Издвоено мислење по предметот У.бр.28/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.28/2019 од 29 мај 2019 година, со кое Уставниот суд одлучи да ја запре постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, донесена на 21-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година, писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Не се согласувам со одлуката на мнозинството на судии да ја запре постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, и покрај неспорниот факт што истата повеќе не постои во правниот поредок. Сметам дека Судот требаше да демонстрира без компромисна одлучност во обезбедувањето на темелната вредност на нашиот уставен поредок – владеење на правото, со цел да го спречи изигрувањето и грубите повреди на Уставот и законите од страна на Советот на Општина Центар, односно да го примени член 70 од Деловникот на Уставниот суд, и да утврди неуставност и незаконитост на оспорената Одлука во времето на нејзиното важење.

По иницијативите поднесени од Градежна комора на Македонија и Стопанска комора на Северозападна Македонија, со кои беше оспорена Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, Уставниот суд, на седницата одржана на 20 март 2019 година, одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, како и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на наведената Одлука, затоа што пред Судот оправдано и основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законите. Нацрт – решението за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, за одлучување беше ставено на дневниот ред на седницата на Судот која се одржа на 27 март 2019 година. Меѓутоа, Судот утврди дека на ден 27.03.2019 година, доносителот на оспорениот акт, до Уставниот суд доставил допис со кој го известува Судот дека Советот на Општина Центар донел Одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови број 08-5438/12 од 27.03.2019 година, во која се уредува дека со донесувањето на таа Одлука престанала да важи оспорената Одлука за која Судот поведе постапка за оценка на нејзината согласност со Уставот и законите. Со ваквото постапување, доносителот на оспорениот акт, повторно, со нова Одлука која по мое длабоко уверување е спротивна на Уставот и законите, всушност, продолжи (како и претходно со носење на дури пет идентични на оспорената Одлука, Одлуки со темпорална важност од по 2 месеца) да ги пречекорува своите законски надлежности со грубо изигрување на Уставниот суд, и повреда на уставно-правното начело на владеење на правото.

На седницата на Судот оддржана на 29 мај 2019 година, Судот наместо да го примени член 70 од Деловникот на Уставниот суд, (кој во алинејата 6 предвидува дека Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа: “за утврдување на неуставност на закон односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување”), одлучи да ја запре постапката, бидејќи оспорениот акт во текот на постапката престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок. По мое мислење, со ваквата одлука, наместо да демонстрира одлучност во обезбедувањето на уставно-правното начело на владеење на правото, со цел да го спречи изигрувањето и повредите на Уставот како и пречекорувањето на законските надлежностите од страна на Советот на Општина Центар, Судот всушност направи компромис на штета на уставно-правното начело на владеење на правото од кое произлегува и правната сигурност за граѓаните.

Но, во детали да ги елаборирам моите становишта и зошто сум против одлуката на Уставниот суд да ја запре лостапката.

Прво, ако се анализира основот за донесување на оспорената одлука, лесно може да се утврди дека во ниту еден од основите наведени во уводот на ослорениот акт каде се цитирани членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и од Законот за локална самоуправа, не се предвидува овластување и надлежност на локалната власт, да стави во мирување еднаш донесен план или пак друг акт за планирање. Во наведените закони едноставно не постои ниту поим ниту постапка за ставање во мирување на еднаш донесен ДУП. Повикувањето на членот 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, нема никаква поврзаност со диспозитивот на оспорената одлука од причини што во истиот се наведува и опишува постапката која следи при донесување на детални урбанистички планови во смисла на стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето, односно наведениот основ се однесува само и единствено за постапката на донесување на деталните урбанистички планови, а не и на нивно спроведување. Понатаму, доносителот на оспорената одлука за свој основ исто така го зел членот 41 став 4 алинеја 1 од наведениот закон според кој советите на општините во Градот Скопје донесуваат детални урбанистички планови, што е точно, но точно е и дека овој член нема никаква врска со ниту една од одредбите од оспорената одлука. Советот на Општина Центар, меѓу другото како основ за донесување на оспорената одлука ја цитирал одредбата од член 43 став 1 алинеја 3 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, која се однесувала на важноста на деталните урбанистички планови, односно дека планирањето на просторот се врши за период од најмалку пет години за детални урбанистички планови. Во однос на повикувањето на Законот за локалната самоуправа, точно е дека постојат надлежности кои се ексклузивно право на општините, кои им се пренесени, но Законот вели дека општините самостојно ги вршат надлежностите, но во рамките на законите. Тоа значи дека законодавецот одредил рамки до каде може локалната власт со надлежностите. Таа рамка е токму таа која го спречува самоволието на локалните власти, и постои за да се ограничат токму вакви „креативни“ одлуки на Советот на Општина Центар. Оттука, Советот на Општината Центар, донел Одлука која нема своја законска основаност, односно Советот ги пречекорил своите надлежности и донел незаконска Одлука.

Потврда за ваквото мое тврдење е фактот што во овој момент во собраниска процедура се наоѓаат предлог на Законот за урбанистичко планирање во кој се уредува прашањето за важење на урбанистичките планови и нивна суспензија. Имено, во собраниска процедура се наоѓа предлог законско решение со кое “Урбанистички план, негов дел или планска одредба може да биде суспендирана од применување од страна на донесувачот на планот, поради докажана и несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од нивната спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради нивната неусогласен ост со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за нивно донесување“, што доколку биде изгласано ќе претставува законски основ за носење на Одлука каква што има донесено Советот на Општина Центар, која беше оспорена пред Уставниот суд. Во моментот на носењето на оспорената Одлука од страна на Советот на Општина Центар, ваков законски основ едноставно не постои!

Оспорената одлука не е само незаконска, истата е неуставна. Со оспорената одлука без законски основ Општината запрела постапки за издавање на градежни одобренија на важечки детални урбанистички планови, со што се ограничува правото на градење кое произлегува од правото на сопственост на недвижни ствари. Правото на сопственост како уставно загарантирано право на сопственикот му дава право стварта да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја. Едно од основните права на сопственикот е правото на градење како право кое извира од правото на сопственост врз определена недвижна ствар, а ограничувањето на правото на градење претставува еден вид ограничување на правото на сопственост. Сопственоста може да се ограничи само ако се утврди јавен интерес утврден со закон.

Понатаму, во оспорената Одлука во чл.2 се наведува дека додека трае запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови, се запираат постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и за издавање одобренија за градење, но дека сите започнати постапки и постапките за кои се издаваат одобренија за градење во врска со предметните детални урбанистички планови, може да продолжат. Со ваквото уредување во оспорената Одлука, со “мораториум” за кој не постои законска основа, Општина Центар ги доведува во нееднаква и во понеповолна правна положба граѓаните што имале сопственост на недвижности на територијата на Општина Центар во однос на граѓаните од истата Општина кои пред донесување на спорната Одлука за “мораториум” ги уживале правата кои произлегуваат од сопственоста согласно законски донесените и важечки ДУПви.

Постапката за донесување на урбанистички планови, како и постапката за издавање на одобренија за подготвителни работи и одобренија за градење, се јасно уредени со закон, со строг редослед на дејствија и точно утврдени рокови, и сите органи треба да ги почитуваат, вклучително и Општината бидејќи тоа се законски предвидени постапки. Во конкретниот случај, Општината Центар, донесувајќи ја оспорената Одлука се ставила над Собранието на Република Северна Македонија, односно самата си доделила овластување кое може да и биде дадено само со Закон (како што впрочем може да се види во предлог Законот за урбанистичко планирање). Ќе повторам, во ниеден важечки Закон, не е предвиден институтот запирање или суспензија на законски донесен и важечки ДУП. Доколку Општината Центар констатирала недоследности во ДУПви, таа има право истите да ги корегира, но само и само на законски начин, преку со закон доделена надлежност и овластување.

Но во овој конкретен случај, Општина Центар Советот не само што не ги испочитувал законот и Уставот, туку на еден перфиден начин одлучил да го изигра и Уставниот суд. Како поинаку да се објасни постапувањето на доносителот на оспорениот акт, кој за периодот декември 2017 до декември 2018 кога е донесена оспорената одлука носи 5 одлуки со темпорално важење од по два месеца. Зошто ако доносителот на оспорениот акт бил убеден во законитоста и уставноста на својата Одлука, не донел една, туку 5, со оспорената шест, и со најновата со која ја става вон сила оспорената Одлука, вкупно 7 одлуки за “мораториум”? Оправдано се поставува прашањето дали со ваквото постапување доносителот на оспорениот акт сакал да го изигра Уставниот суд, кој за период од два месеца, следејќи ги деловничките одредби, реално тешко може да постапи и да укине или поништи Одлука која во правниот поредок егзистира само два месеца. Сметам дека доносителот на оспорениот акт, имал доволно време на располагање за на законски пропишан начин да ги отстрани недоследностите утврдени во ДУПви за кои тврди дека постојат, поради што и впрочем ги носел без законски основ одлуките за т.н “мораториум”.

