У.бр.95/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 29 март 2006 година донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 32 став 1 точка 7 и член 62 став 1 точка г) од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 35/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У. бр. 95/2005 од 8 февруари 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 32 став 1 точка 7 и член 62 став 1 точка г) од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 32 став 1 точка 7 од Законот за извршување, за извршител може да биде именувано лице кое, меѓу другите услови, го исполнува условот да не е кривично осудувано и против него да не се води кривична постапка, додека според член 62 став 1 точка г), функцијата на извршителот му престанува ако биде осуден за кривично дело.

5. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции.

Според член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно став 3 на овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло или општествена положба.

Според член 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, како и на извршување на брод и на воздухоплов.

Согласно член 3 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.

Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за извршување, се дефинирани како лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија.

Согласно член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот ги презема следниве дејствија: прима писмени и усмени барања за извршување; врши достава на судски писмена; врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа; врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето; прибира податоци за имотната состојба на должникот во функција на извршувањето; донесува налози, заклучоци, составува записници, барања и службени белешки; врши попис, процена, пленидба, продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение и распределува средства; врши иселување и други извршни дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон и подзаконски акти; врши објавување во средствата за јавно информирање и врши други дејствија предвидени со закон.

Извршителот го именува министерот за правда врз основа на конкурс (член 33 од Законот).

Согласно член 31 од Законот, извршителот се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за коешто е именуван, а при спроведување на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија.

Извршителот има свое седиште, печат, штембил, депониран потпис, како и посебна сметка (член 35 од Законот). Согласно член 36 од Законот, Министерството за правда на именуваниот извршител, заменик на извршител и помошник на извршител им издава легитимација.

Според член 39 од Законот, извршителот не смее да врши јавни функции, или раководни, надзорни и управни функции во трговски друштва, државни заводи, служби за наплата, трговски дејности, посреднички, нотарски и адвокатски работи. Извршителот не смее да биде во служба на верска заедница или религиозна група. Овие забрани не се однесуваат на вршење научни, уметнички и наставни дејности, дејноста судски преведувач, како и за вршење дожности во Комората и во меѓународните здруженија на извршители.

Со цел за непречено спроведување на извршувањето извршителот има право на пристап до сите информации и податоци од работодавачот, банките, јавните книги и регистрите за конкретен должник. Извршителот при спроведување на извршувањето има право да побара податок или асистенција од државен орган кој има обврска да соработува со извршителот (член 41 од Законот).

Извршителот подлежи на дисциплинска одговорност (Глава шеста од Законот) како и на материјална одговорност за штета причинета со незаконско спроведување на извршните дејствија и со неисполнување на должностите што ги има како извршител (член 43 од Законот).

Според член 46 од Законот, извршителот за извршените дејствија има право да наплати награда по тарифа која ја пропишува Министерот за правда.

6. Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите од Законот за извршување и разгледувајќи ги оспорените членови 32 став 1 точка 7 и 62 став 1 точка г) од овој закон од аспект на причините наведени во иницијативата, Судот смета дека тие не се во согласност со уставното начело на владеење на правото, како и начелата на презумпција на невиност и законитост во пропишувањето и изрекувањето на кривичните санкции утврдени со член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот.

Имено, неспорно е дека со споменатите одредби од Законот за извршување се пропишуваат правни последици од осуда за кривично дело во вид на забрана на стекнување на определено право (во случајот со оспорениот член 32 став 1 точка 7 – забрана за именување на јавна функција), односно правна последица што се состои во губење на веќе стекнато право (во случајот со оспорениот член 62 став 1 точка г) – престанок на функцијата извршител), поради осуда за кривично дело.

Оценувајќи ги оспорените одредби од аспект на принципот на владеењето на правото што е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија Судот смета дека поради нивната непрецизност тие не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што во двете оспорени одредби не се наведени ниту кривичните дела, ниту пак изречените санкции што во конкретен случај би претставувале пречка едно лице да биде именувано за извршител, односно поради кои на именуваниот извршител би му престанала функцијата. Тоа значи дека во случајот со одредбата од член 32 став 1 точка 7) во делот “да не е кривично осудуван” забраната едно лице да биде именувано за извршител е генерална, односно таа се однесува на осуда за кое било кривично дело, независно од неговата природа или тежина, како и на секоја изречена санкција независно од нејзиниот вид и висина.

Од формулацијата на оспорената одредба на член 62 став 1 точка г), исто така, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е причина за престанок на функцијата извршител.

Овие непрецизности на оспорените одредби, според Судот, го ограничуваат правото едно лице да биде именувано за извршител, односно правото да ја врши функцијата извршител дури и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со оваа функција. Од овие причини, Судот утврди дека формулациите на оспорените законски одредби се недоволно прецизни и јасни и како такви не обезбедуваат правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото.

Според Судот, поради нивната непрецизност, оспорените одредби не се во согласност и со член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот. Имено, недостатокот во двете одредби на квалификацијата “правосилна” осуда, претставува директна повреда на уставното начело на презумпција на невиност, бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука. Покрај тоа, според Судот, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа може да се прави само со правосилна судска одлука.

Притоа, Судот го имаше предвид новиот систем на извршување на судските одлуки воспоставен со Законот за извршување, според кој оваа надлежност преминува од државен орган – судот, на физички лица – извршители, кој нужно налага со закон јасно и прецизно да се уреди статусот, односно правата, обврските и одговорностите на извршителите како носители на јавни овластувања, вклучувајќи ги и условите потребни за вршење и престанок на оваа функција. Спроведувањето на правосилните судски одлуки несомнено претставува дејност од јавен интерес и заради неговото остварување, а пред се заради заштитата на личните и имотните права на граѓаните од евентуални злоупотреби во текот на извршувањето, државата има легитимно право со закон да ги пропише потребните услови што треба да ги исполнува едно лице за да може да биде именувано за извршител, со цел да се обезбеди оваа функција да им биде доверена на лица кои ќе ја вршат совесно, стручно, непристрасно и професионално.

Во таа смисла, Судот утврди дека предвидувањето на неосудуваноста како услов едно лице да биде именувано за извршител, не е во несогласност со Уставот. Меѓутоа, тоа мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/96; 80/99; 4/2002; 43/2003; 19/2004 и 81/2005). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1). Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна (став 2). Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата (став 3).

Значи неосудуваноста како услов едно лице да биде именувано за извршител може да егзистира само за конкретно дефинирани кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор и таа може да трае точно определен период, а не како трајна забрана за именување на оваа функција (како што е случај со дел од оспорената одредба од член 32 став 1 точка 7).

Трајната забрана за именување извршител поради кривична осуда за кое било кривично дело и на која било кривична санкција, односно престанокот на функцијата извршител од истите причини, според Судот е непропорционална на целите поради кои законодавецот ја утврдил и предизвикува прекумерно и неоправдано ограничување на правата на граѓаните. Од овие причини Судот утврди дека таквото ограничување на правата на граѓаните не е во согласност со принципот на владеење на правото содржан во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Што се однесува до одредбата од член 32 став 1 точка 7 во делот “и да не се води кривична постапка”, поради тоа што законскиот услов според кој за извршител може да биде именувано лице против кое не се води кривична постапка, доведува до состојба лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, Судот утврди дека овој дел од оспорената одредба не е во согласност со начелото на презумпцијата на невиност од член 13 став 1 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 95/2005
29 март 2006 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова