Учество на XIV Конгрес на Конференцијата на Европските уставни судови

Делегација на Уставниот суд на Република Македонија предводена од Претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски од 2 до 7 јуни 2008 година учествуваше на XIV-тиот Конгрес на Конференцијата на Европските уставни судови што се одржа во Вилниус-Литванија.

Тема на Конгресот беше „Проблемите на законодавниот пропуст во уставно-судската практика“ во рамките на која се дискутираше за надлежноста на уставните судови да ја оценуваат уставноста на правните празнини. На Конгресот беше презентиран генералниот извештај изготвен врз основа на националните извештаи на уставните судови на земјите членки, меѓу кои и на Уставниот суд на Република Македонија. Во овој извештај беше истакнато дека испитувањето и оценувањето на законодавниот пропуст претставува значајно средство на уставно-судска контрола преку кое се обезбедува супрематијата на Уставот, усогласеноста на правниот систем и подобра заштита на уставните права и слободи на поединецот. Преку дискусиите на учесниците на Конгресот беше презентирана различна уставно-судска практика за испитување и оценување на правните празнини, при што мнозинството на излагачи истакнаа дека оценувањето на законодавниот пропуст е значаен аспект на обезбедувањето на уставноста на законите.

На Конгресот присуствуваа делегации од 39 европски земји – полноправни членки на Конференцијата на европските уставни судови, како и гости и набљудувачи – претставници на уставните судови од Централна и Јужна Америка, Азија и Африка, претставници на Европскиот суд за човекови права, Европскиот суд на правдата и Венецијанската комисија на Советот на Европа.

На Кругот на претседателите на Конференцијата на европските уставни судови, Врховниот суд на Монако беше примен во полноправно членство во Конференцијата, а беше одлучено следниот XV Конгрес да се одржи во 2011 година во Букурешт, Романија.