У.бр.149/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.149/2024
Скопје,23.04.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23.04.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 3 од Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година.

Образложение

I

Билјана Ванковска-Цветковска и политичката партија „Левица” до Уставниот суд поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на точка 3 од Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година, како спротивно на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 5, член 9, член 16 ставови 1, 2, 3 и 7, член 22 ставови 1 и 2, член 23 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 став 2, член 75 ставови 1 и 2, член 75-а став 1 а) и член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик.

Во наводите од иницијативата се наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги во согласност со член 96-в од Изборниот законик, е должна да врши перманентен мониторинг и да го следи изборното медумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите во Република Северна Македонија од денот на распишување на изборите до завршување на гласањето на денот на одржување на изборите. Агенцијата, во рамки на нејзината надлежност и службена должност го издала сега оспореното упатство кое има за цел на радиодифузерите да им го појасни начинот на примена на правилата и ограничувањата предвидени во Изборниот законик за претседателските и парламентарните избори 2024 година.

Според подносителите, АВМУ издало упатство кое било во спротивност со императивните законски правила за медиумско претставување во текот на кампањата со произволно и неточно толкување на одредбите од Изборниот законик и погрешно утврдена фактичка состојба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија.

Подносителите сметаат дека распределбата на минутажата за платено политичко рекламирање била заснована на законската одредба од член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, која законска норма е неприменлива за претседателските избори 2024, од причина што оваа законска одредба ја уредува медиумската минутажа за платено политичко рекламирање на партиите која им следува во изборна кампања, а не на претседателските кандидати.

Според подносителите, на претседателските избори 2024 од вкупно седум потврдени претседателски кандидати, дури шест имале стекнат законски статус и правен третман на независни, а не на партиски кандидати. Механизмот за распределба на минутажата за платено политичко рекламирање согласно член 75-ѓ од Изборниот законик, важел само за парламентарните, но не и за претседателските избори со оглед дека станува збор за два одделни и сосема различни изборни процеси.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека Изборниот законик во член 75-а точка а) го пропишува принципот на еднаквост на сите претседателски кандидати без исклучок, без дискриминација, според кој радиодифузерите ќе обезбедат избалансирано покривање на изборниот процес во сите облици на изборно медиумско претставување.

Подносителите сметаат дека принципот на еднаквост, би бил задоволен доколку вкупното време за платеното политичко рекламирање од 9:30 минути биде поделено на сите седум кандидати по 81,5 секунди за секој поединечно, како што бил примерот со претседателските избори 2019.

Во натамошните наводи на иницијативата се наведува дека АВМУ не смее со една единствена формула да ја распредели на ист начин медиумската минутажа за платено политичко рекламирање за претседателските и за параментарните избори 2024 со едно упатство за два различни изборни процеси како и тоа дека оспореното упатство отсликува и погрешно утврдена фактичка состоба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија.

Според подносителите, оспорената точка 3 од Упатството е нејасна, неприменлива во пракса и создава неконзистентност во правните прописи од ист и различен ранг и како таква е спротивна на концептот на владеењето на правото од член 8 од Уставот. Со оспореното упатство се нарушува системот на нормативна хиерархија и се овозможува заобиколување на предвидените уставни и законски норми спротивно на член 51 од Уставот.

Од овие причини, подносителите сметаат дека оспорената точка 3 од упатството е противуставна и противзаконита поради што предлагаат истата да биде поништена или укината, а до донесување на конечна и мериторна одлука, Уставниот суд да донесе привремено решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот подзаконски правен акт во точката 3 од причина што сметаат дека би предизвикалс тешко остранливи и штетни последици по демократијата, изборниот процес и политичкиот плурализам.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената точка 3 од упатството ја има следната содржина:

Во согласност со распределбата на времето за платено политичко рекламирање утврдена во член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, вкупно деветте минути и триесет секунди (00:09:30) на реален час емитувана програма, подносителите на листи ќе ги користат на следниов начин:

– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии од позицијата, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател- Стево Пендаровски поддржан од политичката партија СДСМ и Бујар Османи, поддржан од политичката партија ДУИ.
– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии во опозиција, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател – Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и Арбен Таравари, поддржан од политичките партии Алтернатива и Движење БЕСА.
– Во максимум 1-та минута наменета за политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател – Билјана Ванковска-Цветковска, поддржана од политичка партија Левица и Стевчо Јакиовски, поддржан од политичката партија ГРОМ.
– Во преостанатите 30 секунди наменети за политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителот на листа/кандидатот за претседател – Максим Димитриевски, поддржан од политичката партија ЗНАМ.

III

Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Врз основа на член 18 став 1 алинеја 22 и член 20 став 1 алинеја 15 и член 96 став 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија” бр. 184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 42/20, 77/21, 154/23 и 55/24), член 15 став 1 алинеја 19 и член 39 став 1 алинеја 15 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Пречистен текст) бр.01-3732/1 од 29.07.2019 година, а во врска со член 76-в став 1, член 75, член 75-ѓ став , член 76, член 76-а ставови 2 и 8 и член 76-б од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/06, 136/08, 44/11, 51/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 140/18, 208/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98/19, 42/20, 74/21, 215/21 и 58/24), согласно Заклучокот бр. 02-1371/4 од 29.03.2024 година, Советот на Агенцијата на продолжението на својата 12-та седница одржана на 28.03.2024 година, го донел Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година.

Во оспорената точка 3 од Упатството, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја уредила распределбата на времето за платено политичко рекламирање од вкупно девет минути и триесет секунди на реален час емитувана програма, на седум подносители на листи за претседателски кандидати и тоа во максимум 4 минути наменети за двете најголеми политичики партии од позицијата кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови (двајца кандидати), максимум 4 минути наменети за двете најголеми политички партии од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови (двајца кандидати), максимум 1 минута наменета за политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група (двајца кандидати) и преостанатите 30 секунди наменети за политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати (еден кандидат).

Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024, се применува исклучиво за претседателските и за парламентарните избори 2024, а оспорената точка 3 од истото упатство ја уредува распределбата на времето за платено политичко рекламирање за време на изборната кампања за претседателските избори, во првиот круг на гласање и во иднина нема да се применува, така што истото нема да произведува правно дејство.

Од вака утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената одредба од Упатството има темпорален, времен карактер, со важност до крајот на изборната кампања за претседателските избори, во привот круг на гласање со што е исцрпена во примената и повеќе не е во важност. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска