У.бр.79/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 56 став 5 во делот што гласи: “водејќи сметка за околностите на случајот”; членот 122 став 3 во делот што гласи: “водејќи сметка за принципот на правичност” и членот 203 во делот што гласи “водејќи сметка за сите околности” од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на РМ” бр.18/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата овој закон бил несогласен со Уставот затоа што судовите, во остварувањето на својата функција биле врзани за Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а со предвидувањето да се придржуваат за принципот на правичност се давала можност судиите, врз оснвоа на своите субјективни сфаќања за правичноста, да излезат надвор од рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, односно се давала можност за необјективно и пристрасно пресудување во определени спорови.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 56 став 3 од оспорениот закон во случај кога физичка делба на сосопственичката ствар не е можна или е можна но со значително намалување на нејзината вредност повеќе сосопственици на јавната продажба предлагаат исти услови, судот стварта ќе ја продаде на еден од нив водејќи сметка за околностите на случајот.

Исто така, Судот утврди дека согласно членот 122 став 3 од Законот право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот водејќи сметка за принципот на правичност.

На крај, Судот утврди дека согласно член 203 став 2 од Законот ако сопственикот на послужната ствар и сопственикот на привилегираната ствар не се спогодат за надоместокот, висината на надоместокот ќе ја утврди судот по барање на сопственикот на послужната ствар, водејќи сметка за сите околности.

4. Согласно член 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите, а со ставот 2 на овој член е предвидено дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Согласно ставот 3 на овој член од Уставот организацијата на судството е единствена, а според ставот 4 забранети се вонредните судови. Според ставот 5 на овој член од Уставот видовите и надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Имајќи ги предвид основните начела на Уставот и овие уставни одредби според Судот Уставот на Република Македонија судската власт ја конституирал како одвоена и независна судска власт.

Определувајќи дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, на одреден начин, Уставот го димензионира судењето, делењето на правда и разрешувањето на споровите.

Исто така, и Законот за судовите содржи повеќе одредби со кои се обезбедува независноста и самостојноста на судовите, односно на судиите.

Така, во членот 3 од овој закон, меѓу другото, како цел и функција на судството, е предвидено непристрасно применување на правото без оглед на положбата и својството на странките.

Понатаму во член 14 од Законот е предвидено дека судијата донесува непристрасни одлуки врз основа на своја слободна оцена на доказите и примена на законот.

При одлучувањето, врз судијата не може да се вршат какви и да е ограничувања, влијанија, поттикнувања, притисок, закани или мешање, директно или индиректно од кој и да е субјект и поради која да е причина.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека Уставот и Законот за судовите содржат правни норми што го обезбедуваат уставното начело за самостојност и независност на судовите.

Во тој контекст, Судот имаше предвид дека Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката ја утврдил поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (член 8 алинеја 4) и дека согласно така извршената поделба на власта според членот 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите, како самостојни независни органи, кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Исто така, имајќи ја предвид одредбата од член 56 став 5 од оспорениот закон, Судот смета дека законодавецот со овластувањето на редовните судови при вршењето физичка делба на стварта, кога истата не е можна или, пак, е можна но со значително намалување на нејзината вредност, да одлучат делбата да се изврши со јавна продажба, (во стиуација кога повеќето сосопственици предлагаат исти услови), стварта да ја продадат на еден од нив водејќи сметка за околностите на случајот, законодавецот се движел во рамките на Уставот.

Во случај, пак, кога повеќето етажни сопственици се заинтересирани за доградбата, односно надградбата на зградата, отколку што е предвидено со урбанистичкиот план да се изградат нови делови од зградата, при непостоење на меѓусебна согласност, предвидувајќи по барање на секој од нив да одлучуваат редовните судови (член 122 став 3 од Законот), всушност законодавецот им дава можност на судиите, како самостојни и независни органи, раководени од принципот на правичност, при пресудувањето да се движат токму во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори во кои овој принцип е застапен.

На крај, имајќи ја предвид одредбата од член 203 став 2 од Законот и фактот дека службеноста претставува стварно право врз туѓа ствар, при што постојат сопственик на послужно и сопственик на повласно добро, кога сопственикот на послужното добро има право на надоместок за утврдената службеност, а за тоа не може да се спогоди со сопственикот на послужното добро, со предвидувањето надоместокот да го утврди судот, по барање на сопственикот на послужното добро, водејќи сметка за сите околности, според Судот законодавецот, со овластувањето на судијата да води сметка за сите околности, (поаѓајќи од карактерот на службеноста и нејзините видови), се движел во рамките на Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста на одредбите од член 56 став 5, член 122 став 3 и член 203 став 2 од Законот за сопственост и други стварни права.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.79/2001
14 ноември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов