У.бр.145/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Снежана Геровска – Попчевска од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

2. Снежана Геровска – Попчевска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на совеста, мислата и јавното изразување на мислата, повредени со Решение Дов. бр. 07-6/6 од 14.03.2007 година донесено од Судскиот совет на Република Македонија, со кое подносителката на барањето се разрешува од судиска функција – судија при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, потврдено со Решение Дов. бр. 7/07 од 08.05.2007 година од Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на Република Македонија.

Според наводите во барањето, подносителката на барањето, како судија при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, одлучувајќи по предметот П.бр.2904/01, за надомест на штета на тужителот Иснифарис Џемаили против тужениот Република Македонија – Министерство за одбрана, донела меѓупресуда од 10.12.2002 година и пресуда од 18.06.2004 година, кои до денот на поднесување на барањето, не биле изменети по било каков правен лек, иако правни лекови биле поднесувани, што значело дека истите биле предмет на надзор и проверка од надлежни органи кои до денес не утврдиле било каква повреда при примена на материјален и процесен закон.

Меѓутоа, ваквото постапување на подносителот на барањето од страна на Судскиот совет на Република Македонија било оценето како несовесно и нестручно, поради што истата, со донесување на оспореното решение, била разрешена од функцијата судија.

Со донесувањето на Решението за разрешување повредени биле правата на подносителот на барањето гарантирани со Уставот на Република Македонија, и тоа прво како човек – граѓанин, а потоа и како судија.

Имено, во наведените пресуди, подносителката на барањето ја искажала својата мисла и суд за одреден настан, а постапувајќи како судија, применила закон врз сестрана оцена на доказите. Меѓутоа, со оспореното решение изречена била санкција – мерка против неа за искажано мислење во текот на пресудувањето, со што било постапено спротивно на член 65 од Законот за судовите, според кој судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судската одлука.

Во Решението за разрешување, Судскиот советот на Република Македонија ја окарактеризирал како несовесен судија (иако тоа не произлегувало од фактите на конкретниот судски предмет), и припишал произволна карактеристика без притоа да се придржува кон условите за таква карактеристика предвидени во член 75 од Законот за судовите, не образложувајќи во што се состоела нејзината несовесност при донесувањето на наведените пресуди. На тој начин, со дејствие – олако припишување на несовесност, без прецизно анализирање на сите елементи од случајот, Судскиот советот на Република Македонија и ги нарушил слободите и правата на совесен судија, со што биле повредени нејзините права на совест, мисла и нивното слободно изразување.

Во прилог на ваквото тврдење, се наведува дека Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права во Република Македонија – Скопје, во својот Извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за месец мај 2007 година, ги констатирал повредите на правата на подносителката на барањето сторени во конкретната постапка.

Како последица на неправилното постапување на Судскиот советот на Република Македонија, подносителката на барањето наведува дека трпела последици во вид на престанок на функцијата, престанок на работниот однос, лишување од приходи, јавна осуда преку медиумите за што таа трпела материјална и нематеријална штета.

На крајот, таа уште еднаш ја потенцира нелогичноста во смисла на тоа што донесените пресуди опстојуваат како правилни и засновани на закон ( по ниту еден правен лек не биле укинати), а последицата од тоа е – судијата кој ги донел е разрешен како несовесен.

Поради наведеното, подносителката на барањето бара од Уставниот суд на Република Македонија да утврди дека со оспореното решение за разрешување се повредени нејзините слободи и права во однос на совеста, мислата и јавното изразување на мислата, па предлага Уставниот суд да го поништи наведеното решение и да го задолжи Судскиот совет на Република Македонија да ги отстрани последиците од ова решение, со враќање во поранешна состојба и да и исплати надомест на материјална и нематеријална штета за повредените слободи и права.

3. Судот на седницата утврди дека Судскиот совет на Република Македонија, по спроведената постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција према Снежана Геровска Попчевска, судија при Основниот суд Скопје 1 – Скопје и расправата на седницата, согласно член 58 став 4 алинеја 2 од Законот за судскиот совет и член 20 став 1 алинеја 2 од Правилникот за постапката и начинот за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, на седницата одржана на ден 08.03.2007 година донел Решение дов.бр.07-6/6 од 14.03.2007 година, со кое се разрешува од судиската функција Снежана Геровска – Попчевска, судија при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Незадоволна од Решението, судијата Снежана Геровска -Попчевска поднела жалба поради суштествени повреди на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со предлог истата да се уважи, а обжаленото решение да се стави вон сила или да се укине.

Судскиот совет на Република Македонија, со Решение СТ. Дов. бр. 07-6/2 од 09.03.2007 година времено ја оддалечил од вршење на судиската функција Снежана Геровска – Попчевска, поради поведена постапка за нејзино разрешување до правосилно окончување на постапката за утврдување на нестручно и несовесно работење.

Незадоволна од Решението, судијата Снежана Геровска -Попчевска поднела жалба поради суштествени повреди на постапката, со констатација дека донесувањето на вакво решение било нецелисходно.

Советот при Врховниот суд на Република Македонија, решавајќи по жалбите на судијата Снежана Геровска – Попчевска, на седницата одржана на ден 08.05.2007 година, согласно член 60 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, донел Решение Дов. бр. 7/07 од 08.05.2007 година со кое жалбите на Снежана Геровска – Попчевска се одбиваат како неосновани, а Решенијата на Судскиот совет на Република Македонија Дов. бр. 07-6/6 од 14.03.2007 година и СТ.Дов. бр. 07-6/2 од 09.03.2007 година, се потврдуваат.

4. Со член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност. Со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно Амандман XXV на Уставот со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт во Република Македонија ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Со Амандманот XXVI на Уставот со кој се заменува ставот 3 на членот 99 од Уставот, се утврдуваат случаите кога на судијата му престанува судиската функција и кога судијата се разрешува. Така, се утврдува дека судијата се разрешува:

– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Според Амандманот XXVIII став 1 на Уставот со кој се заменува членот 104 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Согласно Амнадманот XXIX став 1 на Уставот со кој се заменува членот 105 од Уставот и се брише алинејата 15 на ставот 1 на членот 68 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија:

– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
– утврдува престанок на судиската функција;
– ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– ја следи и оценува работата на судиите;
– одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
– одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија и
– врши други работи утврдени со закон.

Со Законот за судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006), се уредуваат постапката за избор на Судскиот совет на Република Македонија, начинот на остварување на неговите функции и начинот на работа и одлучување.

Постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, како еден од основите за разрешување на судија од судиската функција, се пропишува со член 58 од овој закон. Така, со ставот 1 на овој член, се утврдува дека постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција се води согласно со членот 55 од овој закон, а ја спроведува Комисија за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Согласно ставот 2 на истиот член, Советот од своите редови формира Комисија за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција составена од пет члена.Според став 4 на овој член, врз основа на извештајот на Комисијата и расправата на седницата, Советот може да ја запре постапката и да го разреши судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Согласно член 59 од овој закон, Советот може времено да отстрани судија од вршење на судиската функција кога е поведена постапка за утврдување одговорност на судијата, согласно со Законот за судовите.

Со членот 60 од истиот закон се уредува правото на жалба. Така, согласно став 1 на овој член, против одлуката на Советот судијата има право на жалба до Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет против решенија за разрешување или изречена дисциплинска мерка формиран при Врховниот суд на Република Македонија. Согласно ставот 2 на истиот член, Советот за одлучување по жалба е составен од девет члена од кои: тројца судии на Врховниот суд на Република Македонија, четворица судии од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката.

Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а според алинеја 3 од истиот член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здржување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи го предвид поднесеното барање, Судот оцени дека оспореното решение за разрешување од судиската функција на подносителката на барањето, поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, е донесено во постапка пропишана со Уставот и Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

Имено, Решението е донесено од страна на Судскиот совет на Република Македонија, како самостоен и независен орган на судството, во чија надлежност е изборот и разрешувањето на судиите и истото е потврдено од страна на Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет против решенијата за разрешување или изречена дисциплинска мерка, формиран при Врховниот суд на Република Македонија.

Наводите во барањето дека во Решението за разрешување, Судскиот советот на Република Македонија олако ја окарактеризирал подносителката на барањето како несовесен судија, без прецизно анализирање на сите елементи од случајот, со што и ги нарушил слободите и правата на совесен судија, практично претставуваат барање за тоа Уставниот суд да се постави во позиција на инстанционо надреден арбитер и да се впушти во оцена на законитоста на работата на надлежните органи кои постапувале во овој предмет, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Во однос на наводите во барањето дека подносителката на барањето својата мисла и совест јавно ги изразила при донесување на наведените пресуди чие донесување било предмет на оцена пред Судскиот совет на Република Македонија, но со оспореното решение за разрешување јавно била санкционирана за тоа, поради што бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека треба да се има предвид разликата помеѓу вршењето судиска функција, како јавна функција, во однос на правото на човекот и граѓанинот на совест, мисла и јавно изразување на мислата.

Имено, судиската функција е посебна стручна и одговорна јавна функција, чие вршење е условено не само со поседување на посебни стручни способности од страна на судиите, туку и со потреба од висок степен на совесност и одговорност на судиите при донесувањето на судските одлуки. Ова особено затоа што судиите имаат законска обврска да одлучуваат непристрасно, при што се врзани за примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите, што значи дека правото на судијата на совест и мисла при одлучувањето во конкретен судски предмет, нужно е поврзано и ограничено во рамките на законот и Уставот. Поради тоа, вршењето на судиската функција која подразбира право на судијата да одлучува во конкретен судски предмет, претставува негова обврска за примена на Уставот и на закон, а не слобода и право на совест, мисла и јавно изразување на мислата, како лични слободи и права на човекот и граѓанинот.

Слободата на мислата значи право на човекот слободно да мисли за сите прашања и слободно да гради свест за себе, за природата и за општеството во кое живее и работи. Слободата на совеста значи право на човекот слободно да го избира погледот на светот, во функција на развојот на моралниот и духовниот интегритет на личноста.

Оттука, според Судот, вршењето на судиската функција и правото и обврската на судијата да донесува одлуки во согласност со Уставот, закон и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, не спаѓа во корпусот на слободи и права на човекот и граѓанинот што, меѓу другото, се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а чија заштита се обезбедува пред Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот,

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.145/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски