Решение У.бр.239/2009

У.бр.239/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Трајан Димовски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност определена во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Трајан Димовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност определена во член 110 алинеја 3 од Уставот, настаната со дејствија на нечинење и чинење од физички лица носители на правосудни функции и од Основниот суд во Гостивар, Основниот суд во Тетово, Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд на Република Македонија.

Во барањето се наведува дека после настанувањето на сообраќајна незгода на 6 март 2003 година, која се случила на магистралниот пат Гостивар – Кичево така што подносителот на барањето удрил со своето патничко моторно возило во запрено товарно моторно возило на ЈП „Македонија пат“ во ситуација кога камионот го расчистувал патот од одрони и кога немало сообраќаен знак за таква активност на патот (последица е, покрај другото, скршеница на рака на неговата сопруга), бил поднесен Обвинителен предлог КО.бр.136/03 од Основното јавно обвинителство во Гостивар против него, наместо против ЈП „Македонија пат“, Благојче Трпески – одговорно лице во Јавното претпријатие и Влатко Кекеновски – возач на камионот со оглед дека тие не го обележиле вршењето на работите со сообраќаен знак, а што била обврска според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Врз основа на таквата постапка, Основниот суд во Гостивар донел Пресуда К.бр.268/03 од 19 декември 2003 година, со која определил дека Трајан Димовски е виновен за сторено кривично дело „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и му изрекол условна осуда – казна затвор во траење од 3 (три) месеци, која нема да се изврши ако обвинетиот не стори ново кривично дело во рок од 1 (една) година од правосилноста на Пресудата.

Потоа тој поднел до Основниот суд во Гостивар (1) барање за поведување на прекршочна постапка против ЈП „Македонија пат“, Благојче Трпески и Влатко Кекеновски, за што е формиран предмет Прк.бр.1243/04-II, (2) барање за спроведување на истрага против Влатко Кекеновски и Благојче Трпески, за што е формиран предмет Ки.бр.58/04 и (3) супсидијарен обвинителен предлог и супсидијарен обвинителен акт против Влатко Кекеновски и Благојче Трпески, за што е формиран предмет К.бр.199/04, а до Основното јавно обвинителство во Гостивар поднел и кривична пријава против Влатко Кекеновски и Благојче Трпески. Но, Основниот суд во Гостивар не постапувал по наведените барања и супсидијарни обвинителни акти, туку тогашниот претседател на тој суд ги доставил до Основното јавно обвинителство во Гостивар, кое пак донело Решение КО.бр.181/04 од 6 декември 2004 година, за отфрлање на (1) кривичната пријава, (2) барањето за поведување на прекршочна постапка и (3) супсидијарниот обвинителен предлог и супсидијарниот обвинителен акт.

Поради таквото постапување, Трајан Димовски поднел до Основниот суд во Гостивар супсидијарен обвинителен предлог и супсидијарен обвинителен акт против Основниот јавен обвинител во Гостивар Хабил Иљази, за кривично дело „повреда на рамноправноста на граѓаните“ од член 137 на КЗ и против поранешниот претседател на Основниот суд во Гостивар м-р Бранко Секуловски, за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 на КЗ, за што е формиран предмет К.бр.233/05. Истовремено, Трајан Димовски побарал од Апелациониот суд во Скопје да определи друг основен суд вон гостиварско-тетовскиот регион да постапува по наведениот предмет, но не добил решение за таквото барање од тој суд, ниту пак од заменикот претседател на Основниот суд во Тетово Томислав Бошковски откако го добил Решението К.бр.395/05 на Основниот суд во Тетово, со кое се отфрлаат супсидијарните обвинителни акти на Трајан Димовски против Хабил Иљази и м-р Бранко Секуловски. Освен тоа, заменикот претседател на Основниот суд во Тетово не му одговорил ниту на други поднесоци како на пример: до каде е постапката по неговата жалба против Решението К.бр.395/05 на Основниот суд во Тетово, ниту пак добил одлука по жалбата против тоа решение; или, заменикот претседател Томислав Бошковски прифатил како основа фалсификуван потпис од Трајан Димовски на поштенската повратница за прием на Решението К.бр.395/05 од Основниот суд во Тетово, па донел Решение за отфрлање на жалбата како неблаговремена иако знаел дека состојбата била поинаква.

Трајан Димовски се обратил и до Врховниот суд на Република Македонија за определување на основен суд од подрачјето на друг апелационен суд кој би постапувал по предметите К.бр.199/04 и К.бр.233/05 на Основниот суд во Гостивар, но наместо за тие предмети Врховниот суд се произнел, со Решение Кр.бр.24/06, за предметот К.бр.395/05 на Основниот суд во Тетово.

Врз основа на сите овие дејствија, подносителот на барањето смета дека е повредена еднаквоста на граѓаните, правото на жалба, правото на поднесување на претставки и добивање одговори на нив и правото на слободно движење, а последица на тие повреди е неговото дискриминирање по основ на социјална припадност, поради што бара уставно-судска заштита на забраната на дискриминација.

3. Судот на седницата утврди дека на 6 март 2003 година настанала сообраќајна незгода на магистралниот пат Гостивар – Кичево. За тој настан Основното јавно обвинителство поднело Обвинителен предлог, КО.бр.136/03 од 10 ноември 2003 година, против Трајан Димовски за сторено кривично дело „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 на КЗ. Во Обвинителниот предлог, покрај другото, се наведува дека товарното моторно возило управувано од Влатко Кекеновски „во моментот на ударот бил застанат со вклучено жолто ротационо светло за предупредување на другите учесници во сообраќајот“.

На 19 декември 2003 година Основниот суд во Гостивар донел Пресуда К.бр.268/2003 со која утврди вина на Трајан Димовски за кривично дело „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 на КЗ и на обвинетиот му изрекол условна осуда – казна затвор од 3 (три) месеци, која казна нема да се изврши ако обвинетиот не стори ново кривично дело во рок од 1 (една) година. Во Пресудата, покрај другото, се утврдува дека товарното моторно возило со кое управувал Влатко Кекеновски во моментот на ударот било застанато со вклучено жолто ротационо светло за предупредување на другите учесници во сообраќајот.

На 24 февруари 2004 година Трајан Димовски поднел до Основниот суд во Гостивар барање за поведување на прекршочна постапка против ЈП „Македонија пат“, Благојче Трпески-одговорното лице во Јавното претпријатие и Влатко Кекеновски-возач на товарното моторно возило, за што е формиран предмет Прк.бр.1243/04-II.

На 18 март 2004 година Трајан Димовски поднел до Основното јавно обвинителство во Гостивар кривична пријава против Влатко Кекеновски и одговорното лице во ЈП „Македонија пат“.

На 31 март 2004 година Трајан Димовски поднел до Основниот суд во Гостивар барање за спроведување на истрага против Влатко Кекеновски и одговорното лице во ЈП „Македонија пат“, за што е формиран предмет Ки.бр.58/04.

На 16 јуни 2004 година Трајан Димовски поднел до Основниот суд во Гостивар супсидијарен обвинителен предлог и супсидијарен обвинителен акт против Влатко Кекеновски и Благојче Трпески, за што е формиран предмет К.бр.199/04.

На 18 октомври 2004 година претседателот на Основниот суд во Гостивар м-р Бранко Секуловски го известил Трајан Димовски дека: „предметите Прк.бр.1243/04-II, Ки.бр.58/04 и К.бр. 199/04 се испратени на претходна постапка до Основното јавно обвинителство во Гостивар како надлежен орган кој постапува по службена должност од причина што Вие се немате стекнато со право на овластен тужител се додека Основното јавно обвинителство Гостивар не се откаже од гонење“.

На 6 декември 2004 година Основното јавно обвинителство во Гостивар донело Решение, КО.бр.181/04, со кое: „се отфрла кривичната пријава кон која се приклучени и барањето за поведување на прекршочна постапка отстапено од Основниот суд во Гостивар и супсидијарниот обвинителен предлог и обвинителен акт отстапени на надлежност и постапување од Основниот суд во Гостивар“. Причината за отфрлањето е: „пријавените дела не се кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност“. Како поука се наведува дека оштетениот може да го преземе гонењето во рок од 8 дена од приемот на Решението.

На 20 мај 2005 година Трајан Димовски поднел до Јавното обвинителство на Република Македонија кривична пријава против Јавниот обвинител во Гостивар и претседателот на Основниот суд во Гостивар за сторени кривични дела „повреда на рамноправноста на граѓаните“ од член 137 на КЗ и „злоупотреба на службената положба и овластувања“ од член 353 на КЗ.

На 25 јули 2005 година Трајан Димовски поднел до Основниот суд во Гостивар супсидијарен обвинителен предлог и супсидијарен обвинителен акт против Јавниот обвинител во Гостивар и претседателот на Основниот суд во Гостивар за наведените сторени кривични дела, за што е формиран предмет К..бр.233/05, а на истиот ден поднел и предлог до Апелациониот суд во Скопје за определување на друг стварно надлежен суд за постапување по наведениот предмет.

Апелациониот суд во Скопје донел Решение, Кр.бр.135/05 од 4 август 2005 година, со кое го определил Основниот суд во Тетово да постапува по предметот К..бр.233/05 на Основниот суд во Гостивар, при што со допис, ПОП.бр.377/05 од 2 декември 2005 година, Апелациониот суд во Скопје го известил Трајан Димовски за тоа постапувајќи по неговата поплака.

На 19 октомври 2005 година Основниот суд во Тетово донел Решение, К.бр.395/05, со кое се отфрла супсидијарниот обвинителен акт и предлогот против Јавниот обвинител во Гостивар Хабил Иљази и судијата на Основниот суд во Гостивар м-р Бранко Секуловски поради немање на основи со оглед дека: „во дејствијата на обвинетите не се содржани обележјата на законските битија на кривичните дела што им се ставаат на товар“ и „дејствијата наведени во обвинението се однесуваат на донесени одлуки, дадени мислења, известувања и дејствија преземени од страна на обвинетите во својство на Основен јавен обвинител и претседател на суд …“.

На 7 март 2006 година Трајан Димовски поднел предлог до Врховниот суд на Република Македонија за определување на стварно надлежен основен суд од подрачјето на друг апелационен суд за постапување по предметите К.бр.199/04 и К.бр.233/05 на Основниот суд во Гостивар.

На 6 април 2006 година Врховниот суд на Република Македонија донел Решение Кр.бр.24/2006, со кое го отфрла како недозволен предлогот за определување на друг стварно надлежен суд да постапува по предметот К.бр.395/05 на Основниот суд во Тетово.

Од содржината на сите наведени судски акти произлегува дека тие се однесуваат на материјалната страна на настанот – сообраќајната незгода од 6 март 2003 година и на постапката во врска со тој настан пред сите наведени судови, а не дека тие акти, и дејствијата поврзани со нив, се преземаат заради дискриминирање на подносителот на барањето по основ на неговата социјална припадност.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) се определува дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако не е надлежен да одлучува по него.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување и, трето, забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Деловничката одредба, пак, определува дека барањата за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува се отфрлаат.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај се бара Судот да утврди постоење повреди на уставни права на граѓаните надвор од оние кои се во делокруг на Уставниот суд на Република Македонија според член 110 алинеја 3 од Уставот, односно надвор од неговата надлежност, како и што од изнесената фактичка состојба не произлегува дека оспорените дејствија се засноваат на дискриминација на подносителот на барањето по основ на неговата социјална припадност, туку тие дејствија така се интерпретираат со цел да се извлече инстанционо произнесување на Уставниот суд на Република Македонија, што е исто така надвор од неговата надлежност според член 110 од Уставот, Судот оцени дека таквото барање не е во надлежност на Судот, поради што го отфрли барањето.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.239/2009
28 октомври 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply