Одлука У.бр.20/2009

У.бр.20/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 13 јануари 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 266-б став 4 точка 4 и став 8 и член 266-г став 12 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр. 20/2009 од 11 ноември 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 266-б став 4 точка 4 од Законот, претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело. Согласно ставот 8 на овој член, членовите на комисијата имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот надлежен за работите од областа на трудот.

Судот на седницата, исто така, утврди дека според член 266-г став 12 од Законот за работните односи, членовите на Комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата што ја определува министерот надлежен за работите од областа на трудот.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Со Амандманот XX од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 утврдува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).

Оспорената одредба од член 266-б став 4 точка 4 од Законот е поместена во прекршочните одредби со кои се утврдени прекршоците и прекршочните органи. Надлежен орган за изрекување на прекршочните санкции од член 266 став 1 од Законот е надлежниот суд. Согласно член 266-а став 1 за прекршоците утврдени во членовите 264 и 265 од овој закон, прекрошочна постапка води и прекршочна санкција изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот (во натамошниот текст: прекршочен орган).

Согласно ставот 2 на овој член, прекршочната постапка од ставот 1 на овој член пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (Прекршочна комисија).

Прекршочната комисија одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој закон или друг закон.

Против одлуката за прекршок што ја донел Прекршочниот орган може да се поднесе тужба за поведување управен спор.

Според член 266-б од Законот, прекршочна комисија формира министерот надлежен за работите од областа на трудот. Согласно ставот 2 на овој член, прекршочната комисија е составена од претседател и два члена од редот на државните службеници вработени во органот на државната управа надлежен за рботите од областа на трудот. Претседателот на комисијата е дипломиран правник со положен правосуден испит.

Прекршочната комисија се избира за времетраење од три години со право на реизбор на членовите (став 3).

Основите за разрешување на член на Прекршочната комисија се утврдени во ставот 4, меѓу кои е содржана и оспорената точка 4, според која претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Од содржината на оспорената одредба произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда за кривично дело, претставува основа за разрешување на член на Прекршочната комисија. Од тоа како е формулирана одредбата, произлегува дека оспорената одредба се однесува за осуда на кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина и независно од видот и висината на санкцијата.

Со тоа, според мислењето на Судот, се ограничува по сила на закон правото на членот на Прекршочната комисија да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можло да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Тргнувајќи од наведените причини, според Судот, формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека одредбата од член 266-б став 4 точка 4 од Законот за работните односи не е во согласност со Уставот.

6. Во однос на членот 266-б став 8 како и членот 266-г став 12 од Законот за работните односи, подносителот на иницијативата го оспорува овластувањето на министерот надлежен за работите од областа на трудот да ја определи наградата за членовите на Прекршочната комисија, односно на членовите на Комисијата за посредување, сметајќи дека за тоа во Законот не постојат критериуми и параметри.

Од анализата на оспорените одредби, како и од целината на Законот, произлегува дека навистина во Законот не се содржани критериуми и мерила врз основа на кои надлежниот министер ќе ја определи висината на наградата на членовите на двете комисии. Меѓутоа, она што во конкретниот случај за Судот е спорно е прашањето дали воопшто во Законот треба да биде предвидена награда на државните службеници членови на овие комисии. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка.

Оттука произлегува дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност.

Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности. Оттука и членувањето на државните службеници во Комисијата за прекршоци, осносно во Комисијата за посредување не може да се смета за дополнителен ангажман на државните службеници, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Според оценката на Судот, дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот.

Поради наведеното Судот оцени дека одредбите од член 266-б став 8 како и членот 266-г став 12 од Законот за работните односи не се во согласност со одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 20/2009
13 јануари 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply