Издвоено мислење по предметот У.бр.126/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), по моето гласање против Решението У.бр.126/2020, донесено на седницата одржана на 24 јуни 2020 година, со кое Уставниот суд одлучи да jа запре постапката за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020), писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд по повод иницијативата поднесена од Светскиот македонски конгрес, со Решение У.бр.126/2020 од 27 мај 2020 година поведе постапка за оценување на уставноста на предметната Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020), затоа што основано се постави прашањето за неjзината согласност со Уставот, и одлучи да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената уредба со законска сила. По ваквата одлука на Судот, Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 29 мај 2020 година донесе нова Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, бр.44-4750/1 од 29 мај 2020 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 140/2020 од 29 мај 2020 година. Во членот 4 на Уредбата е предвидено дека со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила престанува да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020 и 123/2020). Новата Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија влегува во сила на 29 мај 2020 година, кога е и објавена во “Службен весник на Република Северна Македонија”. Судот на седницата одржана на 24 јуни 2020 година, оцени дека Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020 и 123/2020), за која е поведена постапка за оценување на уставноста, не е повеќе во сила ниту во примена, односно оспорената уредба не е повеќе во правниот поредок, и поради наведеното, а согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот, Судот одлучи да ја запре постапката и да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената уредба со законска сила.

Mојот став во однос на уставноста на оспорената уредба беше изнесен на седницата на Судот, којшто со Решението У.бр.126/2020 година, оправдано изрази сомнеж во уставноста на предметната уредба, од причини што со донесувањето на оспорената уредба Владата на Република Северна Македонија ги пречекорила, односно ги надминала своите со Устав предвидени овластувања. Имено, донесувањето на оспорената уредба со законска сила, според Судот не претставува мерка којашто има непосреден ниту посреден ефект во справувањето со последиците од епидемијата и Владата согласно овластувањата предвидени во членовите 125 и 126 од Уставот треба да донесува уредби со законска сила само и исклучиво со цел справување со причинителот и последиците од вонредната состојба предизвикана од присуството на коронавирусот – COVID-19, а не и уредби со кои се уредуваат медиумските услуги коишто ги уредува Владата со оспорената одредба и коишто според Судот немаат допирни точки со вонредната состојба. Од овие причини, Судот оцени дека Владата на Република Северна Македонија излегува надвор од овластувањето коешто согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба согласно членовите 125 и 126 од Уставот и мерката којашто е уредена со предметната уредба нема легитимна цел ниту општествена оправданост, истата е непропорционална во светло на целта којашто се сака да се постигне, односно во справувањето со кризата предизвикана од коронавирусот COVID-19. Судот, во конкретниов случај, оправдано го примени членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената уредба, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Во однос на прашањето дали Уставниот суд е надлежен да ја цени и законитоста на уредбите со законска сила, мојот став е изнесен во повеќе наврати во извоените мислења по решенијата У.бр 46/2020, У.бр.44/2020, У.бр.50/2020, У.бр.46/2020, У.бр.49/2020, и Одлуката У.бр.49/2020, меѓутоа апсолутно не се согласувам со одлуката на мнозинството судии и со правните основи и аргументи на кои се темели Решението У.бр.126/2020, со кое на седницата одржана на 24 мај 2020 година, Уставниот суд одлучи да jа запре постапката за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020).

Според тоа, сметам дека Судот требаше да демонстрира бескомпромисна одлучност во обезбедувањето на темелната вредност на нашиот уставен поредок – владеењето на правото, со цел да ги спречи изигрувањето и грубите повреди на Уставот и законите од страна на Владата на Република Северна Македонија, односно да го примени чл.70 од Деловникот на Уставниот суд, и да утврди неуставност и незаконитост на оспорената уредба со законска сила во времето на нејзиното важење.

Членот 70 од Деловникот на Уставниот суд, во алинејата 6 предвидува дека Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа: „за утврдување на неуставност на закон односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување”. Во конкретниов случај, беа исполнети сите услови за поништување на предметната уредба со законска сила, но сепак, Судот одлучи да ја запре постапката, бидејќи оспорениот акт во текот на постапката престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок. Според моето мислење, ваквата одлука, не дава придонес во она што е примарна надлежност на Уставниот суд, да ја штити уставноста и законитоста и наместо да демонстрира одлучност во обезбедувањето на уставно-правното начело на владеење на правото, со цел да го спречи изигрувањето и повредите на Уставот, Судот всушност направи компромис на штета на уставно-правното начело на владеење на правото од кое произлегува и правната сигурност за граѓаните.

Доколку Уставниот суд го применеше членот 70 од Деловникот и утврдеше неуставност на предметната уредба со законска сила во време на важењето, а што престанала да важи во текот на постапката, Судот ќе спречеше изигрување на уставните надлежности и тогаш новата Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, бр.44-4750/1 од 29 мај 2020 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 140/2020 од 29 мај 2020 година, донесена по решението со кое беше поведена постапка и беше ставена времена мерка, ќе ја доживееше истата судбина, односно ќе беше во подоцнежна фаза поништена, ќе беа поништени поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената уредба, односно ќе се отстранеа правните последици коишто произлегле од истата, и ќе беше задоволена темелната вредност на нашиот уставен поредок – владеењето на правото.

Судија на Уставниот суд
на Република Северна Македонија
д-р Дарко Костадиновски

Решение У.бр.126/2020