У.бр.153/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 29 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.153/2008 од 20 ноември 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 29 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва, трговско друштво не можат да основаат, меѓу другите и лица кои не ги платиле даноците и придонесите кои со закон биле обврзани да ги платат, односно членовите на органот на управување, односно управителот на овие лица, вклучувајќи ги и лицата во друштвата што престанале.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во член 19 од Законот за трговските друштва, трговското друштво е дефинирано како правно лице во кое што едно или повеќе лица вложуваат пари, ствари или права во имот што го користат за заедничко работење и заеднички ја делат добивката и загубата од работењето. Трговското друштво самостојно и трајно врши дејност, заради остварување на добивка.

Формите на трговските друштва се определени во членот 20 од овој закон, во кој како форми на трговски друштва, без оглед на тоа дали вршат трговска или некоја друга дејност, се предвидени јавно трговско друштво; командитно друштво; друштво со ограничена одговорност; акционерско друштво и командитно друштво со акции.

Во член 27 од Законот, под наслов, „Одговорност за обврските“, во ставот 1 е определено дека трговското друштво одговара за своите обврски со сиот свој имот. Согласно ставот 2 на овој член, содружниците на јавното трговско друштво и комплементарите во командитното друштво и во командитното друштво со акции, одговараат за обврските на друштвото неограничено и солидарно со сиот свој имот. Според оспорениот став 3, содружниците на друштвото со ограничена одговорност и акционерите на акционерското друштво како и командиторите во командитното друштво и командитното друштво со акции не одговараат за обврските на друштвото, ако со овој закон поинаку не е определено.

Посебните случаи на одговорност на содружниците, односно на акционерите се утврдени во членот 28 од Законот. Имено, според овој член од Законот, содружниците, односно акционерите на трговското друштво одговараат неограничено и солидарно за обврските на друштвото во случаите, ако:
1) го злоупотребиле друштвото како правно лице за да постигнат цели што за нив како поединци, се забранети;
2) го злоупотребиле друштвото како правно лице за да им нанесат штета на своите доверители;
3) спротивно на законот, располагале со имотот на друштвото како со свој сопствен имот или
4) во своја корист или во корист на кое било друго лице го намалиле имотот на друштвото, а знаеле или морале да знаат дека друштвото не е способно да ги изврши своите обврски спрема третите лица.

Во членот 29, чиј став 2 точка 3 е оспорен со иницијативата, се определени лицата кои можат, односно кои не можат да основаат друштво.

Согласно ставот 1 на овој член од Законот, трговско друштво можат да основаат домашни и странски физички и правни лица.

Во ставот 2 на истиот член од Законот е определено дека трговско друштво не можат да основаат:
1) физичко лице за кое со правосилна одлука на судот е утврдено дека со умисла предизвикало стечај, поради што доверителите не можеле да ги наплатат своите побарувања, додека трае забраната утврдена со одлука на судот;
2) лица над кои е отворена стечајна постапка за време на траењето на стечајната постапка;
3) лица кои не ги платиле даноците и придонесите кои со закон биле обврзани да ги платат, односно членовите на органот на управување, односно управителот на овие лица, вклучувајќи ги и лицата во друштвата што престанале;
4) лица, односно содружници или акционери во друштва чија што сметка е блокирана, односно членовите на органот на управување, односно управителот на овие лица, се додека трае блокадата на сметката и
5) во други случаи кога со закон е одредена забрана за основање трговско друштво.

Според ставот 3 на овој член од Законот, секое лице може да биде основач на повеќе друштва, ако со овој закон тоа не е забрането.

Во ставот 4 на овој член од Законот е предвидено дека основачи на јавно трговско друштво, односно основачи како комплементари на командитно друштво или на командитно друштво со акции, не можат да бидат физички лица кои немаат деловна способност.

Според ставот 5 на истиот член од Законот, физичко лице може, во исто време, да биде содружник со неограничена одговорност само во едно друштво. Јавно трговско друштво, командитно друштво и командитно друштво со акции не можат да бидат содружник со неограничена одговорност во друго такво друштво.

Согласно ставот 6 на овој член од Законот, кон пријавата за упис на основање на друштво во трговскиот регистар, основачите поднесуваат лична писмена изјава дека не постои некое од ограничувањата од овој член или друго ограничување, определено со овој закон, за да основаат друштво.

Од содржината на оспорената одредба од член 29 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва, произлегува дека со неа се оневозможува трговско друштво да биде основано од лица кои не ги платиле даноците и придонесите кои со закон биле обврзани да ги платат, односно членовите на органот на управување, односно управителот на овие лица, вклучувајќи ги и лицата во друштвата што престанале.

Тргнувајќи од фактот дека уставна обврска на секого е да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, законодавецот оценил дека и редовното плаќање на јавните давачки на физичките и правните лица што сакаат да основаат трговско друштво треба да претставува услов за основање на трговско друштво, и дека на тој начин ќе се обезбеди нивната финансиска дисциплина и доследност во почитување на законските обврски да биде гаранција дека законски ќе работат и управуваат со трговското друштво.

Меѓутоа, тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето на еден ваков ограничувачки услов – да не може да основа трговско друштво лицето кое не ги платило даноците и придонесите што со закон било обврзано да ги плати, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквото ограничување на можноста за основање на трговско друштво води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому, под еднакви услови, поради што Судот оцени дека член 29 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр.153/2008
11 февруари 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски