158/2009-0-0

158/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 2 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за донесување Детален урбанистички план „Голем Ринг-Јужен дел-Исток“, Општина Центар, донесена под бр.07-648/2 од 14 март 2008 година од Советот на општина Центар, опфат меѓу

2. Аутомакедонија А.Д. Скопје на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката, означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 24 ставови 9 и 10 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Репу-блика Македонија“ бр.24/2008), како и со член 8 од Уставот. Ова од причина што Деталниот план бил изложен на јавна презентација и јавна анкета во просториите на Урбаната зедница „Роберт Гајдиќ“ во Скопје во периодот 30 јули 2008 до 12 август 2008 година, на која подносителот на иницијативата поднел писмена забелешка, но Стручната комисија неаргументирано ги образложила прифатените и неприфатените забелешки. Притоа, повеќе заинтересирани граѓани и правни лица поднеле писмени забелешки, предлози и мислења, кои резултирале со значајни промени на Нацрт-планот, промени на регулационата линија, на намената на земјиштето и другите пара-метри на Планот, односно истиот претрпел значајни промени, поради што подносителот на иницијативата очекувал, повторно спрове-дување на јавна презентација и јавна анкета, како што налагал Законот, но тоа не било случај. Наместо тоа, градоначалникот на општина Центар и покрај направениот голем пропуст, со повреда на членот 24 ставови 9 и 10 од Законот, ја донел оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје, во врска со член 22 став 1 и член 26 став 5 алинеја 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), Советот на општина Центар-Скопје на 90-та седница одржана на 14 март 2008 година ја донел оспорената одлука за донесување Детален урбанистички план „Голем Ринг-Јужен дел-Исток“ Општина Центар, опфат меѓу: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“.

Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со истата се донесува Детален урбанистички план „Голем Ринг-Јужен дел-Исток“ Општина Центар-Скопје, опфат меѓу: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиската содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови.

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат (9,0 ха) кој е дефиниран на опфат меѓу: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“.

Во членот 3 од Одлуката се наведува дека во утврдените граници на опфатот од член 2 е содржана воведна документација и друга планска документација, заедно со извештајот од спроведената јавна презентација и јавна анкета во УЗ “Боте Ботевски“ во периодот од 5 јули до 25 јули 2007 година и друго.

Во член 4 од Одлука, е определено дека Планот е донесен во седум примероци со означување каде истите се чуваат.

Во член 5 од Одлуката, се задолжува Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди комплетна документација за реализирање на планот, а според членот 6 од Одлуката, истиот Сектор е задолжен за чување и реализација на Планот.

Во член 7 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар“-Скопје.

Одлуката е донесена под бр.07-648/2 од 14 март 2008 година и е објавена во службеното гласило бр. 3 на истиот датум.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уста-вниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иниција-тивата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Судот, врз основа на доставената документација, а тргнувајќи од наводите во иницијативата оцени дека подносителот на иницијативата е во заблуда или по однос на ознаката на оспорената одлука (деловоден број и датум на носење) или по однос на фактите што се однесуваат на периодот на одржување на јавната презе-нтација и јавна анкета, местото на нејзино одржување и бројот на анкетните листови, а поради следново:

Оспорената одлука не се однесува на планирање на просторот во кој е лоциран деловниот објект на подносителот на иницијативата (оската на улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“), туку на друг простор, што пак не е попречувачка околност за поднесување на иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставно-ста и законитоста на било кој акт, па и на конкретната одлука за донесување на конкретниот Детален план.

Според наводите од иницијативата јавната презентација и јавната анкета се одржале во периодот 30 јули 2008 до 12 август 2008 година, во просториите на УЗ „Робер Гајдиќ“ и биле доставени голем број на на анкетни листови и забелешки од граѓани и правни лица, меѓу кои и од подносителот на иницијативата. Меѓутоа, од доставената документација од страна на општината Центар, Судот утврди дека јавната презентација и јавната анкета, како фази кои и претходеле на донесувањето на оспорената одлука, биле одржани во периодот 5 јули 2007 до 25 јули 2007 година (една година пред периодот што се наведува во иницијативата) во УЗ „Боге Ботевски“ (друга урбана заедница од наведената во иницијативата-УЗ „Робер Гајдиќ“), биле поднесени вкупно три анкетни листа и тоа само од граѓани (еден е прифатен и тоа за брза реализација на Планот). По повод оваа јавна презентација и јавна анкета не е поднесен анкетен лист од подносителот на иницијативата. Исто така, од значење е што оспорената одлука е донесена во март 2008 година, а подносителот за иницијативата приговара на јавна презентација и јавна анкета одржана во месец август 2008 година (5 месеци по донесување на одлуката) што уште повеќе оди во прилог на гледиштето дека во овој случај станува збор за error in facti.

Со оглед на тоа што причините за оспорување на Одлуката за донесување на Деталниот план не можат да се доведат во корелација со истата, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.158/2009
2 декември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply