219/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 124 од Законот за меѓународното приватно право (“Службен весник на Република Македонија” бр.87/2007).

2. Сашо Врбовски, адвокат од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата се спори уставноста на членот 124 од Законот за меѓународното право, од причини што оспорената одредба предвидувала продолжена примена на дерогираниот поранешен сојузен закон, спротивно на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, со која бил укинат Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи (“Службен весник на СФРЈ” бр.43/1982 и 72/1982).

Според подносителот на иницијативата ваквата ситуација на временска неусогласеност на престанокот на примената на еден закон со укинувањето на истиот тој закон од страна на Уставниот суд оставало период на законски вакуум, односно 7-дневна нормативна непокриеност или ненормираност на многубројни односи со меѓународен елемент, кои можел да предизвика потешки последици по правата и интересите на граѓаните со меѓународни импликации, правна несигурност и конфузија во меѓународниот промет што било спротивно на уставните принципи на владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право предвидени со член 8 од Уставот.

Од овие причини се предлага оспорената одредба од Законот да се укине поради нејзината несогласност со членовите 8 и 52 став 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 124 од Законот за меѓународното приватно право овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

За владеењето на правото потребно е правните акти да ги имаат следниве карактеристики: општост, одреденост, праведност и постојаност. Општост значи обврска правните акти да содржат општи апстрактни правила за однесување на сите луѓе, без исклучок (erga omnes tangit); одреденост значи познавање на правните акти пред нивното стапување во сила; праведност значи водење сметка содржината на правните акти да одговара на природата на нештата и постојаност значи временски неопределено важење на правните акти.

Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Објавувањето на законите е услов законите да влезат во сила. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а само по исклучок што го утврдува Собранието на Република Македонија, со денот на објавувањето.

Имено, времето што истекува од моментот на објавувањето на законот до моментот на неговото влегување во сила се нарекува период на чекање на законот или vacatio legis. Смислата на vacatio legis се состои од потребата на граѓаните да бидат запознаени со содржината на законот пред неговото влегување во сила, како и од создавање на определени технички услови од надлежните органи за практична примена на донесениот закон. Објавувањето и vacatio legis имаат функција граѓанинот навреме да се запознае со содржината и точниот датум на влегување на законот во сила (urbi et orbi).

Од анализата на цитираната уставна норма на членот 52, јасно произлегува дека Уставот на Република Македонија прави временска разлика меѓу прогласувањето на законите, нивното објавување и влегување во сила. Имено, законот според оваа уставна норма влегува во сила осмиот ден од неговото објавување во службеното гласило. Оттука, според Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 124 од Законот за меѓународно приватно право е во спротивност со Уставот, бидејќи токму оспорената одредба е израз и исполнување на гаранциите на основните слободи и права, односно оспорениот член го преточува уставното овластување законите да влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето и го регулира периодот на чекање на законот или vacatio legis.

Фактот што од една страна, со членот 123 од истиот Закон се регулира дека со денот на влегувањето во сила на овој закон (19 јули 2007 година) престанува со примена Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.43/1982 и 72/1982), а од друга страна, пак, со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.127/2006 од 4 јули 2007 година, која произведува правно дејство од денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија” (12 јули 2007 година) е укинат Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.43/1982 и 72/1982), според Судот не значи и нарушување на принципот на владеењето на правото ниту пак на правната сигурност на граѓаните. Ова од причина што и покрај темпоралната неусогласеност на важење на законот (7 дневен правен вакуум) не се повредува принципот на владеењето на правото, бидејќи и стариот Закон во предвидениот рок со Уставот не бил усогласен со новиот политички и правен поредок и претходно е појавена состојбата на правен вакуум. Така, со сега донесениот Закон за меѓународно приватно право всушност се регулира една одредена сфера, односно се определуваат правила за определување на меродавното право за личните, семејните, работните, имотните и други меѓународно правни односи со меѓународен елемент, како и правила за надлежноста на судовите и другите органи на Република Македонија за расправање на наведените односи, правила на постапката и правила за признавање на странските судски одлуки и одлуки на другите органи на странска држава.

Имено, токму со овој закон се уредени меѓународните приватни односи, соодветно на уставните начела и принципи, на начин на кој се обезбедува надлежните органи за решавање на овие прашања да донесат сигурни решенија, а се во функција на обезбедување на правната сигурност на граѓаните и обезбедување на принципот на владеењето на правото.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не може да се доведе под сомнение, бидејќи истата е во согласност со Уставот на Република Македонија и одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.219/2007
5 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски