Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.108/2013 од 18 февруари 2015 година, а со кое се отфрли барањето на Џенифер Џеладин од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеа 3 од Уставот, го издвојувам и писмено го образложувам следното:
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови го отфрли барањето за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на расна и национална припадност.
Моето издвоено мислење се однесува на две прашања и тоа како на формалниот така и на суштинскиот аспект на барањето за заштита на забрана на дискриминација по основ на расна и национална припадност.
Од формален аспект сметам дека повикувањето во решението на член 110 алинеа 3 од Уставот и членовите 51 и 52 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија даваат доволно услови Судот да постапува по овој предмет во смисла на отварање на материјална расправа, а врз основа на расположливите факти и докази да се утврди дали постоела или не дискриминација на подносителот на барањето на кого не му било дозволено да ја напушти територијата на Република Македонија.
За Судот не е спорно дека согласно член 27 од Уставот, на секој граѓанин на Република Македонија му се гарантира правото на слободно движење и избор на местото на своето живеалиште на територија на Република Македонија, како и правото да ја напушти територијата на Република Македонија и да се врати во неа. Остварувањето на ова право може да се ограничи со закон единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
Правото на слобода на движење и напуштање на матичната држава е регулирано со повеќе меѓународни документи за заштита на човековите слободи и права како што се Универзалната декларација за човековите права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Конвенцијата на ООН за елиминирање на расна дискриминација во сите нејзини форми.
Во конкретниов случај подносителот на барањето за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на расна и национална припадност, на граничниот премин Табановце заедно со нејзиното семејство била спречена да ја напушти земјата од страна на службено лице на граничната контрола согласно Законот за гранична контрола со образложение дека претходна и бил забранет премин преку граница и неможе повторно да патува.
При вршењето на граничната контрола од страна на овластеното лице барателката била издвоена од групата на лица кои ја преминувале границата и од неа било барано да приложи гарантно писмо за престој, не можела да ги образложи причините за планираниот престој и не поседувала доволно парични средства за издржување за време на планираниот престој.
Во конкретниов случај по барањето за заштита од дискриминаторскиот oднос на полицискиот службеник се произнел и Секторот за гранични работи и миграции.
Имајќи предвид наведеното, не се согласувам со констатациите во решението дека во барањето не се презентирани факти и докази за тоа дека барателката била различно третирана во однос на другите граѓани, односно факти и докази дека на барателката и биле намалени можностите во остварувањето на слободите и правата поради нејзината расна и национална припадност.
Како основ за отфрлање на барањето, ценам дека коректно е да го изнесам и моето мислење дека образложението и диспозитивот на решението се контрадикторни. Ова од причина што во диспозитивот Судот го отфрла барањето, а во содржината на истото направена е целосна анализа на преземените дејствија од страна на овластениот службеник, а врз основа на поднесеното барање на подносителката.
Со оглед на наведеното ценам дека Судот во конкретниов случај погрешно го применил членот 52 од Деловникот на Уставниот суд и го отфрлил барањето, наместо да го прифати барањето и да оцени дали постоела повреда, односно дискриминација по основ на расна и национална припадност.
Моето мислење дека Судот требало да се впушти во материјална расправа и да утврди дали е направена повреда по основ на расна и национална припадност уште повеќе е зацврстена по донесување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.189/2012 од 25 јуни 2014 година со која се укинати член 37 став 1 точка 6 и член 38 став 4 од Законот за патни исправи на граѓаните на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/1992, 20/2003, 46/2004, 19/2007, 84/2008, 51/2011 и 135/2011).
Во наведената одлука Судот повикувајќи се на член 27 од Уставот на Република Македонија како и од одредбите од меѓународните конвенции за човековите права, утврдил дека правото на граѓанинот да ја напушти територијата на сопствената земја, односно правото на патување во странство претставува едно од основните човекови права кое произлегува од слободата на движење, што пак е составен дел на поширокиот контекст на слободата на личноста, односно општата слобода на дејствување на човекот и неговите активности во различни сфери од животот. Остварувањето на ова право, се смета дека претставува предуслов за остварување на други слободи и права (како на пример, правото на азил).
Од наведените одредби исто така произлегува дека ова право не е апсолутно, односно дека тоа може да се ограничи, но во точно определени услови. Остварувањето на правото на слободно движење и правото на напуштање на територијата на Република Македонија согласно ставот 3 на член 27 од Уставот, може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
Имајќи ја предвид содржината на правото на слобода на движење и правото на напуштање на земјата и неговото значење за остварување на другите слободи и права, произлегува дека и ограничувањата на правото на напуштање на земјата мора да се толкуваат строго, во смисла на тоа да не ја загрозуваат и негираат самата суштина на слободата на движење. Или, како што наведува Комитетот за човекови права на Обединетите нации во својот Генерален коментар бр.27- Слобода на движење:
„1. Слободата на движење е неодвоив услов за слободниот развој на личноста“.
2. Дозволените ограничувања кои можат да бидат применети на правата заштитени со членот 12 (од Пактот) не смеат да го негираат (поништат) принципот на слобода на движење…
13. При усвојувањето на закони во кои се предвидени ограничувања што се дозволени согласно членот 12 став 3, Државите треба секогаш да бидат водени од принципот дека ограничувањата не смеат да ја нарушат суштината на правото; “
Оттука, секоја мерка што претставува ограничување на правото треба да се оценува не само од гледна точка на нејзината законитост, односно предвиденост во законот, туку и од аспект на нејзината неопходност и пропорционалност.
Тргнувајќи од наведеното, ценам дека во конкретниов случај ограничувањето на правото односно на слободата на подносителката на барањето која поседувала валидна патна исправа да ја напушти земјата не е засновано на навистина сериозни и исклучителни околности кои произлегуваат од член 27 од Уставот како и од Законот за гранична контрола.
Во членот 2 од Законот за граничната контрола наведени се целите на граничната контрола која опфаќа работи кои се однесуваат на граничните проверки и на граничен надзор со цел спречување и откривање на кривични дела и прекршоци, спречување на илегална миграција и трговија со луѓе, заштита на здравјето на луѓето, личната сигурност, имотот, животната средина и природата како и откривање на други опасности по јавниот ред, правниот поредок, националната безбедност и меѓународните односи.
Според тоа ценам дека преземените дејствија на овластениот службеник се прекумерни и непропорционални, и истите не можат да се подведат под дозволени ограничувања на правото на подносителката да ја напушти Република Македонија.
Имајќи го предвид наведеното, ценам дека во конкретниов случај на подносителката на барањето за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на расна и национална припадност, со превземените дејствија од страна на овластениот полициски службеник и било ограничено правото на слободата на движење, односно правото да ја напушти територијата на Република Македонија од причини што истата немала гарантно писмо, немала доволно парични средства за издржување во текот на престојот и неможела да докаже од кои причинија напушта државата.
Според мене вака преземените мерки се прекумерни и непропорционални и не можат да се подведат под дозволени ограничувања предвидени со закон.
Судија на Уставен суд на Република Македонија,
Сали Мурати