Издвоено мислење по предметот У.бр.60/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), по моето гласање против Решението У.бр.60/2020 со кое на седницата оддржана на 12 мај 2020 година, Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценка на уставноста на член 1 точки 2 и 3 од Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена од Владата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020), и одлучи да се запрат од извршување поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на погоре наведените одредби од предметната одлука, писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на 12.05.2020 година, со Решението У.бр.60/2020, поведе постапка за оценка на уставноста на член 1 точки 2 и 3 од Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена од Владата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020), и одлучи да се запрат од извршување поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на погоре наведените одредби од предметната одлука.

Не се согласувам со правните мислења и аргументи на основа на кои монозинството судии го изгласаа предметното решение, а за некои имам и сосема спротивно, суштински различно мислење и став.

I. Мнозинството судии анализата и одлучувањето за горенаведеното решение, го темелеа на следново правно мислење:

– Во уставно-судската анализа на оспорената одлука, имајќи ја предвид правната и фактичката состојба, се постави прашањето дали со различниот режим на ограничувањето на слободата на движење на граѓаните во зависност од нивната возраст се повредуваат наведените норми од Уставот и законот имајќи ги во предвид и одредбите од членот 2 на Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

– За Судот не е спорно ограничувањето на слободата на движење со цел здравствена заштита во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија поради коронавирусот, кое важи за сите граѓани. Меѓутоа, се постави како спорно правно прашање дали селективното и различно третирање на граѓаните според нивната возраст е пропорционално и го оправдува јавниот интерес во едно демократско општество, односно дали ограничувањето на слободата на движење кое што не е еднакво за сите граѓани, а е поради исти причини – постоење на заразна болест, може да се оправда како неопходно потребно и легитимно со одредбите од оспорената одлука.

– Оваа дилема е поврзана со сознанието дека и Уставниот суд на Босна и Херцеговина донел одлука според која забраната за движење на лица под 18 години и над 65 години возраст како мерка за спречување на епидемијата од коронавирусот ги крши правата на граѓаните. Судот заклучил дека наредбите на Федералниот штаб за цивилна заштита со кои се наложува забрана на движење на лица под 18 годишна возраст и над 65 годишна возраст во Федерацијата на Босна и Херцеговина го повредуваат правото на слобода на движење според членот 2 од Уставот на Босна и Херцеговина и членот 2 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи.

– Воедно, се имаше во предвид и решението на Уставниот суд на Република Словенија со кое е запрено извршувањето на членот 7 од Одлуката за привремена општа забрана на движење и собирање на луѓе на јавни места и површини во Република Словенија и забрана на движење надвор од општините, поради тоа што била временски неодредена затоа што упатувала дека забраната важи до престанок на причините што ќе го утврдела Владата со решение што ќе го објавела во службен лист на Република Словенија. Но, тоа е општо и неодредено и задирало во основните човекови права, па поради тоа во тој дел Судот го запрел извршувањето на Одлуката и ја задолжил Владата без одлагање по приемот на ова решение секои седум дена на основа на мислење на стручни лица, да проверува дали ограничувањата со мерките се се уште потребни или не за постигнување на целите и истите врз основа на стручните мислења и факти да ги продолжува или укинува, како и Владата за тоа да ја известува јавноста. Секако ова решение на Судот на Република Словенија не е директно поврзано со прашањето на различниот третман на забраната за движење според возраста, што е уставно-судско прашање во овој предмет пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, но упатува на анализа дали различниот третман на забраната на ограничување на движење вооспорените одредби од предметната одлука на Владата, има уставен и законски основ, а со тоа и дали се повредува и одредбата од членот 2 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

– Со оглед на наведеното, сметаме дека за оспорената одлука, во делот на точките 2 и 3 на членот 1, може да се постави прашањето за согласноста со одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и членот 27 од Уставот, како и со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и членот 2 на Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи. Ова поради тоа што постои основано сомнение дали со селективниот и различен однос во ограничувањето на правото на движење според возраста на граѓаните а поради исти причини – постоење на заразна болест, како што е тоа утврдено во оспорените одредби од Одлуката постои пропорционален и оправдан основ за заштита на јавниот интерес со наведената мерка, за остварување на целите поради кои е таа донесена во градењето на едно демократско општество во Република Северна Македонија.

II. Апсолутно не се согласувам со горенаведените ставови и толкувања на уставните одредби, коишто се вклучени во Решението У.бр.60/2020. Сметам дека истите се погрешни, и не се во согласност со суштината на уставните одредби коишто ја уредуваат вонредната состојба. Сметам дека е погрешно толкувањето на опсегот на ограничувањето на слободите и правата односно на членот 54 од Уставот, додека тврдењето дека, “постои основано сомнение дали со селективниот и различен однос во ограничувањето на правото на движење според возраста на граѓаните а поради исти причини- постоење на заразна болест, како што е тоа утврдено во оспорените одредби од Одлуката постои пропорционален и оправдан основ за заштита на јавниот интерес со наведената мерка, за остварување на целите поради кои е таа e донесена”, е неосновано, од следниве причини:

-Имајќи ја предвид целовитоста на уставните одредби коишто ја уредуваат вонредната состојба и во тој контекст правната природа и правните карактеристики на уредбите со законска сила, во конкретниов случај Одлуката на Владата за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, нивната суштина од аспект на целта којашто треба да ја постигнат во околности на вонредна состојба, а таа е соочување со причините коишто довеле до вонредност на состојбата (но и последиците од истата), и враќање во редовниот нормален уставно-правен поредок, за разлика од мнозинството судии за мене не постојат дилеми дека со предметната одлука, Владата ниту ги пречекорила овластувањата кои ги добива согласно членот 126 од Уставот во услови на постоење вонредна состојба, ниту може да стане збор за повреда на член 54 став 3 од Уставот, и конечно селективниот и различниот однос во ограничувањето на правото на движење според возраста, не може да се проблематизира од уставен аспект, односно од аспект на пропорционалноста и оправданоста на наведената мерка.

– Суштинска разлика којашто ја имам во однос на мнозинството судии, се однесува во толкувањето на членот 54 од Уставот, односно опсегот на ограничувањата на слободите и правата на граѓанинот за време на воена или вонредна состојба. За разлика од мнозинството судии, според кои слободите и правата на граѓанинот може да се ограничат само во “случаи утврдени со Уставот” став 1 од членот 54 од Уставот, и според ставот 2 од истиот член, којшто уредува дека во воена и вонредна состојба слободите и правата можат да бидат “ограничени според одредбите од Уставот”, и тоа се толкува рестриктивно, со наведување на одредби од Уставот како членот 21 каде е уредено правото на протест, членот 27 правото на слободата на движењето, и членот 38 правото на штрајк, односно се толкува во смисла случаите на ограничување да бидат децидно наведени во Уставот, мое мислење е дека сите слободи и права на граѓанинот, освен исклучокот во ставот 4 на членот 54 од Уставот, можат да бидат предмет на ограничување во вонредна состојба. За разлика од мнозинството судии, моето толкување на ставот 1 од членот 54 од Уставот „случаи утврдени во Уставот” се однесува „на случаите на вонредна и воена состојба” односно на членовите 125, 126, 127 и 128 од Уставот. Јас ставот 2 од членот 54 „ограничени според одредбите на Уставот” го толкувам, како реферирање на ставот 3 и ставот 4 од истиот член, односно недискриминацијата и правата коишто се апсолутни не можат да бидат ограничени ниту во воена ниту во вонредна состојба. Оттука, значи сите слободи и права утврдени во Уставот освен т.н аполутни слободи и права од ставот 4 на членот 54, можат да бидат предмет на ограничување. Секако и оние кои се предмет на ограничување не значи дека треба се предмет на неограничено ограничување. Ставот 3 бара да биде испочитуван принципот на недискриминација во ограничувањата, а членот 126 од Уставот кој ги дава овластувањата на Владата, како и општо прифатените принципи на меѓународното право бараат ограничувањата да бидат добро дизајнирани, во функционална врска со причината (и последиците), пропорционални, оправдани, разумни во својата суштина. Сметам дека мнозинството судии неосновано и погрешно толкуваат дека слободите и правата на граѓанинот можат да бидат ограничени само во случаи утврдени со Уставот притоа наведувајќи ги само случаите од членот 21 (мирно собирање и јавен протест), членот 27 (слобода на движење), и членот 38 (правото на штрајк), игнорирајќи го ставот 4 од членот 54 т.н. апсолутни права коишто не можат да бидат ограничени ниту во воена ниту во вонредна состојба. Јасно е дека правата од членот 27 од Уставот, не се предвидени во оној сет на права уредени во членот 54 став 4 од Уставот, коишто како апсолутни права не можат да бидат предмет на какво било ограничување ниту во воена ниту во вонредна состојба.

– Што се однесува до ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот на начин како се уредени во нашиот Устав, и согласно моето толкување на уставните одредби, недвосмислено упатува на фактот дека правата уредени во членот 27 од Уставот, според кој ”Секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште (став 1). Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката (став 2). Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето”, можат да бидат ограничени и со закон, во конкретниов случај врз основа на член 58 став 1 точка 3 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016), но уште позначајно и порелевантно во конкретниов случај, и по сила на Уставот, односно согласно членот 54 од Уставот. Неспорен факт е дека ограничувањата на слободите и правата како што веќе истакнав не може да биде предмет на неограничено ограничување. Ставот 3 од членот 54 од Уставот уредува дека “Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба”, и второто ограничување упатува на членот 126 од Уставот којшто ги дава овластувањата на Владата, според кое ограничувањата мора неопходно да бидат добро дизајнирани, во функционална врска со причината поради кои е утврдена вонредна состојба и последиците од истата, пропорционални, оправдани, разумни во својата суштина. Имајќи го ова предвид, прво, во нашиот Устав во член 54 став 3 воопшто не е предвидено, односно нашиот Устав не познава “дискриминација по возраст”. Понатаму дури и да се толкува уредувањето во оспорената oдлука како индиректна дискриминација, во нашиот уставно правен поредок постојат примери на афирмативна или т.н позитивна дискриминација, што е сосема соодветно толкување за конкретниов случај. Конечно, по мое убедување, мерката на Владата во оспорената oдлука, има функционална врска со причината поради кои е утврдена вонредна состојба односно истата е донесена заради спречување на ширење на заразната болест Ковид – 19, и заштита на населениото. Ваквото ограничување, вклучително и селективниот пристап и различниот третман на граѓаните според нивната возраст, Владата не ја донела паушално, произволно, напротив, таа одлука се темели на барањата на Комисијата за заразни болести, единствениот релевантен стручен и квалификуван субјект кој може да ја цени опасноста на болеста, кои возрасни групи се во поголем ризик од истата, кои возрасни групи се поотпорни, кои полесно го пренесуваат вирусот, итн. Фактот дека повозрасните граѓани се поизложени на опасностите од болеста е општо познат, меѓу другото потврден и од Светската здравствена организација. И во тој контекст, мерката на Владата може да се толкува и како мерка со легитимна цел, оправдана, разумна, пропорционална во насока на заштита на здравјето на повозрасните граѓани, а не нивна дискриминација.

– Неспорно е дека Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи со кој се признаваат некои права и слободи коишто не се наведени во Конвенцијата и во Протоколот број 1 кон Конвенцијата, во членот 2 со наслов „Слобода на движење“, предвидел: „1. Секое лице кое законски се наоѓа на територијата на една држава, има право слободно да се движи во неа и слободно да го избере своето место на престојување. 2. Секое лице е слободно да ја напушти која и да е земја вклучувајќи ја и својата. 3. Остварувањето на тие права може да биде предмет само на оние ограничувања кои се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интерес на националната безбедност, јавната безбедност, одржување на јавниот ред, спречување на кривични дела, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество. 4. Правата признати во првиот став можат да бидат предмет и на ограничувања во некои области доколку таквите со закон предвидени ограничувања ги оправдува јавниот интерес на едно демократско општество”. Но повикувањето на овие одредби од Конвенцијата се несоодветни. ЕКЧП предвидува можност за договорните страни да преземат мерки со кои ќе ги дерогира своите обврски предвидени во Конвенцијата, во обем што стриктно го наложува ситуацијата. Слободата на движење, не спаѓа во оние т.н апсолутни права кои не можат да бидат дерогирани ниту во вонредна ниту во воена состојба член 15 од ЕКЧП. Понатаму, со членот 14 од ЕКЧП, уживањето на правата и слободите со оваа конвенција, ќе се обезбеди на сите без дискриминација, без оглед на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус. Како што може да се види, ниту ЕКЧП не познава на директен експлицитен начин “дискриминација по возраст”.

– Наведените примери односно Одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, и на Република Словенија, воопшто немаат допирна точка со конкретниов случај. Во одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина е утврдена повреда на правото на слобода на движење според членот 2 од нивниот Устав и членот 2 од Протоколот 4 кон Конвенцијата за човекови права и слободи, а не дискриминаторско ограничување на слободите и правата. Исто, одлуката на Уставниот суд на Словенија со кое е запрено извршување на членот 7 од Одлуката за привремена општа забрана на движење и собирање на луѓе на јавни места, е од причина што била временски неодредена, а не дека е утврдено дискриминација поради различен третман на забраната за движење според возраста, што е уставно-судско прашање пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во конкретниот случај. Уште повеќе, наведената одлука на Уставниот суд на Словенија, не само што не оди во прилог на Решението У.бр. 60/2020, напротив, на одреден начин и ги побива аргументите на мнозинството судии со фактот дека во истата е предвидено следново: “Но тоа е општо и неодредено и задирало во основните човекови права, па поради тоа во тој дел Судот го запрел извршувањето на Одлуката и ја задолжил Владата без одлагање по приемот на ова решение секои седум дена на основа на мислење на стручни лица, да проверува дали ограничувањата со мерките се се уште потребни или не за постигнување на целите и истите врз основа на стручните мислења и факти да ги продолжува или укинува, како и Владата за тоа да ја известува јавноста”. Оттука, Уставниот суд на Словенија не само што не утврдил дискриминација, туку ја задолжил Владата, на основа на мислење на стручни лица, да проверува дали ограничувањата (кои ги прифаќа за легитимни и оправдани) со мерките се се уште потребни или не за постигнување на целта, идентично како што и Владата на Република Северна Македонија на основа на предлози од Комисијата за заразни болести, правела низа на изменувања на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија.

III. Поради наведеното сметам дека Уставниот суд неосновано поведе постапка за оценка на уставноста на член 1 точки 2 и 3 од Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, број 44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020), и неосновано одлучи да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на истата. Оспорената одлука е целосно во согласност со суштината на уставните одредби коишто ја уредуваат вонредната состојба, и со истата Владата не ги пречекорила овластувањата од членот 126 од Уставот. Предметната Одлука не го повредува ставот 3 од членот 54 од Уставот, и има легитимна цел, справување со причините коишто довеле до утврдување на постоење на вонредна состојба, истата е општествено оправдана и разумна.

Судија на Уставниот суд
д-р Дарко Костадиновски

Решение У.бр.60/2020