој услов, понатаму влегуваат во кругот на лица кои можат да вршат јавна функција. Таквиот пристап на законодавецот, според Судот, е во функција на обезбедување и заштита на човековите слободи и права и ги афирмира уставно определените темелни вредности за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Впрочем, лустрацијата како процес има токму смисла доколку ги опфати сите кандидати за носители на јавна функција, без исклучок и само таква мерка е општествено оправдана и во функција на градење на демократските процеси во Републиката. Според Судот, во оваа смисла треба да се цени и определбата дополнителниот услов да се однесува и на носителите на функциите претседател на Република Македонија и судија на Уставниот суд на Република Македонија, поради што Судот оцени дека опфатот на овие функции со Законот не е во несогласност со Уставот, како прашање кое посебно се оспорува со иницијативите.

15. Наводите во иницијативата дека пропишувањето на обврска за адвокатите и медијаторите да поднесат писмена изјава до Комисијата за верификација на фактите (член 30 од Законот) значело рушење на нивната самостојност и независност утврдена со член 53 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што вршењето на адвокатската дејност, како јавна служба, се уредува со Законот за адвокатурата, што е во согласност со уставната определба дека адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон, од каде произлегува дека не постои уставна пречка условите за обавување на адвокатската дејност, освен со Законот за адвокатурата, да се утврдат и со друг закон, како што е случај со решението во оспорениот закон. Освен тоа, треба да се има предвид дека самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, во која смисла, утврдувањето со закон на условите кои треба да ги исполнуваат адвокатите за вршење на оваа јавна служба, не може да се смета за повреда на самостојноста и независноста на оваа служба.

Според Судот, во иста смисла треба да се цени и определбата за пропишувањето на посебниот услов со овој закон и за медијаторите, имајќи предвид дека медијатор е физичко лице кое им помага на страните да постигнат спогодба, без право да наметне решение на спорот, во согласност со принципите на медијацијата (член 10 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” бр. 60/2006 и 22/2007) и дека условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење на оваа дејност се утврдени со закон (член 11 од истиот закон), односно дека не постои уставна пречка условите да бидат утврдени и со друг закон, во случајов со оспорениот закон.

16. Во однос на наводите во иницијативата за тоа дека одредбата од член 15 став 1 од Законот за изборот и разрешувањето на членовите на Комисијата за верификација на фактите од страна на Собранието на Република Македонија, била во спротивност со член 61 став 2 од Уставот, Судот имаше предвид дека согласно наведениот член од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот. Но, надлежноста на Собранието се утврдува со член 68 од Уставот, каде во став 1 алинеја 16, се утврдува дека во надлежност на Собранието е да врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон. Во оваа смисла, со оспорениот закон се утврдува основање на Комисија за верификација на фактите, со својство на правно лице и за чија работа средствата се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија. Членовите на оваа комисија се избираат и разрешуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, од редот на личности со висок личен и професионален интегритет, за време од пет години. Оттука, произлегува дека членовите на оваа комисија се носители на јавна функција утврдена со закон, поради што спаѓаат во кругот на лица чие именување и разрешување, според Уставот, е во надлежност на Собранието на Република Македонија, поради што Судот оцени дека оспорениот член 15 став 1 од Законот не е во спротивност со член 61 став 2 од Уставот.

Посебната улога и значење на Комисијата за верификација на фактите, посебните услови за избор на членови на Комисијата и траењето на мандатот на членовите, имајќи го предвид временски ограниченото важење на Законот, укажуваат на специфичниот карактер на работите и задачите на членовите на Комисијата, од каде произлегува и законската определба дека својството на член на Комисијата не престанува со исполнување на условите за стaросна пензија. Во овој случај станува збор за посебна јавна функција, чие вршење е условено со временското ограничување на важењето на Законот, поради што законодавецот се определил дека исполнувањето на условите за старосна пензија, само по себе, не треба да значи автоматски престанок на вршењето на функцијата, туку определил други случаи за престанување на својството член на Комисијата пред истекот на времето за кое е избран. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека ваквото законско решение не претставува повреда на начелото на владеењето на правото, ниту повреда на еднаквоста на граѓаните пред Уставот, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 18 став 2 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 9 од Уставот.

17. Во однос на наводите во иницијативата дека одредбите од член 36 до член 38 од Законот со кои се предвидуваат казнени одредби, биле во директен судир не само со Уставот, туку и со позитивните прописи од областа на казненото право, затоа што ниту Комисијата за верификација на фактите, ниту Владата или кој било орган на управата не бил овластен да води постапка за утврдување на вина, да предвидува изрекување на одредени санкции за извршени казниви дела односно за прекршоци како еден вид казниви дела, затоа што за сите казниви дела можеле да одлучуваат само судовите, Судот го имаше предвид член 14 став 1 од Уставот, според кој, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Од наведената уставна одредба произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија, подигнато на ранг на уставно начело, во казненото право се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, вградена во нејзините казнени закони, од друга страна. Тоа значи дека казнивите дела и казните се предвидуваат со закон или друг пропис, при што, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот, според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните. Во однос на законите со кои се уредува казнената сфера, Уставот единствено пропишува обврска дека постапките пред судовите (кривична, процесна, прекршочна, управна), се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.

Со оспорените казнени одредби од Законот, во оваа смисла, се пропишуваат дејствија кои се сметаат за казниви и се пропишуваат кривични санкции за сторителите на тие дејствија, што е израз на начелото на законитост, a не се пропишува надлежност за утврдување на вина, како што погрешно се наведува во иницијативата, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на одредбите од член 36 до член 38 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 2 од Уставот.

18. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

19. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точките 1 и 3, Решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.42/2008
У.бр.77/2008
27 јануари 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply