У.бр.115/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Правилникот за способување и усовршување на воени старешини подофицери бр.02-3291/1 донесен од министерот за одбрана на 11 септември 1997 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на актот означен во точката од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот смета дека оспорениот Правилник не бил во согласност со член 52 став 1 и 2 од Уставот бидејќи не бил објавен во “Службен весник на Република Македонија” пред влегувањето во сила.

Понатаму, иницијаторот наведува дека оспорениот акт бил донесен врз основа на член 27 став 1 точка 3 од Законот за одбрана, меѓутоа Правилникот не бил во согласност со наведениот член од Законот бидејќи со овој член не биле утврдени основите и рамките за оспособување и усовршување на воените старешини подофицери ниту пак, било дадено овластување на министерот за одбрана да носи ваков правилник. Иницијаторот смета дека оспорениот акт не бил во согласност со документите за развој на армијата и со актите на претседателот на Републиката.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 160 од Законот за органите на управата, а во врска со член 27 став 1 точка 3 од Законот за одбрана. Со Правилникот се уредува стручното оспособување и усовршување за вршење должност воен старешина – подофицер во Армијата на Република Македонија и тоа: прием на кандидати за подофицери, организирање и реализирање на стручното оспособување и усовршување, проверување и оценување на знаењата, права и должности на кандидатите за подофицери (член 1).

Според членот 2 на овој Правилник стручното оспособување и усовршување за вршење должност воен старешина – подофицер во Армијата има за цел кандидатите за подофицери да се стекнат со општо воени и стручно-специјалистички знаења и психофизички способности за вршење должност воен старешина – подофицер во Армијата.Согласно членот 3 на овој правилник, стручното оспособување и усовршување за подофицери се врши во Армијата и се организира и реализира во согласност со Програмата за стручно оспособување и усовршување за подофицери.

Во делот II што се однесува на приемот на кандидати за подофицери (членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12) се утврдува начинот на изборот на кандидатите и условите што треба да ги исклучуваат кандидатите.

Изборот, прво се врши од редот на војниците по договор, а доколку нема доволно кандидати се објавува јавен оглас. При тоа војниците по договор треба во првите две години од службата како војници по договор да покажале посебни резултати во вршењето на службата и да не се постари од 30 години, додека другите кандидати треба да имаат завршено средно образование, да не се постари од 23 години и да се психофизички и здравствено способни за вршење должност воен старешина – подофицер.

Во делот III (членовите 13, 14, 15, 16, 17 и 18) се уредуваат прашања во врска со организирање и реализирање на стручното оспособување и усовршување на подофицери и тоа времетраењето на обуката, определувањето на бројот на потребните кандидати за секој род-служба, наставниот план и неговата реализација, како и лицата кои го изведуваат стручното оспособување и усовршување.

Делот IV (членовите 19, 20 и 22) се однесува на начинот на проверување и оценување на знаењето и полагањето на завршниот испит.Во членовите 22, 23, 24, 25, 26 и 27 се содржани правата и должностите на кандидатите за подофицери (интернатско сместување, исхрана, униформа, учебници и други помагала потребни за стручното оспособување, патни трошоци за викенд отсуство, надомест на трошоците од страна на кандидатот за подофицер ако истиот се откаже од стручното оспособување иусовршување пред неговото завршување, ако биде отстранет по негова вина или ако одбие да заснова работен однос како подофицер. Членот 28 уредува дека овој правилник влегува во сила со денот на донесувањето.

5. Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.Според мислењето на Министерството за одбрана, оспорениот правилник е интерен акт на министерот со кој се уредуваат прашања кои се однесуваат на пополнувањето на Армијата со одредена категорија на воени старешини. Од таа причина во Правилникот е утврдено дека истиот влегува во сила со денот на донесувањето од што пак, произлегува дека министерот за одбрана одлучил правилникот да не се објавува согласно со можноста утврдена во член 3 став 1 точка 5 од Законот за објавување на законите и другите републички прописи и општи акти кој во време на донесувањето на правилникот бил во сила. Меѓутоа од содржината на оспорениот правилник произлегува дека доколку потребата за подофицери од соодветен род – служба не може да се задоволи со кандидати за подофицери избрани од редот на војниците по договор, се објавува јавен оглас за прием на кандидати за подофицери.

Понатаму, во правилникот е уредено кои податоци ги содржи огласот, посебните услови што треба да ги исполнуваат кандидатите кои ќе се јават на јавниот оглас и др.

Оттука Судот оцени дека оспорениот правилник ги надминал рамките на интерен акт, бидејќи неговите одредби се однесуваат и на субјекти надвор од Армијата и дека тој всушност претставува општ акт кој подлежи на уставно судско оценување.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник не е објавен во “Службен весник на Република Македонија”, основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 52 од Уставот.

6. Според член 27 став 1 точка 5 од Законот за одбрана кој важел во времето на донесувањето на оспорениот правилник, во согласност со документите за развој на армијата и со актите на претседателот на Републиката, министерот за одбрана донесува упатства и други прописи во врска со евиденцијата, регрутирањето и пополнувањето на армијата.

Според овој член кој важел во време на донесувањето на оспорениот правилник, министерот за одбрана имал законска можност да донесе акт со кој ќе го регулира пополнувањето на армијата. Во преодните и завршните одредби на Законот за одбрана кој сега е во сила, прописите чие донесување е предвидено со овој закон ќе се донесат во рок од една година од денот на неговото влегување во сила, освен прописите предвидени со членовите 142, 143 и 144 – Глава XII Планирање, што ќе се донесат најдоцна за две години (член 172).

Согласно членот 173 од овој закон, со денот на влегување во сила на овој закон, престанува да важи Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95). Прописите донесени врз основа на Законот од став 1 на овој член ќе се применуваат до донесувањето на прописите од член 172 на овој закон, доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон.

Според членот 20 став 1 точка 51 од Законот за одбрана, во остварувањето на одбраната Министерството за одбрана донесува прописи што се однесуваат на регрутирање и пополнување на постојниот состав на Армијата со регрути, школување, стручно оспособување и уеовршување на лицата на служба во Армијата и други прописи во врска со вршењето на службата во Армијата.

Од содржината на овој член произлегува дека Министерството односно министерот за одбрана има овластување да донесува акт со кој ќе се регулира стручното оспособување и усовршување на лицата во Армијата.

Според тоа, Судот оцени дека оспорениот правилник не бил во несогласност со членот 27 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95), кој престанал да важи, а исто така не е во спротивност со членот 20 став 1 точка 51 од сега важечкиот Закон за одбрана.

Имено, согласно преодните и завршните одредби на Законот за одбрана, оспорениот правилник може да се применува до донесување на нов правилник (рокот од една година се уште тече) бидејќи тој не е во спротивност со одредбите на важечкиот Закон за одбрана.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со закон.

7. Во врска со наводите во иницијативата дека оспорениот правилник не бил во согласност со документите за развој на Армијата и со актите на Претседателот на Републиката, согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна усогласеност.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.6р.115/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е