Второ прашање, кое оправдано само по себе се поставува, зошто во ситуација кога Уставниот суд, на 20 март 2019 година, поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука и носи времена мерка, пред Судот да се произнесе, Советот на Општина Центар донел Одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови број 08-5438/12 од 27.03.2019 година, со која престанала да важи оспорената Одлука? Дали и ова постапување не е обид да биде изигран Уставниот суд?

Аргумент повеќе е што Уставниот суд со Решение У.бр.56/2018 од 08.05.2019 година ја укина Одлуката за изземање на градежни парцели при урбано планирање и спроведување на постапки на ДУП Скопје Север Централен дел-Исток, донесена од Советот на Општина Чаир, на седница одржана на 26.09.2013 година, број 07-2252/18 од 30.09.2013 година, објавена во „Службен гласник на Општина Чаир” број 14/2013. Укинувањето на оваа Одлука се базираше на исти и слични аргументи какви што се наведени во ова издвоено мислење.

Исто така, Уставниот суд во повеќе предмети, водејќи се од неговата примарна надлежност да го чува односно да го гарантира почитувањето на Уставот, да го гарантира владеењето на правото и правната сигурност, одлучи да ги поништи одлуките на повеќе Општини за распишување на референдум за изјаснување на граѓаните на југоистокот на државата за т.н “рудници на смртта”. Судот во тие случаи утврди пречекорување на надлежностите на локалните власти и одлучи да не прави компромис со владеењето на правото. Идентично постапување Уставниот суд покажа во случаите кога, неодамна, укина повеќе ДУПви во Општина Карпош, од причина што утврди дека при нивното носење не биле запазени законските услови. Тоа значи дека Судот во повеќе наврати покажа кредибилитет и не дозволи пречекорување на надлежностите и “самоволие” на локалните власти, што не е случај и во предметот за оспорената Одлука на Советот на Општина Центар. Владеењето на правото не случајно е темелна вредност на нашиот уставен поредок. Преку владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, се обезбедува примена на правните норми и на конкретни случаи и таа примена претставува механизам кој го исклучува самоволието и арбитрерноста на носителите на власта, односно обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Правната сигурност на граѓаните, исто така, е основа за функционирање на владеењето на правото. Владеењето на правото е гаранција за остварување на сите останати темелни вредности на нашиот уставен поредок. Уставот и законите важат за сите и сите се еднакви пред нив. Ако сите централни, локални органи во Република Северна Македонија почнат да ги пречекоруваат своите законски надлежности, да ги кршат Уставот и законите, со аргументи од типот “во име на Уставот го кршам Уставот и законите”, последиците се вовед во “правна анархија”. Уставот и законите постојат за да го штитат јавниот, општиот интерес, а тоа се постигнува само преку нивно почитување.

За крај само една аналогија за постапувањето на Советот на Општина Центар. Постапувањето на Советот на Општина Центар кој не донел измени или дополнувања, или пак да донесе нови ДУПви, туку одлучил да ги “запре”, и тоа 31 од вкупно 33 важечки и законски донесени ДУПви на територија на Општина Центар, ако се преслика на централно ниво, би било идентично на постапување на пример на Собранието на Република Северна Македонија кој хипотетички наместо да пристапи кон измена и дополнување, или да пристапи кон носење на нов Закон, да донесе Одлука со која ќе ја “запре” примената, на пример, на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Дали вакво постапување на Собранието на Република Северна Македонија да донесе одлука за “мораториум” на одреден Закон, би била уставна и законска одлука? Одговорот и овде како и во случајот со постапувањето на Советот на Општина Центар е – НЕ!

Поради се што погоре изнесов, мое мислење е дека Судот требаше да утврди неуставност и незаконитост на оспорената Одлука во времето на нејзиното важење, бидејќи истата е спротивна на член 8 став 1 алинеи 3, 6, член 9 ставови 1 и 2, член 30 ставови 1 и 3, и член 51, од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивна на членот 21 алинеја 1 од Законот за локалната самоуправа.

Судија на Уставниот суд
Д-р Дарко Костадиновски

Решение У.бр.28/2019