Одлука У.бр.232/2008

У.бр.232/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јануари 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 7 став 2 алинеите 1 и 3, насловот „VI. Активности што не се сметаат за лобирање“ и член 23 од Законот за лобирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Фондацијата „Институт отворено општество“, Здружението на граѓани „Транспарентност Македонија“ и Здружението на граѓани „Граѓанска асоцијација Мост“, сите од Скопје, со Решение У.бр.232/2008 од 25 ноември 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 7 став 2 од Законот се определуваат условите за стекнување својство на лобист, при што во алинеја 1 се пропишува дека лобистот мора да има високо образование од областа за која лобира, а во алинеја 3 се определува лобистот да не е казнет, односно да не му е изречена прекршочна санкција за забрана за вршење професија или дејност во областа за која треба да лобира.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другото, е владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Во член 32 од Уставот се определува дека секој има право на работа и слободен избор на вработување (став 1), секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2), остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека секој има право на работа и слободен избор на вработување, на секого мора да му се овозможи достапност на секое работно место под еднакви услови, правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што се обезбедува темелната вредност на владеењето на правото. Граѓанинот може да трпи правни последици од сторено кривично дело или прекршок само во обем определен со правосилна судска одлука, а не пред тоа и надвор од одлуката.

Со определбата во член 7 став 2 алинеја 1 од Законот лобистот да има високо образование од областа за која лобира, Судот смета дека се врши дискриминација на граѓаните по основ на општествена положба така што граѓаните кои немаат високо образование се дискриминирани затоа што не можат да дадат свој придонес во подготовката на законите. Од тие причини, Судот оцени дека таквата законска одредба не ги обезбедува правата определени во член 32 ставовите 1 и 2, начелото на еднаквоста утврдено во член 9 и темелната вредност на владеењето на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во однос на членот 7 став 2 алинеја 3 од Законот, Судот смета дека со него се определува дејноста лобирање да не може да ја врши граѓанин на кој му е изречена кривична или прекршочна санкција забрана за вршење дејност во областа за која треба да лобира, при што таа неможност трае неограничено време, па правната последица од правосилната судска одлука постои и надвор од одлуката, со што неосновано се ограничуваат правата на граѓаните определени во член 32 ставовите 1 и 2. Поради тоа, Судот оцени дека наведената законска одредба не е во согласност со член 13 став 1 и член 14 став 2 од Уставот.

5. Судот на седницата, исто така, утврди дека оспорениот наслов „VI. Активности што не се сметаат за лобирање“ и дека во оспорениот член 23 став 1 од Законот се предвидува дека: „За лобирање, во смисла на овој закон, нема да се сметаат активностите на лицата кои се повикани да учествуваат во процесот на подготвувањето, односно објаснувањето /имплементацијата на закони или други прописи од страна на законодавната, извршната или локалната власт без оглед дали таа своја активност ја вршат со или без надоместок“. Според оспорениот став 2 од истиот член на Законот, „за лобирање нема да се сметаат и активностите во смисла на ставот 1 од овој член што ги преземаат и правни лица (агенции, институции, здруженија на граѓани од разни области), без оглед дали за таа своја активност примаат надоместок“.

Во оспорениот став 3 од истиот член на Законот се определува дека: „Активностите на здруженијата на граѓани согласно со ставот 1 на овој член, кога се однесуваат на застапување на интересите на своите членови или на определени целни групи ако ги вршат без надоместок нема да се сметаат за лобирање согласно со овој закон“.

Имајќи предвид дека насловот на Глава VI и членот 23 од Законот, не обезбедува постоење на еднакви можности за пристап на сите заинтересирани да учествуваат во процесот на подготвување на законите и другите прописи со оглед на тоа дека се работи за дискреционо право на организаторите да покануваат по нивно наоѓање учесници во расправата, Судот смета дека постои можност за евентуална дискриминација и стеснување на кругот на заинтересираните кои имаат право и можност да учествуваат во расправата. Од друга страна, Судот смета дека активностите на здруженијата на граѓаните вршени со надоместок се сметаат за лобирање иако исти такви активности на другите правни лица не се сметаат за лобирање. Фактот што фондациите не се споменати во членот 23 од Законот, со цел да се земат предвид како можни лобисти, Судот го смета за недостаток во оваа законска одредба.

Покрај тоа, Судот смета дека оспорениот наслов и членот 23 од Законот не содржат поблиски критериуми за повикување на лицата да учествуваат во процесот на подготвувањето на законите и другите прописи, потоа определуваат активностите на здруженијата на граѓаните вршени со надоместок да се сметаат за лобирање иако таквите активности на другите правни лица не се сметаат за лобирање и неспоменувањето на фондациите во членот 23 од Законот предизвикува сите активности на фондациите да се сметаат за лобирање иако тие може и да не лобираат. Поради тоа, Судот оцени дека означениот наслов и членот 23 од Законот не се во согласност со темелната вредност на владеењето на правото.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.232/2008
13 јануари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply