У.бр.167/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распишување на референдум бр.07-3553/1 од 3 септември 2004 година, донесена од Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2004).

2. Јаким Илиев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со референдумското прашање од оспорената одлука се давала можност да се стават надвор од сила Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определувањето на подрачјата на единиците на локалната самоуправа и Законот за градот Скопје, двата објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр.49/1996. Оспорената одлука се однесувала на прашања за општинските граници и градот Скопје, меѓутоа истата била донесена без потребното мнозинство гласови на присутните пратеници предвидено во Амандманот XVI на Уставот на Република Македонија или таканареченото двојно – Бадинтерово мнозинство.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека референдумското прашање од оспорената одлука давало можност да се вратат во сила наведените закони кои не биле донесени согласно амандманската одредба. Потоа, подносителот на иницијативата констатира дека членот 73 став 3 од Уставот е неприменлив и не е усогласен со Амандманот XVI на Уставот на Република Македонија.

Заради отстранување на можните штетни последици од спроведување на референдумот подносителот на иницијативата бара да се донесе решение за запирање на извршување на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според уводниот дел на оспорената одлука, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 3 септември 2004 година, врз основа на член 73 став 3 од Уставот на Република Македонија донело Одлука за распишување на референдум, под број 07-3553/1 од 3 септември 2004 година.

Во член 1 од Одлуката е определено дека се распишува задолжителен законодавен референдум на предлог на 180.454 избирачи.

Според став 2 на истата одредба, на референдумот граѓаните ќе се изјаснат за прашањето: “Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и градот Скопје) утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/1996) и Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/ 1996)?” Можните одговори на прашањето се “за” и “против”.

Во член 2 од Одлуката е определено дека референдумот ќе се одржи на 7 ноември 2004 година.

Според членот 3 од Одлуката, референдумот ќе се спроведе на начин и постапка утврдени со Законот за референдум и граѓанска иницијатива.

Според член 4 од Одлуката, референдумот ќе го спроведе Државната изборна комисија.

Во член 5 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила со нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според член 68 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, меѓу другото распишува референдум.

Според член 73 став 3 од Уставот на Република Македонија, Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи.

Во член 15 од Законот за референдум и граѓанска иницијатива (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/1998) е определено дека, законодавен референдум може да се распише за прашања што треба да се уредат со закон (претходен референдум) или за преоценување на закон што претходно е донесен (дополнителен референдум).

Според член 18 од Законот, прашањето за кое се предлага распишување на референдум, треба да биде формулирано прецизно и недвосмислено.

Според член 19 став 1 од Законот, предлогот за распишување на законодавен референдум се поднесува до Собранието. Според став 3 од истата одредба, по приемот на предлогот од став 1 на овој член доколку се оцени дека наведеното прашање што е предмет на референдумот не е јасно и предлогот не е образложен ќе се повика предлагачот јасно да го определи прашањето или да го дополни предлогот со образложение.

Според член 22 од Законот, Собранието е должно да распише законодавен референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи, за прашања од надлежност на Собранието согласно со одредбите од овој закон.

Во член 28 став 1 од Законот е утврдено дека референдумот го распишува Собранието со одлука.

Според член 29 од Законот, со одлуката за распишување на референдум се утврдува: видот на референдумот, одлуката за која ќе се изјаснува, текстот на прашањето што се става на референдум, денот на распишување на референдумот и денот на неговото одржување.

Тргнувајќи од содржината на цитираните член 73 став 3 од Уставот и член 22 од Законот, произлегува дека Собранието на Република Македонија е должно да донесе одлука за распишување на законодавен референдум секогаш кога се исполнети условите за тоа.

Во споменатата законска одредба е определена и формата на актот со која Собранието распишува референдум. Но, за еден акт да има карактер на пропис не е доволно само од формален аспект, или само според називот на актот да е пропис, туку треба да содржи и други карактеристики на пропис подобен за уставносудска оцена.

Дел од содржината на оспоренениот акт е и референдумското прашање за кое треба да гласаат избирачите. Меѓутоа, формулирањето на референдумското прашање не спаѓа во надлежност на Собранието, туку според член 18 и 19 став 3 од Законот предлагачот е тој што прецизно и недвосмислено го формулира референдумското прашање. Собранието со донесување на оспорената одлука, всушност, само констатира дека се исполнети условите за распишување на референдум.

Според доносителот, формата и содржината и воопшто правната природа, Одлуката влегува во групата на конкретни правни акти и во примената на уставните и законските одредби се исцрпува еднократно. Во така донесената одлука не се содржани норми со кои на општ начин се уредуваат односи за правните субјекти и нејзината примена не се однесува на сите правни случаи што ќе се појават во иднина во рамките на соодветните општествени односи. Со неа не се пропишува начинот и условите и прашањето за одржување на референдум, туку Собранието, како надлежно тело, констатира исполнување на условите утврдени во Уставот и Законот за референдум и граѓанска иницијатива.

Оттаму, Судот смета дека оспорената Одлука ги нема општите карактеристики на пропис.

Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.167/2004
20 октомври 2004 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова