У.бр.35/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 11 став 1 точка ѓ и член 11 став 2 точка ѓ, од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019).

2. Влатко Илиевски, адвокат од Скопје, поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија, за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со одредбите од член 11 став 1 точка ѓ и став 2 точка ѓ, од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019) се спречувало голем број граѓани да не можат да учествуваат во постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупција и да бидат именувани на тие функции од страна на Собранието на Републиката. Ова поради тоа што со оспорените одредби од Законот, биле елиминирани голем број граѓани кои би сакале да учествуваат во изборот за состав на Државната комисија, бидејќи тие во минатото имале некои активности во политиката кои со оспорените законски одредби биле утврдени како пречка односно ограничувачки услови за нивно учество во постапката за избор и именување во составот на Државната комисија. Меѓутоа, со одредбите не се водело сметка дека во голем број случаи тие активности на граѓаните биле изразени во минимални, минорни донации за политички партии, дури и само еднаш, или пак во учество во вршењето на некои партиски функции но во пониските ешалони на партиите, или во учество во органите на власта со симболично општествено и партиско влијание и голем дел од овие граѓани биле изедначени со вистинските носители на политичка власт и партиска активност во континуитет, па поради ваквата неселективност и општа поставеност на одредбите од Законот биле на штета на правата и интересите на граѓаните со тоа што им било попречено еднакво со сите други граѓни да учествуваат во изборот за вршење на јавните функции во Државната комисија. Со тоа им било повредено правото за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврдено во членот 9 од Уставот, и правото секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции, утврдено во членот 23 од Уставот. Исто така, граѓаните не можеле да знаат во изминатите десетина години дека тие поради своите активности наведени во оспорените одредби од Законот, ќе трпат последици во смисла на попречување на правото за избор во составот на Државната комисија, па оттука произлегувало дека оспорените одредби од Законот имале ретроактивно повратно дејство, спротивно на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаите кога е тоа поповолно за граѓаните.

Од овие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот, како спротивни на членовите 9, 23 и 52 од Уставот, со кои е уредено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции и дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Воедно, со иницијативата се бара Судот, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе времена мерка, односно да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во делот насловен како „Услови за именување претседател и членови на Државната комисија“, со членот 11 ставот 1 точка ѓ, предвидел:

„(1) За претседател на Државната комисија може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови: ……….

ѓ. во последните десет години да не било пратеник во Собрание на Република Македонија, член на Владата на Република Македонија, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија“.

Во членот 11 ставот 2 точка ѓ, е предвидено:

„(2) За член на Државната комисија може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови: …….

ѓ. во последните десет години да не било пратеник во Собранието на Република Македонија, член на Владата на Република Македонија, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија“.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019) во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон, и утврдил дека со него се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавните овластувања (став 1). За примена на мерките и активностите од ставот (1) на овој член е надлежна Државната комисија за спречување на корупцијата (став 2).

Според членот 2 од овој закон, под корупција, во смисла на овој закон, се подразбира злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност или положба за остварување на корист, директно или преку посредник, за себе или за друг (став 1);

Поимот корупција во смисла на овој закон ги опфаќа и поимите на: – пасивна корупција – намерно делување на службено лице, кое дирекно или преку посредник, бара или прима корист од каков било вид, за себе или за трето лице или прифаќа ветување на ваква корист, со цел да делува или да се воздржува од делување во согласност со своите обврски или да ги врши неговите надлежности спротивно на службените обврски, и – активна корупција – намерно делување на кое било лице кое директно или преку посредник ветува или дава корист од каков било вид на службено лице, за него или за трето лице, со цел да делува или да се воздржува од делување во согласност со неговите обврски или да ги врши неговите надлежности спротивно на службените обврски (став 2); Под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности (став 3).

Во глава втора од Законот, со наслов „Државна комисија за спречување на корупцијата“, со одредбите од член 9 до член 21 се уредени статусот и составот на Државната комисија (член 9), избор и именување на претседателот и членовите на Државната комисија (член 10), услови за именување претседател и членови на Државната комисија (член 11), постапка за избор на претседател и членови на Државната комисија (член 12), статусот на претседателот и членовите на Државната комисија (член 13), престанок на функцијата и разрешување на претседателот и членовите на Државната комисија (член 14), права, должности и одговорности на претседателот, заменик-претседателот и членовите на Државната комисија (членови 15 и 16), надлежности на Државната комисија (член 17), национална стратегија за спречување на корупција и судир на интереси (член 18), годишен план и годишен извештај за работа на Државната комисија (член 19), секретаријат на Државната комисија (член 20) и буџет на Државната комисија (член 21).

Од овој сет на одредби од Законот, се гледа законската определба институционално да се обезбеди остварувањето на целите на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, при што, меѓу другото е утврдено дека: Државната комисија е самостојна и независна во вршењето на работите утврдени со овој закон и им својство на правно лице, таа е составена од претседател и шест членови и има секретаријат како стручна служба со која раководи генерален секретар; претседателот и членовите на Државната комисија ги именува Собранието на Република Македонија за период од пет години без право на повторен избор; тие се избираат на јавен оглас објавен од Собранието на Република Македонија; за претседател и за член на Државната комисија може да биде именувано лице кое ги исполнува пропишаните услови во членот 11 од овој закон, меѓу кои се и условите во оспорените одредби во став 1 точка ѓ и став 2 точка ѓ од овој член; претседателот и членовите на Државената комисија имаат статус на именувани лица и функцијата ја вршат професионално и со полно работно време, а функцијата им е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија; претседателот ја претставува и застапува Државната комисија и ја води и организира нејзината работа, а доколку е спречен тоа го врши заменикот – претседател на Државената комисија; за својата работа претседателот и членовите на Државната комисија одговараат пред Собранието на Република Македонија; таа донесува петгодишна национална стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси со акционен план за нејзино спроведување која се усвојува од Собранието на Република Македонија и комисијата подготвува годишни извештаи и завршен извештај за спроведување на националната стратегија до Собранието на Република Македонија, како и средствата за извршување на функцијата на Државната комисија се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Поаѓајќи од предметот на уредување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, неспорно е дека законодавецот со законските решенија нормирани во оспорените одредби од член 11 став 1 точка ѓ и став 2 точка ѓ, со кои пропишал ограничувачки услови за именување на лица за претседател или член во Државната комисија, ги заштитил политиката и легитимните цели на законодавецот, за ослободување на лицата во составот на Државната комисија од политички влијанија коишто би ги имале во иднина, а предметот на уредување на Законот е всушност директно насочен кон детектирање и откривање на евентуални злоупотреби во вршење на функции, јавни овластувања, службена должност или положба, односно корупција и судир на интереси во работењето во органите при вршење на работи од јавен интерес поврзани со остварување на јавни овластувања. Избраниот состав на претседател и членови во составот на Државната комисија, поради тоа би требало да го задоволува условот на професионално работење надвор од какви било елементи на политичко делување како во поранешен период така и во мандатниот период во составот на Државната комисија, кои би можеле да влијаат на нивното законито работење и вршење на надлежностите согласно Законот.

Со именување на претседател и членови во Државната комисија кои во последните 10 години биле надвор од активностите поврзани со вршење на јавни функции на пратеник во Собранието на Републиката, член на Владата, донатор на политичка партија или вршител на функција во орган на политичка партија, не само што интенцијата на законодавецот е да се избере состав кој никогаш или подолг период не бил политички активен со наведените работи, без оглед на видот и континуитетот на тие активности, туку и да се постигне повисок степен на доверба во резултатите и ефектите во борбата против корупцијата и судирот на интересите, како што е тоа уредено со Законот, а е битно и за кредибилитетот на државата во процесот на пристапување кон евро-атлантските интеграции.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека за оспорените одредби од Законот не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот од аспект на наводите во иницијативата.

Имено, оспорените одредби од Законот еднакво се однесуваат за сите граѓани, се уредуваат прашања со кои се воспоставуваат услови кои важат еднакво за сите во постапката за избор и именување во составот на Државната комисија. Одредбите кои ги содржат наведените ограничувачки услови немаат селективен и различен однос кон граѓаните, тие се еднакви пред законот и под еднакви услови секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции во Државната комисија. Оттука, оспорените одредби од Законот не се во несогласност со членот 9 и членот 23 од Уставот. Оспорените одредби од Законот не се во несогласност ниту со член 52 став 4 од Уставот, со оглед на тоа што тие регулираат услови за нови именувања во Државната комисија, кои ќе важат по влегувањето во сила на Законот и не се регулираат услови коишто ретроактивно би се однесувале на претходно именуван состав што би довело до повратно дејство на законските одредби.

Со оглед на наведеното произлегува дека пред Судот не може уставно да се проблематизираат оспорените одредби од Законот. Поради тоа, нема основ ниту за изрекување на времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд и барањето за запирање на извршување на поединечните акти што се преземени врз основа на оспорените законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.35/2019
22 мај 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоени мислења по предметот У.бр.35/2019