У.бр.270/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Живко Столески од Македонски Брод, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на верска, национална и политичка основа.

2. Живко Столески од Македонски Брод, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на верска, национална и политичка основа, повредени со Образец за оценување на државен службеник, бр. 04-769/3-64 од 28.03.2007 година; Решение за распоредување, бр. 04-1182/3 од 15.06.2007 година, донесено од министерот за правда; Одлука по жалба, бр. 12-11804/5 од 30.08.2007 година, донесена од Агенцијата за државни службеници – Комисија за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници и Решение бр. 12-11805/8 од 02.10.2007 година, донесено од Агенцијата за државни службеници – Комисија за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници

Според наводите во барањето, поради партиска неприпадност на некоја од партиите кои се дел од актуелната извршна власт во Република Македонија, а со цел да биде сменет од работното место раководител на подрачното одделение на Министерството за правда во Македонски Брод, подносителот на барањето, за 2006 година бил оценет со оцена „не задоволува“, од страна на државниот секретар, наместо од непосредно претпоставениот раководен работник – раководител на Сектор кој според Законот за државните службеници се јавувал како оценувач на другите раководители на одделенија во овој сектор, при што податоците внесени во образецот за оценување значеле чист субјективизам, заснован на невистини со навредлива содржина, без спроведена постапка за оценување. Со таквиот начин на оценување, оценувачот извршил дискриминација во поширока смисла, оспорувајќи му го правото на подносителот да биде оценет од страна на непосредно претпоставениот раководен работник, само заради остварување на партиски цели, занемарувајќи ги правата на барателот.

Понатаму се наведува дека на подносителот на барањето му е донесено Решение за распоредување бр. 04-1182/3 од 15.06.2007 година, со кое поради негативната оцена, истиот се распоредува на работно место виш соработник за избори. Против ова решение подносителот на барањето поднел жалба до Агенцијата за државни службеници, по која жалба Агенцијата донела Одлука бр. 12-11804/5 од 30.08.2007 година, со која жалбата се одбива како неоснована. Според подносителот, оваа одлука на Агенцијата била донесена како резултат на местење на членовите на Комисијата по партиска, национална и конфесионална основа само заради донесување негативна одлука.

Против негативното оценување, подносителот на барањето поднел приговор до Министерството за правда, по кој била донесена Одлука со која се обива приговорот од причини кои немале основ во Законот за државните службеници. Против оваа одлука, подносителот поднел жалба до Агенцијата за државни службеници, при што било донесено незаконито Решение бр. 12-11805/8 од 02.10.2007 година со кое жалбата била отфрлена како недозволена, затоа што Агенцијата веќе одлучила за распоредувањето на подносителот на барањето поради незадоволителната оцена, со што Агенцијата за државни службеници му го ускратила правото на жалба и покрај тоа што во конкретниот случај се работело за посебни постапки (оценување и распоредување), со што Агенцијата го покрила своето претходно незаконито одлучување. Притоа, подносителот посебно истакнува дека за исти вакви случаи Агенцијата не постапувала единствено, за што се доказ нејзините одлуки од друго време а за истиот закон, кои се дадени во прилог на барањето.

Понатаму, се наведува дека Агенцијата за државни службеници и Министерството за правда објавиле јавен оглас бр. 74/2007 од 19.04.2007 година во дневниот весник „Дневник“ за огласување на работното место раководител на одделение на кое подносителот на барањето сеуште бил распореден, со што се создал паралелизам од водење две постапки за исто работно место, не водејќи сметка за Законот и за правата на барателот, со кои дејствија биле повредени правата и слободите на барателот. Поради вака настанатиот паралелизам во постапките, подносителот на барањето поднел Известување за тоа до Агенцијата за државни службеници, со барање да му биде одговорено, но и покрај поднесената ургенција, истиот сеуште немал добиено одговор и покрај тоа што според Уставот имал право на тоа.

На крај, подносителот на барањето посебно нагласува дека со сите претходно наведени акти и дејствија извршени од страна на Министерството за правда и Агенцијата за државни службеници, тој бил институционално дискриминиран со доведување во обесправена положба, ограничување и оспорување на правата како граѓанин, доведен бил во состојба на правна нееднаквост само заради постигање на определени цели. Исто така, нагласува дека образецот за оценување бил полн со предрасуди кои предизвикувале кај барателот ментално страдање поради тоа што познавањето на правниот и политичкиот систем на Република Македонија, за жал досега не му помогнало, така што не било можно да се работи под постојано заплашување и казнување и неизвесност што ќе се случи со оценувањето за 2007 година.

Поради наведеното се бара од Уставниот суд на Република Македонија да постапи по барањето и да донесе соодветна одлука, со тоа што, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и тоа: Образец за оценување, бр. 04-769/3-64 од 28.03.2007 година, Решението за распоредување бр. 04-1182/4 од 15.06.2007 година донесено од Министерството за правда и Решението бр. 12-11805/8 од 2.10.2002 година донесено од Агенцијата за државни службеници.

3. Судот на седницата утврди дека со Образец за оценување на државен службеник, бр. 04-769/3-64 од 28.03.2007 година, подносителот на барањето, за 2006 година е оценет со оцената 1,44 („не задоволува“). Оценувањето го извршил државниот секретар во Министерството за правда, наместо раководителот на Секторот за државна управа, изборен систем и изборни надлежности, кој бил непосредно претпоставен раководен државен службеник и овластен да ги изврши оценувањето, а кој доставил барање до државниот секретар, за изземање на оценувањето на подносителот на приговорот, поради лични причини, кое му било одобрено.

Истовремено со образецот за оценување, кој на државниот службеник му е доставен на 04.07.2007 година, на подносителот на барањето му е доставено и Решение за распоредување бр. 04-1182/3 од 15.06.2007 година, со кое, поради оценувањето со оцената „не задоволува“, согласно член 31 од Законот за државните службеници, од работното место раководител на подрачното одделение е распореден на работно место виш соработник за избори.

Подносителот на барањето на 12.07.2007 година поднел благовремена жалба против Решението за распоредување на работното место виш соработник за избори до Агенцијата за државни службеници. Агенцијата за државни службеници – Комисија за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници, донела Одлука број 12-11804/5 од 30.08.2007 година, со која жалбата се одбива како неоснована и Решението за распоредување се потврдува. Нема доказ за денот на приемот на оваа одлука.

Истовремено, подносителот на барањето на 12.07.2007 година поднел и благовремен приговор против извршеното оценување до Комисијата за преиспитување на оценките за државните службеници во Министерството за правда. Оваа комисија донела Одлука бр. 04-4823/3 од 06.08.2007 година, со која го одбила приговорот. Одлуката е доставена до подносителот на барањето на 20.08.2007 година.

Против оваа одлука, подносителот на барањето поднел благовремена жалба до Агенцијата за државни службеници, на 04.09.2007 година. Агенцијата за државни службеници – Комисија за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници, донела Решение број 12-11805/8 од 02.10.2007 година, со која жалбата се отфрла како недозволена, затоа што Комисијата веќе решавала по жалба на истиот државен службеник поднесена против Решението за распоредување, кое го потврдила. Оваа одлука е примена на 05.11.2007 година. Подносителот на барањето има поднесено тужба за поништување на оцената за 2006 година, по која е формиран предмет во Основниот суд во Кичево, заведен под П. бр. 595/07.

На 19.04.2007 година Агенцијата за вработување објавила Оглас бр. 74/2007 за вработување десет државни службеници во Министерството за правда, при што под реден број 1 од Огласот се објавува потреба за вработување на еден раководител на Подрачното одделение Македонски Брод, Сектор за државна управа, изборен систем и управни надлежности (работното место на кое во тоа време сеуште е распореден подносителот на барањето). Подносителот на барањето на 7 јуни 2007 година поднесува писмено известување до Агенцијата за државни службеници, во кое укажува на паралелизам во постапката (истовремено водење на постапка за распоредување и постапка за пополнување на истото работно место кое сеуште не е упразнето), поради што смета дека постапката е незаконита.

Со акт бр.04-297/2 од 18.01.2008 година, по негово барање, Министерството за правда го известува подносителот на барањето дека на наведениот оглас за работното место раководител на Подрачното одделение Македонски Брод, е вработено лицето Милан Трпески, за што подносителот бил писмено известен со акт број 04-2343/19 од 27.11.2007 година. Подносителот на барањето го спори добивањето на известувањето за извршениот избор, наведувајќи дека на тој начин му е ускратено правото на жалба гарантирано со Уставот.

4. Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност. Со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а според алинеја 3 од истиот член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здржување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените деловнички одредби, како и наводите во барањето за заштита на слободите и правата повредени со оспорените акти:Образец за оценување на државен службеник, бр. 04-769/3-64 од 28.03.2007 година; Решение за распоредување, бр. 04-1182/3 од 15.06.2007 година, донесено од министерот за правда и Одлука по жалба, бр. 12-11804/5 од 30.08.2007 година, донесена од Агенцијата за државни службеници – Комисија за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници, произлегува дека подносителот на барањето своето барање за заштита на правата повредени со наведените конечни акти го има доставено до Уставниот суд на Република Македонија по истекот на рокот од 2 месеци од денот на нивното доставување, поради што постојат процесни пречки за одлучување по барањето во овој дел. Поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето во овој дел.

Во однос на оспореното Решение бр. 12-11805/8 од 02.10.2007 година, донесено од Агенцијата за државни службеници – Комисија за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници, со кое жалбата на подносителот на барањето изјавена против Одлуката на Комисијата за преиспитување на оценката при Министерството за правда, е отфрлена како недозволена, Судот утврди дека барањето за заштита на правата повредени со овој конечен акт е доставено до Судот благовремено и дека против ова решение, подносителот има заведено судски спор пред Основниот суд во Кичево, под П.бр. 595/07, по кој постапката е во тек.

Во оваа смисла, имајќи ги предвид наводите во барањето според кои, поради составот на Комисијата, подносителот бил дискриминиран по национална и верска основа, Судот утврди дека наведеното решение е донесено од страна на Агенцијата за државни службеници – Комисија за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници, во состав: Мишо Василевски, претседател, Идрис Фазлиоски, член и Јасмина Гелевска, заменик член. Во одговорот на барањето, доставен до Судот во фаза на претходна постапка од Агенцијата за државни службеници, со акт. бр.13-194/2 од 22.01.2008 година, се наведува дека претседателот и заменик членот кој учествувале во донесувањето на оспореното решение се изјаснувале како Македонци, а членот како Турчин, од каде произлегува дека составот на комисијата не може да претставува основ за дискриминација на подносителот на барањето по основ на национална и верска припадност.

Во однос на наводите во барањето според кои отфрлањето на жалбата како недозволена (со напред наведеното решение) за подносителот значело обесправување на правото на жалба, се со цел да се потврди претходно донесената одлука во врска со распоредувањето на подносителот, Судот оцени дека ваквите наводи всушност претставуваат барање заштита на право од работен однос, чија заштита се обезбедува пред редовните судови, а не пред Уставниот суд на Република Македонија. Имено, законитоста на актите донесени од Министерството за правда и Агенцијата за државни службеници со кои подносителот смета дека му се повредени правата од работен однос (во врска со оценувањето, распоредувањето и учеството на јавен оглас за вработување), се цени во постапка пред редовен суд, во која смисла подносителот на барањето има заведено судски спор. Уставниот суд не одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на надлежните органи, ниту има надлежност да ја оценува законитоста на постапките и одлуките на надлежните органи по конкретни предмети. Заштитата на правата од работен однос не спаѓа во корпусот на слободи и права, кои согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, се штитат пред Уставниот суд на Република Македонија. Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето во овој дел.
Во однос на наводите во барањето за тоа дека подносителот бил дискриминиран по политичка основа, Судот оцени дека тоа во барањето само декларативно е наведено, без наведување на никакви аргументи и докази со кои би се утврдила и потврдила ваквата состојба, освен наводите дека подносителот не припаѓал на партиите кои биле дел од актуелната извршна власт во Република Македонија. Поради тоа ваквите наводи во барањето се начелни и неаргументирани и не можат да претставуваат основ за утврдување на дискриминација на подносителот по политичка основа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.270/2007
20 февруари 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски