Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членoвите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членoт 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седница одржана на 24 октомври 2007 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ:
– членот 4 во деловите: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа” и “постојано”;
– членот 5 во деловите: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа”, “државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата” и “и други инфраструктурни објекти”
алинеја 3 на членот 5 во делот: “и други”;
алинеја 4 и 5 на членот 5;
– членот 6 став 1 во делот: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа”;
алинејата 1 во ставот 1 на членот 6 во деловите: “при меѓународни средби” и “политички”;
алинејата 2 во ставот 1 на членот 6 во делот: “политички,” и
– членот 8 во делот: “а се мнозинство во таа единица на локална самоуправа,” од Закон за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2005).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Томе Тодоровски од Свети Николе, Ѓорѓи Наумов од Скопје, ВМРО-Народна партија, Лига за демократија и Македонска народна партија со решение У.бр.133/2005 од 6 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на одделни одредби и делови од одредби од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, означени во точката 1 на ова одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 1, членот 2, членот 5, членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2 од Уставот, како и со Амандманот VIII на Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 1 од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, со овој закон се уредуваат правото и начинот на употреба на знамињата преку кои заедниците во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и особеностите.
Според членот 2 од Законот, заедниците во Република Македонија заради изразување на својот идентитет и особености имаат право да употребуваат знаме (став 1). Под знаме во смисла на ставот 1 од овој член, се подразбира знаме што заедниците го избрале и го употребуваат како знаме за изразување на својот идентитет и особености (став 2).
Според членот 3 од Законот, заедниците во Република Македонија, знамето со кое го изразуваат својот идентитет и особеностите, го употребуваат во јавниот, службениот и приватниот живот на начин утврден со овој закон.
Според членот 4 од Законот, во единиците на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа, согласно со член 2 од овој закон, пред и во објектите на органите на единиците на локалната самоуправа постојано се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа зедница.
Според членот 5 од Законот, во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на зедницата и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа, согласно со членот 2 на овој закон, пред и во објектите на државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата, јавните служби и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа, на улиците, на плоштадите и други инфраструктурни објекти, покрај знамето на Република Македонија се истакнува и знамето на таа зедница:
– во денови на државни и други празници на Република Македонија утврдени со закон;
– во денови на празници на заедниците;
– во денови на општински и други празници утврдени со одлука на советот на единицата на локалната самоуправа;
– при пречек и испраќање на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија и претседателот и членови на Владата на Република Македонија и
– при официјално доаѓање на претседател или премиер на странска држава, како и на суверен или висок преставник на меѓународна заедница.
Според членот 6 став 1 од Законот, во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се мнозинство во таа единица на локалната самоуправа, согласно со членот 2 на овој закон, доколку се истакне знамето на таа заедница, се истакнува и знамето на Република Македонија:
– при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири и
– при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и слични манифестации кои се од значење за единицата на локалната самоуправа.
Според ставот 2 од истата одредба од Законот, во случаите од ставот 1 на овој член, знамињата се истакнуваат истовремено пред и во објектите во кои се одржуваат средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации.
Според членот 7 од Законот, припадниците на заедниците во Република Македонија знамето преку кое го изразуваат својот идентитет и особеностите имаат право да го употребуваат во приватниот живот и при одржувањето на културни, спортски и други приредби што ги организираат припадниците на заедниците во Република Македонија.
Според членот 8 од Законот, во единиците на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедниците, а се мнозинство во таа единица на локална самоуправа, знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница се истакнуваат на следниов начин кога:
– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата и знамето на единицата на локалната самоуправа, знамето на Република Македонија се истакнува во средината, додека знамето на заедницата е два метра надесно, гледано однапред, а знамето на единицата на локалната самоуправа е два метра налево од државното знаме;
– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата, знамето на заедницата е надесно, гледано однапред, од знамето на Република Македонија и
– се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република Македонија ќе биде прво во редот.
Според членот 9 од Законот, Советот на локалната самоуправа донесува одлука со која го определува надлежниот субјект за истакнување на знамињата согласно со членовите 5 и 6 на овој закон.
Во членовите 10, 11 и 12 од Законот се содржани казнените одредби, во кои е определена висината на паричната казна за случаите кога правното лице или одговорното лице во правното лице направиле прекршок со постапување спротивно на членовите 4, 5, 6 или 8 од овој закон.
Во членот 13 од Законот, како завршна одредба предвидено е овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
5. Според членот 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава (став 1). Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив (став 2).
Според членот 2 став 1 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
Според членот 5 од Уставот, државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна (став 1). Грбот, знамето и химната на Република Македонија се уредуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 2).
Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 11 од Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со Амандманот VIII на Уставот (“Службен весник на Република Македонија” бр.91/2001) членот 48 од Уставот се заменува и гласи:
Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница (став 1). Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници (став 2). Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет (став 3). Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик (став 4).
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според точката 2 на Амандманот X на Уставот, за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.
Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок на Република Македонија и не можат да се менуваат со закон.
Законот за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.
Според членот 5 став 1 од Рамковната конвенција, странките се обврзуваат да ги унапредуваат условите за да им овозможат на припадниците на националните малцинства да ја сочуваат и развиваат својата култура, како и да ги сочуваат суштинските елементи на нивниот идентитет, нивната вера, нивниот јазик, нивните традиции и нивното културно наследство.
Според членот 20 од Рамковната конвенција, во вршењето на правата и слободите што произлегуваат од принципите наведени во оваа Рамковна конвенција, припадниците на националните малцинства ги почитуваат националното законодавство и правата на другите, посебно правата на припадниците на мнозинството или на другите национални малцинства.
Според членот 21 од Рамковната конвенција, ништо во оваа конвенција нема да биде толкувано како да дава право да се преземат активности или да се постапува спротивно на основните принципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичка назависност на државите.
6. Тргнувајќи од содржината на точката 1 на Амандманот VIII од Уставот, произлегува дека припадниците на заедниците имаат право заради изразување, негување и развивање на својот идентитет и особеностите на своите заедници да ги употребуваат симболите на своите заедници. Амандманот го утврдува правото но не го разработува понатаму прашањето за видовите на симболи, нивниот опис, видот на актот во кој треба да биде уредено ова право, како и начинот на употреба на симболите на припадниците на заедниците.
Оттаму, Законот во кој се содржани одредбите и деловите од одредби предмет на оцена во постапката пред Судот има своја уставна основа во Амандманот VIII на Уставот, односно припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија имаат уставно утврдено право заради изразување, негување и развој на својот идентитет и особеностите на своите заедници да ги употребуваат симболите на својата заедница. Ова и од причина што Амандманот VIII на Уставот, според системската поставеност во Уставот, спаѓа во делот II.Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, со поднаслов 2.Економски, социјални и културни права, од каде произлегува дека вака предвиденото демократско право е на исто рамниште со останатите предвидени и гарантирани основни човекови слободи и права. Притоа, ова право не е непознато и за поранешните уставни системи во Република Македонија во досегашниот развој на демократијата како политички процес.
Во анализата на согласноста на оспорените одредби и делови од одредби од Законот, Судот се задржа и на содржината на одредбите од Виенската конвенција за конзуларните односи, кон која Република Македонија пристапи со Одлука бр.23-2185/1 од 28 јули 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/1993).
Имено, во членот 29 од Конвенцијата се уредува употребата на националните знамиња и грбови на странски држави. Според став 1 на овој член, на државата што испраќа и се дава право да го употребува своето национално знаме и грб во земјата што прима. Според став 2, се дозволува веење на националното знаме на државата што испраќа и истакнување на нејзиниот грб на објектот каде е сместено конзуларното преставништво, како и на резиденцијата на шефот на конзуларното преставништво и на неговото превозно средство кога е во службена употреба. Според став 3, во реализирањето на правата од став 1 на овој член мора да се обрне внимание на законите, прописите и обичаите на државата што прима.
Од содржината на наведената одредба, како и од целината на текстот на Конвенцијата, произлегува дека државите потписнички не предвиделе директна забрана или резерва за употреба на нивното знаме, како државен симбол за намени што не се уредени со оваа Конвенција. Впрочем, истакнувањето на знаме на друга држава за ситуациите од Конвенцијата има за цел да се искаже промовирање на пријателски односи меѓу државите со респектирање на нивните разлики во уставното и општественото уредување.
Оттаму, за Судот не беше спорен изборот на знаме на друга држава како знаме кое ќе служи за симболизирање на идентитетот и особеностите на одредена група на припадници на заедници кои не се мнозинство во Република Македонија бидејќи така избраното знаме не би можело да го загрози суверенитетот и државниот интегритет на Република Македонија се до тогаш до кога во неговата употреба ќе значи само изразување припадност на одредена заедница во функција на Амандманот VIII на Уставот.
Во оној момент кога со употребата на така избраното знаме не би се означувала припадност кон одредена заедница, туку би се означувала припадност на друга држава би можело да се постави прашање за согласност со Уставот. Тоа е пак прашање што може да се разгледува преку оценката на уставноста на одделни делови од членовите 4, 5, 6 и 8 од Законот кои ја уредуваат употребата на знамето на припадниците на заедниците заедно со знамето на Република Македонија пред одредени објекти, по повод одредени настани, средби, случувања и слично.
7. Тргнувајќи повторно од содржината на Амандманот VIII на Уставот, произлегува дека во него не се предвидува право на употреба на симболи на припадниците на заедниците според нивната процентуална застапеност на ниво на единицата на локална самоуправа, туку такво право е дадено на сите припадници на заедниците без оглед на нивната процентуална застапеност.
Според тоа по однос на членовите 4, 5, 6 и 8 од Законот во кои се предвидува право на употреба на знаме само по однос на граѓаните припадници на заедниците кои се мнозинство во единицата на локална самоуправа, според Судот постои повреда на Амандман VIII на Уставот, во кој правото на употреба на симболите на припадниците на заедниците не е поврзано со нивната процентуална застапеност .
Заради ваквата определба означените делови од членовите 4, 5, 6 и 8 од Законот не се во согласност со Уставот и од причина што законодавецот на овој начин ги доведува во привилегирана положба граѓаните припадници на заедниците кои се мнозинство во конкретна единица на локална самоуправа, по однос на останатите припадници кои не се мнозинство. Ова особено ако се има предвид дека определбата на Уставот во Аманданот VIII е на сите припадници на заедници во Република Македонија, а не само на оние кои се мнозинство да им овозможи слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници, што во себе во крајна линија го содржи и принципот на еднаквост на припадниците на сите заедници пред Уставот и законите, содржан во членот 9 став 2 од Уставот.
Впрочем, во Амандманот IV на Уставот, со кој се заменува Преамбулата на Уставот, меѓу другото, се уредува дека, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро-Република Македонија, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
Оттаму, од содржината на Амандманите IV и VIII на Уставот произлегува дека Република Македонија има определба преку владеењето на правото да се изгради како суверена држава што почива на мултиетничка основа во која основните слободи и права имаат значајно место, меѓу кои спаѓаат и правата на сите припадници на заедниците да ги употребуваат симболите на својата заедница со цел изразување, негување и развој на својот идентитет.
Понатаму, Судот имаше предвид дека Уставот во член 5 и Амандманот VIII прави разлика помеѓу знамето како симбол на државата и симболите на припадниците на заедниците, а таква разлика произлегува и од законските одредби, посебно од членот 8 од Законот кој води сметка за почесното место на кое треба да се наоѓа знамето на Република Македонија, во ситуациите кога се истакнуваат државното знаме и знамето на припадниците на заедниците. При тоа, знамето на припадниците на заедниците во согласност со Амандманот VIII на Уставот, во членовите 1, 2 и 3 од Законот е определено како симбол за изразување на идентитетот и особеностите на припадниците на заедниците.
Исто така, Судот имаше предвид дека почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, од каде произлегува и правото на националните малцинства, односно кај нас припадниците на заедниците слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особености.
Оттаму, ценејќи го правото на припадниците на заедниците заради изразување, негување и развивање на својот идентитет да ги употребуваат своите симболи, утврдено како такво во Амандманот VIII на Уставот, но и според одредбите од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, Судот утврди дека Уставот на Република Македонија отишол во проширување на правата на припадниците на заедниците, за разлика од меѓународните акти што се составен дел на внатрешниот правен поредок и покрај фактот што во нив, вклучувајќи ја и наведената Конвенција не постои меѓународен стандард кој во корпусот на правата на националните заедниците го уредува правото на нивни симболи.
Гледано пак од аспект на регулативата на други земји што го уредуваат на уставно ниво оваа право, само Република Словенија во членот 64 став 1 од Уставот, за автохтоните италијански и унгарски етнички заедници и нивните членови утврдила право слободно да ги користат нивните симболи со цел да го зачуваат нивниот национален идентитет. Од аспект на законска регулатива вакво право е утврдено во Република Словенија и Република Хрватска.
Меѓутоа, според оценка на Судот, без оглед на недостатокот на регулатива во меѓународните акти по однос на ова право, неспорно е дека припадниците на заедниците во Република Македонија можат да го уживаат уставно утврденото право, на начин што ќе овозможи почитување на националното законодавство и правата на другите, посебно правата на припадниците на мнозинството или на другите припадници на заедници, со воздржување од активности што би биле спротивни на основните принципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичка назависност на државите во кои таквите права им се гарантираат, што произлегува од содржината на членовите 20 и 21 од Рамковната конвенција.
Целта на наведените одредби е да овозможат заштита на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичка независност на државите во кои има припадници на национални малцинства од уживање на даденото право на начин што не би ги довел во прашање суверенитетот и територијалниот идентитет, кои секако свој израз имаат и преку државното знаме како симбол на државата. Исто така, во уживањето на дадените права припадниците на националните заедници не би смееле да се издигнат со тоа право над останатите припадници на заедниците или пак над правата на припадниците на мнозинството.
Оттаму, уживањето на даденото уставно право за употреба на знамето на припадниците на заедниците во никој случај не може да биде манифестирано на начин што би можел да предизвика чувство на недоволна почит или отсуство на почит кон државното знаме, или знамето на останатите припадници на заедници.
Меѓутоа, одделни делови од член 4, член 5, член 6 и член 8 од Законот, заради значењето на симболиката на употребата на знамето на припадниците на заедниците во дадените ситуации, особено заради даденото вакво право само по однос на припадниците на заедниците што се мнозинство во единицата на локалната самоуправа, но не и на сите припадници на заедници, одстапуваат од целта на членовите 20 и 21 од Рамковната конвенција.
Оттаму, по однос на членовите 4, 5 и 6 во деловите: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа”, како и членот 8 во делот: “а се мнозинство во таа единица на локална самоуправа” од Законот, Судот оцени дека не се во согласност со Амандманот VIII, како и со членот 9 став 2 од Уставот.
8. Тргнувајќи од содржината на член 1 од Уставот произлегува дека Република Македонија е конституирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, во која суверенитетот на Републиката е неделив, неотуѓив и непренослив.
Оттаму, Република Македонија ја има највисоката и неограничена власт и позиција на државната територија. Суверенитетот на државата претставува битно својство на државата со чија помош таа станува независна од надворешните фактори (надворешен суверенитет) и повисок фактор по однос на внатрешните субјекти (внатрешен суверенитет). Притоа, Уставот на Република Македонија во член 2 го определува граѓанинот како извор и носител на суверенитетот, а сите граѓани кои живеат во Републиката се еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро-Република Македонија.
Со оглед на околноста што со оспорениот Закон се уредува истовремена употреба на знамето на Република Македонија, како државен симбол, заедно со знамето на припадниците на заедниците неминовно беше да се воспостави релација помеѓу членот 1, членот 2 и членот 5 од Уставот со оспорените одредби од Законот.
Имено, тргувајќи од членот 5 од Уставот, знамето е еден од државните симболи преку кои се изразува државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Република Македонија, при што со истакнувањето на државното знаме и воопшто со неговата употреба се симболизира припадност кон одредена држава на кој начин се изразува државниот идентитет и државните особености.
За разлика од тоа, употребата или истакнувањето на знамето на припадниците на заедниците има за цел да симболизира припадност кон одредена заедница заради изразување на идентитетот и особеностите на таа заедница.
Оттаму, произлезе дека деловите од членовите 4, 5 и 6 од Законот, кои ја уредуваат употребата на двата по вид исти, но по суштина различни симболи, во и пред одредени објекти за предвидени празници, прилики и настани може да го доведат во прашање суверенитетот на Република Македонија утврден во член 1 и член 2 од Уставот, како и државните симболи како израз на државниот суверенитет утврдени во член 5 од Уставот.
а) Имено, тргнувајќи од содржината на член 2 точка 1 од Законот за локалната самоправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), според кој општината е единица на локална самоуправа, како заедница на жителите на одредено подрачје утврдена со закон, произлегува дека единиците на локалната самоуправа се конституирани, основани заради задоволување на потребите на сите жители на тоа подрачје.
Оттаму, постојаното истакнување на знамето како симбол пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа, (советот и градоначалникот, според член 31 од Законот за локалната самоуправа), како што определува член 4 од оспорениот закон според оцена на Судот единствено би можело да значи дека во тоа подрачје сите жители, во организиран облик, ја остваруваат власта и ги задоволуваат своите потреби на локално ниво.
Во спротивно тоа би значело дека во мултиетничката единица на локална самоуправа власта на локално ниво ја остваруваат само оние припадници на заедници чие знаме постојано е истакнато пред и во предвидените објекти со Законот. Тоа воедно ќе означи дека суверенитетот на локално, па и пошироко на државно ниво не им припаѓа на сите граѓани, туку само на оние чие знаме постојано е истакнато во единицата на локалната заедница што, според Судот, не е во согласност со членот 1, членот 2 став 1 и членот 5 од Уставот.
Оттаму, ако единицата на локалната самоуправа е заедница на жителите на одредено подрачје утврдена со закон, според Судот, пред и во објектите на единицата на локалната самоуправа постојано би можело да биде истакнато единствено општинското знаме. Тоа, пак како симбол означува дека на конкретно географски определена територија живеат и делуваат во организиран облик, на локално ниво, граѓаните на Република Македонија од таа општина, без оглед на нивната национална припадност. Впрочем, за реализација на таквата цел служи и членот 10 од Закон за локалната самоуправа, според кој општината може за свои симболи да има грб и знаме.
Врз основа на наведеното, по однос на делот: “постојано” од членот 4 од Законот, Судот оцени дека не е во согласност со член 1, член 2 став 1 и член 5 од Уставот, според кои суверенитетот на Република Македонија е неделив, произлегува од граѓаните и им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија, а знамето на Република Македонија е државен симбол.
б) Во членот 5 од оспорениот Закон е уредено истакнување на знамето на Република Македонија и знамето на припадниците на заедниците што се мнозинство во единицата на локалната самоуправа пред и во објекти на државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата и јавните служби и правните лица основани од единицата на локалната самоуправа за време на празници, настани, средби, посети на странски државници или високи преставници на меѓународната заедница и слично.
Тргнувајќи од содржината на членот 5 од Законот, меѓу другото произлегува дека истиот предвидува повремено истакнување на знамето на припадниците на заедниците и знамето на Република Македонија пред и во објектите на државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата, од каде се поставува прашањето каква е симболиката на употреба на знамето на припадниците на заедниците пред и во овие објекти.
Имено, ако се има предвид дека во овој случај станува збор за употреба на знаме пред и во објекти на државни органи, јавни служби и правни лица основани од државата, според оцена на Судот уставно е издржано единствено истакнување на државното знаме како израз на државниот суверенитет, но не и на знамето на припадниците на заедниците како израз на идентитетот и особеностите на заедниците.
Оттаму, за делот: “државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата” од членот 5 од Законот, Судот оцени дека не е во согласност со член 1, член 2 став 2 и Амандманот VIII на Уставот.
в) Понатаму, по однос на делот: “и други инфраструктурни објекти” од истиот член од Законот според оцена на Судот постои повреда на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Имено, ако се има предвид дека изразот “и други инфраструктурни објекти” опфаќа во себе, покрај децидно набројаните објекти истакнување на знамињата и во секој друг објект што има инфраструктурен карактер, тоа значи дека знамињата се истакнуваат и на: касарни, гранични премини, театри, железници, водоводи, домови за стари лица, паркови, музеи и слично од каде по повод настаните предвидени во членот 5 став 1 од Законот пред и во секој објект изграден од човечка рака што е наменет за јавни потреби ќе бидат истакнати државното знаме и знамето на припадниците на заедниците.
Според Судот нејасно е зошто законодавецот по исцрпното и сеопфатно набројување на инфраструктурните одбјекти пред и во кои се истакнуваат знамето на Република Македонија и знамето на припадниците на заедниците пристапил кон општа формулација „и други инфраструктурни објекти“, што ја прави нејасна и целта на ваквото нормирање.
Оттаму, според Судот, ваквата недореченост и произволност во нормирањето на означениот дел од членот 5 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Ова од причина што за целосна реализација на оваа темелна вредност е неопходно нормите да бидат јасни, целосни и недвосмислени, со што нема да се остава можност за произволност во толкувањето и нивната примена.
Ваквиот широк и недоречен нормативен зафат е присутен и во делот: “и други“ од член 5 алинеја 3 од Законот. Притоа, за Судот неспорно е истакнувањето на знамето на припадниците на заедниците за време на празници на заедниците, во кои моменти истото симболизира дека одредени припадници на заедницата имаат свој празник како израз на нивниот идентитет и особености. Меѓутоа, при состојба кога законската одредба децидно ги набројува сите видови празници, како што се државните, општинските и верските, Судот не наоѓа уставна оправданост за наведената формулација „и други“ и оставената можност покрај децидно наброените празници знамето на припадниците на заедниците да биде истакнато и на недефинирани, неопределни празници.
Оттаму, и по однос на делот: „и други“ од членот 5 од Законот, Судот оцени дека не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
г) Според Судот неспорно е истакнувањето на државното знаме по повод пречек и испраќање на претседателот на Република Македонија, како лице што ја претставува Република Македонија во земјата и надвор од неа и како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија; на претседателот на Собранието на Република Македонија, како лице што ги претставува највисокиот претставнички орган на граѓаните и законодавната власт, како и на претседателот на Владата на Република Македонија, како лице што ја претставува извршната власт (член 5 алинеја 4). Ова од причина што наведените функции според поставеноста во уставниот систем неминовно подлежат на укажување на почит и соодветни почести и преку личностите што ги вршат овие функции се изразува суверенитетот и државноста на Република Македонија.
Притоа, Судот имаше предвид дека знамето е симбол на секоја држава преку кој се определува нејзиниот внатрешен и надворешен суверенитет и индивидуалитет, од каде граѓаните на Република Македонија независно од нивната припадност имаат општа граѓанска должност да го почитуваат овој државен симбол, па следствено на тоа прописите што ја уредуваат материјата за употреба на државното знаме со било кое друго знаме, вклучувајќи го и знамето на припадниците на заедниците мораат да ги задоволат критериумите за исполнување на наведената функција и граѓанска должност.
Меѓутоа, во случај кога при пречекот или пак испраќањето на носителите на највисоките државни функции или пак при посети на странски државници или високи преставници на меѓународната заедница истакнувањето на знамето на припадниците на заедниците не може да добие третман на знаме со кое се изразува и негува идентитет на припадниците на заедниците, затоа што по повод вакви настани не може да се изразува идентитет на заедниците, туку државен суверенитет. По повод вакви настани, според оцена на Судот уставно е оправдано единствено истакнување на државното знаме.
Оттаму, по однос на алинеите 4 и 5 на членот 5 од Законот Судот оцени дека не се во согласност со член 1, член 2 став 1 и член 5 од Уставот, кој како државни симболи ги утврдува грбот, знамето и химната на Република Македонија.
д) Во член 6 од оспорениот закон е предвидено истовремено истакнување на знамето на Република Македонија и знамето на припадниците на заедниците што се мнозинство во единицата на локалната самоуправа пред и во објекти во кои се одржуваат меѓународни средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации и тоа во случаите кога единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана или пак кога наведените настани и поводи се од значење за единицата на локалната самоуправа.
При тоа, според Судот, симболиката на истакнување на знаме на припадниците на заедниците на една меѓународна политичка средба или меѓународна политичка манифестација нема уставна оправданост ако се има предвид дека според концепцијата на Уставот на Република Македонија тоа спаѓа исклучиво во надлежност на државата и нејзините органи, односно во надлежност на Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија кои можат да се јават како организатори или пак да учествуваат на меѓународни политички средби. Од друга страна, според листата на надлежности на единиците на локалната самоуправа определена во член 22 од Законот за локалната самоуправа истата не може да се јави како организатор или учесник на меѓународна политичка средба.
Исто така, Судот не можеше да согледа уставна оправданост на употреба на знамето на припадниците на заедниците на меѓународен спортски настан во кој државата, треба да ги брани државните бои на меѓународен план, при тоа изразувајќи го идентитетот и суверенитетот на Република Македонија.
Според оцена на Судот неспорно е правото на припадниците на заедниците да го истакнат своето знаме заедно со знамето на Република Македонија во случаите кога се организираат натпревари и други средби од културно-уметнички или спортски карактер или пак прослави и свечености што имаат за цел изразување, негување и развивање на идентитетот на припадниците на заедниците. Ова од причина што истакнатото знаме на припадниците на заедниците во такви случаи ќе ја одрази нивната особеност и идентитет и ќе овозможи да се разликуваат од останатите учесници на ваквите манифестации за што впрочем и се употребуваат знамињата како симболи.
Меѓутоа, тоа не може да се каже и за меѓународните политички средби, меѓународните натпревари, меѓународните научни собири на кои исклучиво може да се претставува или да учествува Република Македонија со цел изразување, негување и развивање на идентитетот на Република Македонија, како суверена држава.
Оттаму, по однос на деловите: “меѓународни средби,” и “политички,” од алинејата 1 на став 1 од членот 6, како и делот: ” политички,” од алинејата 2 на истиот член од Законот, Судот оцени дека не се во согласност со членовите 1, 2 став 1, 5 и Амандманот VIII на Уставот.
9. Врз основа на сумираната анализа на уставните одредби и законските одредби, меѓународните акти и компаративните согледувања Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.133/2005
24 октомври 2007 година
С к о п ј е
Го заменува претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски
Издвоено мислење по предметот У.бр.133/2005