Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јули 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 15 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.16/2008 од 14 мај 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од колективниот договор означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за работните односи.
4. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, на работниците од став 4 на овој член кои се распоредени на работни места за кои е предвиден повисок степен на образование, основната плата може да им се намали согласно грански колективен договор.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, оставрувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека правата и положбата на вработените се уредува со закон и со колективни договори, дека со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите и дека тие мора да бидат во согласност со Уставот и со законите.
Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.
Согласно член 13 став 1 од Законот за работните односи, работниот однос меѓу работникот и работодавачот се заснова со потпишување на договор за вработување.
Според член 19 ставовите 1 и 2 од истиот закон, работникот кој склучува договор за вработување, мора да ги исполнува условите за вршење на работата, определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот. Работодавачот е должен со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место.
Согласно член 21 од Законот, работодавачот има право на слободно одлучување со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата, почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување.
Содржината на договорот за вработување е утврдена во член 28 на Законот, при што називот на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување, како и одредба за висината на основната плата која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување, претставуваат елементи на договорот за вработување, утврдени во став 1 точките 3 и 8 од овој член.
Согласно член 30 став 1 од овој закон, работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за кое што склучил договор за вработување, во време и на место, кои што се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот. Според став 2 на истиот член, во случаите определени со закон и колективен договор, работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка
Според член 105 став 1 од Законот, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Согласно став 3 на истиот член, платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено.
Основната плата, согласно член 106 став 1 од овој закон, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување.
Во преодните и завршните одредби на Законот (член 269 став 4) се утврдува дека постојните договори за работа склучени до влегувањето во сила на овој закон се сметаат за договори за вработување.
Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го утврдува договорот за вработување како основа за создавање на работниот однос. Со договорот за вработување се определува работното место за кое се заснова работен однос, како и платата што се оставрува за извршување на работите на работното место. Законот пропишува дека работникот е должен, совесно да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, а во случаи определени со закон и колективен договор, да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.
Ваквата законска регулатива го дефинира работниот однос како двостран однос меѓу две договорни страни, при што, неспорно произлегува дека правата и обврските на работникот и работодавачот ги поврзува и условува работното место за кое е склучен договорот за вработување.
Со преодните и завршните одредби на Законот, законодавецот, со цел да ги заштити работниците кои биле во работен однос во време на влегувањето во сила на овој закон, пропишал дека постојните договори за работа склучени до влегувањето во сила на овој закон се сметаат за договори за вработување, што значи дека работниците и работодавачите кои ги склучиле тие договори, се обврзани да ги имплементираат на начин како да станува збор за договори за вработување во смисла на овој закон.
Со членот 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, кој се наоѓа во главата „Основна плата“, се уредува дека со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, се утврдуваат групи на сложеност на работни места (став 1), како и се утврдуваат работни места по групи на сложеност (став 2). Согласно ставот 4 на овој член, при утврдувањето на групи на сложеност во колективните договори се поаѓа и од степенот на образованието, при што работникот со понизок степен на образование не може да биде распореден во група на сложеност за која е утврден повисок степен на образование, освен за работниците кои до влегувањето во сила на овој колективен договор биле распоредени на работни места со повисок степен на образование. Понатаму, во ставот 5 на овој член се утврдува дека на работниците од став 4 на овој член кои се распоредени на работни места за кои е предвиден повисок степен на образование, основната плата може да им се намали согласно грански колективен договор.
Тргнувајќи од наведената регулатива, Судот оцени дека решението утврдено со оспорениот став 5 на член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, според кое со грански колективен договор може да се намали основната плата на работник со понизок степен на образование, кој до влегувањето во сила на општиот колективен договор, бил распореден на работно место со повисок степен на образование и кој продожува да биде распореден на таквото работно место и по влегувањето во сила на колективниот договор, е неуставно и незаконито.
Имено, согласно член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка. Од друга страна, Законот за работните односи неспорно утврдува дека со договорот за вработување (или договорот за работа кој бил склучен пред влегувањето во сила на овој закон за работните односи) се утврдуваат правата и обврските на работникот и работодавачот за работното место за кое е склучен договорот за вработување. Основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Оттука, според Судот, законодавецот утврдил дека основната плата на работникот зависи од работното место на кое е распореден, поради што нема основ со грански колективен договор платата за работното место да се намали не како резултат на работите што се вршат на работното место, туку како резултат на несоодветен степен на стручна подготовка на работникот.
Тргнувајќи од напред наведеното, според Судот, неосновани се наводите во дописот на Владата на Република Македонија, доставен како одговор на иницијативата во фаза на претходна постапка (акт бр. 19-781/1 од 26.02.2008 година), дека со ваквото решение во Општиот колективен договор за јавниот сектор на вработените не им се ограничувале правата утврдени со закон и колективен договор, туку само им се давала можност да го задржат работното место на кое претходно биле распоредени, иако истото не соодветствува на нивниот степен на образование, што за нив било поповолно решение, независно од тоа што платата ќе им се намали.
Со оглед дека оспореното решение создава можност за иста работа, на исто работно место, да се остварува различна основна плата, и тоа не како резултат на различни резултати од работата, туку како резултат на различен степен на образование на работникот, ваквото решение значи основ за воведување нееднаквост на работниците пред Уставот и Законот за работните односи, поради што Судот оцени дека оспорениот член 15 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 2 и 3 и член 51 од Уставот и со член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.16/2008
2 јули 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски