Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 5 став 2 алинеи 3 и 4 од Правилникот за програмата и начинот на полагање на испитот за извршители, донесен од министерот за правда (“Службен весник на Република Македонија” бр.90/2005).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.219/2005 од 12 април 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 5 став 2 алинеи 3 и 4 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 5 од Правилникот кандидатот за полагање на испитот за извршители поднесува писмена пријава до Министерството за правда.
Кон пријавата од став 1 на овој член се приложуваат следните документи:
– диплома за завршен правен факултет;
– потврда за работно искуство на правни работи од пет години, односно на извршни работи од три години;
– уверение за неосудуваност;
– доказ дека против кандидатот не се води кривична постапка;
– доказ за платени трошоци за испитот.
Докумените се приложуваат во оригинал или фотокопија заверена од нотар.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 12 став 3 од Уставот, лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.
Според член 13 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Во членот 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Во членот 54 ставот 1 од Уставот е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.
Според член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, Судот оцени дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.
Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе се обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски.
Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.
Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од Правилникот за програмата и начинот на полагање на испитот за извршители произлегува дека во неа се предвидуваат посебните услови за полагање на испитот на извршители, меѓу другото и тие од алинеите 3 и 4 од ставот 2 на членот 5 од Правилникот. Овие посебни услови се однесуваат на доставување на уверение за неосудуваност и доказ дека против кандидатот не се води кривична постапка.
При анализа на овие посебни услови од аспект на уставните одредби, Судот утврди дека во овие делови оспорената одредба не е во согласност со Уставот на Република Македонија.
Имено, од содржината на членот 13 и 14 од Уставот на Република Македонија произлегува дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, односно дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон и за кое не била пропишана казна.
Во наведените уставни одредби всушност се утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос и тоа прво: принципот на презумпција на невиност на лицето до правосилноста на судската одлука и второ, принципот на легалитет, односно законитоста во казненото право, што значи забрана за казнување за дело кое е извршено во време кога не било предвидено со закон како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Значењето на принципот на презумпцијата на невиност, меѓу другото, се состои и во тоа обвинетото лице да не може да трпи ниедна правна последица пред правосилноста на судската пресуда, ниту да се смета како виновно, односно осудено.
Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената одредба според која поранешната осудуваност и актуелното водење на кривичната постапка, претставуваат ограничувачки фактор за полагање на испитот за извршители од кандидатот, со што се повредува начелото на презумпцијата на невиност утврдено во член 13 став 1, што воедно укажува и на повреда на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Ова од причини што, во конкретниот случај, кандидатот што би можел по други основи да го полага испитот за извршители, со оспорената одредба се смета за виновен пред да биде утврдена неговата вина со правосилна судска одлука, поради што таа по својата суштина во овој дел всушност е казнена одредба, односно има елементи на правна последица од осуда врз лицето што не произлегува од осудата, но настапува по сила на законот (ex lege) и на овој начин се проширува правното дејство на осудата, за што не постои уставен основ.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 5 став 2 алинеи 3 и 4 од Правилникот за програмата и начинот на полагање на испитот за извршители не е во согласност со наведените уставни одредби, а од исти причини и со членот 106 став 5 од Кривичниот законик, како и со членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.219/2005
24 мај 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова