У.бр.146/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 21 јануари 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ точките 3, 5, 6 и 7 на член 1 од Одлуката за продолжување на месниот самопридонес за развој на Месната заедница во 1991-1996 година, донесена од Собирот на работните луѓе и граѓаните на Месната заедница “Илија Поцков” во с. Раклиш Општина Радовиш, на 21 април 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во месната заедница на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.146/91 од 6 ноември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на точките 3, 5, 6 и 7 на член 1 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што како основица за утврдување на висината на самопридонесот, покрај со закон утврдените, биле предвидени и други основи, што за лицата привремено вработени во странство висината на самопридонесот била утврдена во фиксен износ и што се применува ретроактивно и затоа што со неа се вршело трајно финансирање на уличното јавно осветление што не било во согласност со Закон.

4. На седницата Судот утврди дека според точките 3 и 5 на член 1 од Одлуката покрај личниот доход и катастарскиот приход како основица за пресметување на самопридонесот се предвидени тутунската реколта и површината на земјиштето што се наводнува.

Согласно член 7 од Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на СРМ” бр.27/78), при воведување на обврската за плаќање на самопридонесот мора да се води сметка за способноста на обврзниците за поднесување на обврските односно за материјалните можности на работните луѓе и граѓаните, а според член 8 од истиот закон висината на самопридонесот се утврдува сразмерно на личните доходи, односно приходите на обврзникот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека основица за утврдување на висината на самопридонесот претставува личниот доход односно приходите на обврзникот, кој за земјоделците се изразува преку катастарскиот приход.

Со оглед на тоа што со точките 3 и 5 на член 1 од Одлуката висината на обврската за плаќање на самопридонес се утврдува не само преку личниот доход и катастарскиот приход, туку и преку тутунската реколта и површината на земјиштето што се наводнува, со што обврзниците се оптоваруваат по ист основ повеќекратно, Судот смета дека со тоа се повредува начелото на сразмерно утврдување на висината на самопридонесот поради што оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби.

5. Понатаму, Судот утврди дека точката 6 на член 1 од Одлуката е предвидено вработените во странство кои не плаќале самопридонес за 1989 и 1990 година да плаќаат по 5000 динари, а во наредниот период според основиците утврдени со Одлуката.

Согласно член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија законите, другите прописи и општите акти не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Повратното дејство на прописите беше забрането и со член 262 од Уставот, кој важеше во времето на поведување на постапката пред Уставниот суд.

Со оглед на тоа што во точка 6 на член 1 од Одлуката е предвидено самопридонесот кој е воведен за периодот 1991-1996 година за привремено вработени во странство да се плаќа и за 1989 и1990 година, Судот оцени дека таа не е во согласност со означената уставна одредба.

Понатаму, Судот утврди дека со оспорената одредба од одлуката за привремено вработените во странство обврската за плаќање на самопридонес за 1989 и 1990 година се утврдува фиксно, а не сразмерно на личниот доход односно приходот на обврзникот, поради што оцени дека таа не е во согласност со член 7 од Законот.

6. Исто така, Судот утврди дека во точка 7 на член 1 од Одлуката е предвидено за трајно финансирање на уличното осветление во месната заедница секое домаќинство да плаќа по 30 денари месечно.

Според член 5 од Законот, самопридонесот може да се воведе најмногу за пет години, од што произлегува дека самопридонес не може да се воведе за неограничено време односно за трајно финансирање на определени потреби на месната заедница.

Со оглед на тоа што со точка 7 на член 1 од Одлуката е предвидено обврската за плаќање на самопридонесот за трајно финансирање на уличното осветление е воведен како трајна, Судот оцени дека таа не е во согласност со означената законска одредба.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.