Издвоено мислење по предметот У.бр.152/2023

По поднесената иницијатива од г-дин Кренар Лога од с. Ливади, Струга, за поведување постапка за оценување на уставноста, врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против предлогот содржан во Решението У.бр.152/2023 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 2 ноември 2023 година, одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во болничката здравствена заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 77/2023), донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, писмено го образложувам моето несогласување со следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Во врска со поднесената иницијатива на лицето Кренар Лога од с.Ливади, Струга, гласав против предлогот содржан во Решението У.бр.152/2023 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 2 ноември 2023 година, одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во болничката здравствена заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 77/2023), донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Со сета почит на ставот на мнозинството на судии изнесен во Решението У.бр.152/2023, причините поради кои не се согласувам со предлогот за поведување постапка за оценување на уставноста на наведениот правилник, а кои беа изнесени при расправата на 39-та седница на овој суд одржана на ден 02.11.2023 година, ќе ги изнесам низ призма на неколку аргументи.

Како прво, во Уставот на Република Северна Македонија, во делот гаранции на основните слободи и права, се сместени членовите 51 и 52.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Со овие одредби, Уставот ги гарантира основните слободи и права, кои согласно член 8 од Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјалана и политичка припадност.

Од наведените одредби јасно произлегува дека како заштитник на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признаени во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Северна Македонија, несомнено е Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Како причина за поведување постапка за оценување на уставноста, од страна на подносителот Кренар Лога е наведено дека оспорениот правилник бил објавен во Службен весник на Република Северна Македонија, по истекот на рокот утврден во член 52 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Оспорениот правилникот бил донесен на 9 март 2023 година од страна на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и објавен во Службен весник на Република Северна Македонија на 10 април 2023 година.

Мнозинството на судии сметаа дека објавувањето на оспорениот правилник во Службен весник на Република Северна Македонија, по истекот на рокот од 7 дена, утврден во член 52 од Уставот на Република Северна Македонија, е проблематичен од уставно правен аспект, поради што судот донесе Решение за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот правилник.

Во образложението на Решението У.бр 152/2023, ставот на мнозинството на судии е дека член 52 став 2 од Уставот е императивна норма, па доколку донесениот пропис е објавен противно на неа, истиот треба да биде укинат или поништен.

Како судија сметам дека необјавувањето на оспорениот пропис во рокот утврден во член 52 став 2 од Уставот, не смее да задира во правното дејство на веќе донесениот пропис.

Овој суд, со Решение У.бр 56/2004, по поднесена иницијатива за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004), одлучил да не поведе постапка.

Подносителот како причина за оспорување на законот, навел дека Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство, не бил објавен во рок од 7 дена, на кој што обврзува член 52 став 2 од Уставот. Решението за неповедување постапка, било донесено едногласно од страна на сите девет судии на Уставниот суд. За што веќе има судска пракса за идентичен предмет.

Причините за неповедување постапка се целосно изнесени во наведеното решение, а тоа се следните:

Уставно определениот рок за објавувањето не може да се прифати дека е уставна норма со ограничувачка цел во однос на примената на прописите кои се објавени со пролонгирање на рокот и влезени во правниот поредок, бидејќи таа норма е дел од целината на уставните норми за гаранциите на слободите и правата на граѓаните на кои и во ваков случај неспорно им е обезбедено и исполнето гарантираното право на објавување, заради запознавање со законите и другите прописи во правниот поредок.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот утврдил дека во однос на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија не може основано да се постави прашањето за несогласност со членот 51 и членот 52 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова особено поради тоа што оспорениот Закон со неговото донесување од Собранието на Република Македонија, прогласување со Указот потпишан од претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија и објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” бр. 8/2004, ги содржи елементите на применлив пропис со правна важност во правниот поредок на Република Македонија согласно со определбите на Уставот.

Притоа Судот не ја релативизира уставната должност на надлежните органи да ги објават законите и други прописи во рокот утврден со Уставот ниту одговорноста за евентуалните последици кои би можеле да настанат поради нивното ненавремено објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

Поаѓајќи од изнесеното правно мислење дека нема основ за поведување на постапка за оценка на уставноста на оспорениот Закон, Судот оценил дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд и по однос на барањето во иницијативата за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија врз основа на Законот.

Аргументите изнесени во образложението на Решението У.бр.56/2004 од 29.09.2004 година, со кое решение судот одлучувал за неповедување постапка по однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство, за мене како актуелен судија на овој суд, се целосно прифатливи.

Како што претходно е кажано, како причини за поведување постапка за оценување на уставноста на предметниот правилник, од страна на подносителот е дека оспорениот правилник е објавен по истекот на рокот утврден во член 52 став 2 од Уставот.

Ако се има во вид ставот на мнозинството на суди од сегашниот состав на овој суд во врска Решението У.бр.152/2023 од 02.11.2023 година, за поведување постапка по предметниот правилник, лесно може да се констатира дека изнесените наводи содржани во Точката III од наведеното решение, како аргументација за наведената одлука се сами на себе контрадикторни. Ова од причина што ставот на мнозинството на судии изразен во Решението У.бр.152/2023, во целост се совпаѓа аргументите изнесени во Решението У.бр.56/2004 од 29.09.2004 година, но само во оној дел каде што наоѓа за сходно, а заради оправдување од постоењето на чл. 52 ст. 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, но без притоа да даде своја правна аргументација зошто е одлучено да се поведе постапка за оценување на Уставност. Дотолку повеќе што мнозинството на судии немаат во вид дека Уставот во Република Северна Македонија не предвидел санкци доколку законите и другите подзаконски прописи небидат благовремено објавени во утврдениот рок од 7 дена, содржан во чл.52 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Ова од причина што во текстот на Решението У.бр 152/2023 од 02.11.2023 година, во Точка III од образложението на решението, при објаснувањето на значењето на одредбата содржана во член 52 став 2 од Уставот, судот во целост ги прифаќа аргументираните ставови на овој суд изнесени во Решението У.бр.56/2004 од 29.09.2004 година, со кое овој суд, во тоа време, одлучил да не поведе постапка по однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија

Разликата на сегашниот состав на овој суд по однос на предметната иницијатива е дека член 52 став 2 од Уставот, има императивен карактер и во конкретниот случај бидејќи оспорениот правилник бил објавен по истекот на рокот од 7 дена и основано се поставува прашањето за неговата согласност со член 52 став 2 од Уставот.

Неконзистентноста на овој суд, се состои во дијаментралното отстапување од веќе претходно воспоставената уставно судска пракса изразена во Решението У.бр. 56/2004 од 29.09.2004 година на овој суд. По мое мислење ваквото отстапување ги доведува во прашање правната сигурност и владеењето на правото основните како темелни вредности содржани во чл.8 од Уставот на Република Северна Македонија. Ваквото отсатапување по мое длабоко убедување не оди во прилог на основната функција што ја има Уставниот суд како чувар на Уставот на Република Северна Македонија.

Ваквото кратко образложение содржано на крајот од Решението У.бр. 152/2023, со кое мнозинството на судии преку нивниот став сакаат да ја оправдаат одлуката за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот правилник, по мое мислење е оскудно и неосновано од причина што неблагоременото објавување не смее да задира во правното дејство на предметниот правилник и истиот не може да се проблематизира од уставно правен аспект односно оспорениот правилник не е спротивен на член 52 став 2 од Уставот.

 

Судија на Уставен суд на Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.152/2023