93/2009-0-0

93/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2008) донесена од Владата на Република Македонија.

2. Зарија Алексоски од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и покрај тоа што подносителот бил од Судот писмено известен дека со Решение У.бр.33/2008 од 29 октомври 2008 година Судот повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година, донесена од Владата на Република Македонија, а потоа со Решение У.бр.33/2008 од 20 јануари 2009 година, Судот ја запрел постапката за оценување на уставноста и законитоста на наведената Одлука, се инсистира Уставниот суд да продолжи да одлучува и да поведе постапка против оспорената Одлука. Ова поради тоа што со Одлуката се вршело зголемување на износите на остварените пензии во четири категории преку различни проценти за секоја категорија и ваквиот начин на поделба бил спротивен на Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој зголемувањето го определувал линеарно на основа 50% од намалувањето на животниот стандард и 50% од исплатените лични доходи во Република Македонија. Оспорената одлука била во несогласност со членот 9 и членот 34 од Уставот на Република Македонија, па поради тоа не би можело да се прифати запирањето на уставната постапка која претходно била поведена за оспорената Одлука и се предлага Судот да ја укине Одлуката.

3. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи, со Решение У.бр.33/2008 од 29 октомври 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2008) донесена од Владата на Република Македонија, затоа што пред Судот се поставило прашањето на нејзината согласност со Уставот и со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Меѓутоа, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.33/2008 од 20 јануари 2009 година ја запре постапката за оценување на уставноста и законитоста на наведената одлука, од причини што таа се однесувала на утврдување повисок процент на усогласување на пензиите за 2008 година, што значи имала временско важење заклучно со усогласувањето на пензиите за месец декември 2008 година кога примената на одлуката се исцрпувала.

Имајќи ја предвид изнесената правна и фактичка состојба, а по повод барањето во иницијативата за продолжување на постапка на Судот за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи за истата работа Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и оспорената одлука била со темпорален карактер односно престанало временското важење заклучно со усогласувањето на пензиите за месец декември 2008 година, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.93/2009
18 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply