Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 ноември 1998 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ:
а) Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97) и
б) Указот за прогласување на Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, Либерално-демократската партија, Демократската партија на Македонија, Лигата за демократија, Македонска народна партија, ВМРО-ДП и Светскиот македонски конгрес, со Решение У.бр.141/97 и 147/97 од 27 мај 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на актите означени под а) и б) во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Законот предвидува со овој закон да се уреди употребата на знамињата преку кои припадниците на националностите го изразуваат својот идентитет и национални особености. Со членот 2 на овој закон е предвидено правото припадниците на националностите во Република Македонија да можат да употребуваат и знаме како израз на својот идентитет и национална особеност и поконкретно определува дека тоа знаме е знамето што припадниците на националностите го избрале или го употребуваат како свое. Во членот 3 децидно се наброени случаите во кои е дозволена употреба на знамето од страна на припадниците на националностите заради изразување на нивниот идентитет и национални особености. Членот 4 изречно ги предвидува сите случаи кога знамето од членот 2 не смее да се истакнува. Членот 5 ја предвидува можноста за време на државните празници на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадници на националностите, покрај знамето на Република Македонија да се употребува и знамето преку кое припадниците на таа националност го изразуваат својот идентитет и национална особеност.
Заради употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености спротивно на одредбите од овој закон, се предлагаат казнени одредби при што се пропишани казни за правното и одговорното лице на правното лице (член 6).
5. Согласно член 5 од Уставот на Република Македонија државни симболи на Републиката се: грб, знаме и химна, кои се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од оваа одредба произлегува дека Уставот упатува државните симболи со кои се изразува државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Република Македонија да се утврдуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.
Ваквата формулација на одредбата, според Судот, не остава простор ниту можност за постоење на закони со кои припадниците на националностите, кои живеат на територијата на Република Македонија, а чии матични делови, по правило, живеат во други земји ќе го изразуваат својот суверенитет со државни симболи (знамиња) на матичната земја.
Согласно член 48 став 1 од Уставот, припадниците на националностите имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености, а според ставот 2 на овој член Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на националностите.
Од содржината на овие 2 става на одредбата од член 48 од Уставот, произлегува дека и двата става зборуваат за изразување, негување и развивање на идентитетот и националните особености на припадниците на националностите и дека Републиката им гарантира заштита на тој идентитет набројувајќи го како таков: етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет.
Согласно став 3 на член 48 од Уставот припадниците на националностите имаат право да основаат културни и уметнички институции, научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет.
Според тоа ставовите 1 и 2 од член 48 од Уставот гледани во контекст на ставот 3 на истиот член наведуваат на заклучок дека ставот 3 употребува генусен поим идентитет, во кој се инкорпорирани и етничкиот и културниот и јазичниот и верскиот идентитет, и дека го уредува начинот на кој ќе се врши изразувањето, негувањето и развивањето на тој идентитет (основање на културни и уметнички институции, научни и други здруженија).
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека одредбата од членот 48 од Уставот гарантирајќи им го правото на припадниците на националностите да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и национални особености се однесува на негување, изразување и развивање на нивните обичаи, култура, јазик и традиции, преку културни и уметнички институции, научни и други здруженија, што не значи дека во оваа група може да се подведат правата на државни симболи на матичните земји како што се грбот, знамето и химната.
Според тоа, уставната гаранција на заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на припадниците на националностите не може да се изразува преку давање можност, односно донесување на посебни закони за употреба на знамињата.
Имено, Судот смета дека Уставот е јасен кога вели дека знамето е еден од државните симболи на Република Македонија, поради што за оспорениот закон е неспорно дека тој не може да обезбеди друго право во корпусот на основните човекови слободи и права, што треба да се имаат предвид во однос на целината на Уставот. Ова дотолку повеќе што преамбулата на Уставот како и основните начела од член 8 според кои се признаваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право, гледани во контекст на практиката во врска со уредувањето на ова прашање во другите земји, не може да претставуваат основ за донесување на еден ваков закон од причина што во другите земји, при постоење на државно знаме на соодветната земја, припадниците на националностите немаат право преку сопствено – национално знаме да го изразуваат својот идентитет и национални особености.
И кога под правото на припадниците на националностите слободно да го изразуваат својот етнички идентитет би се подразбирало исклучиво изразување на националната припадност, тоа сепак според оценката на Судот не може да значи дека истото ќе го вршат преку национално знаме кои сами ќе го определуваат, а уште помалку таквото знаме да може да се совпаѓа со знамето на друга држава.
Инаку, што се однесува до тоа дали членот 48 од Уставот го регулира пашањето на правото на националностите како колективитет или како поединци, според Судот, тој го регулира прашањето на нивните права како поединци, што не значи дека поединецот може да одлучува дали и кога ќе употребува национално знаме, а неговата употреба не може да се оквалификува ни како фактичко прашање, туку како прашање со кое се повредува суверенитетот на Република Македонија кој е неделив, неотуѓив и непренослив.
Тоа што Уставот зборува за државен суверенитет, а не за суверенитет на македонскиот народ, според Судот, не им дава право на припадниците на националностите да употребуваат национално знаме од причина што и тие се граѓани и државјани на Република Македонија, поради што државното знаме е и нивно знаме.
Тоа што членот 5 од оспорениот закон предвидува таму каде што припадниците на една националност се мнозинство од населението, во деновите на празниците на Република Македонија, пред објектите на единиците на локалната самоуправа да може да го истакнат и знамето на националностите (што практично би значело неколку пати во годината), според Судот е спорно од причина што не е битен бројот на употребата на знамето, туку принципиелно треба да се реши дали може или не може да се употребува такво знаме како национален симбол. Ова дотолку повеќе што бројот на употребата на знамето на националностите е само претпоставка и тој може да се намалува или зголемува во зависност од ситуацијата.
Несомнено е дека Уставот во ставот 1 на член 48 им дава право на припадниците на националностите слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености но, според Судот, начинот на изразувањето неможе да биде спротивен на правниот поредок на Република Македонија.
Во овој контекст Судот ја има предвид одредбата од член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот според која една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Фактот дека не постои меѓународен стандард кој во корпусот на правата на националностите предвидува вакво право наведува на заклучок дека и меѓународните и уставните стандарди не определуваат дека изразувањето, негувањето и развивањето на идентитетот и националните особености на националните малцинства треба да се врши преку знаме.
Во овој контекст Судот направи осврт и на Рамковната конвенција за заштита на правата на националностите според која потписниците на истата се обврзуваат да им овозможат на припадниците на националните малцинства да ја сочуваат културата, како и да ги сочуваат суштинските елементи на нивниот идентитет: нивната вера, нивниот јазик, нивните традиции и културното наследство (член 5), при што со членот 21 од Конвенцијата се предвидува дека ништо од оваа Конвенција нема да биде толкувано како да дава право да се презема активност или да се постапува спротивно на основните принципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост и територијалниот интегритет и политичката независност на државите.
Одредбата од член 2 став 2 од Законот, според Судот дава можност на територијата на Република Македонија, покрај нејзиното знаме, да се вее и знамето на друга држава со што се доведува во прашање нејзиниот суверенитет кој е неделив, неотуѓив и непренослив и кој е загарантиран со Уставот на Република Македонија (член 1).
Понатаму, формулацијата на одредбата од членот 3 од Законот според која припадниците на националностите имаат право да го употребуваат своето знаме во приватниот живот и при одржување на културни, спортски и други приредби што ги организираат во Република Македонија, не е доволно прецизна затоа што не го определува ниту видот ниту карактерот на другите приредби, што остава можност под тој поим да се организираат приредби од таков вид кои не би биле во духот на Уставот на Република Македонија.
Исто така, членот 4 од Законот, содржи императивна норма во која, меѓу другото, се предвидува дека знамето преку кое припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености не смее да се истакнува пред и во објектите на органите на локалната самоуправа, не предвидувајќи никаков исклучок од ова решение, а веднаш потоа членот 5 од Законот прави исклучок од одредбата од член 4 од Законот со тоа што предвидува во единиците на локалната самоуправа во кои припадниците на една националност се мнозинство од населението, во деновите на државните празници на Републиката утврдени со закон, покрај државното знаме, пред објектите на органите на единиците на локалната самоуправа да може да се истакне и знамето преку кое припадниците на таа националност го изразуваат својот идентитет и националните особености.
Давајќи им вакво право само на припадниците на националностите кои како мнозинство живеат во единиците на локалната самоуправа, истите ги доведува во привилегирана положба во однос на припадниците на националностите кои претставуваат значителен број од населението во единиците на локалната самоуправа, оваа одредба (член 5) од Законот, според Судот, го повредува начелото на еднаквоста, поради што не е согласна со Уставот на Република Македонија.
6. Судот на седницата, исто така, утврди дека Указот со кој се прогласува Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености е издаден од претседателот на Собранието на Република Македонија на седницата од 8 јули 1997 година.
Исто така, Судот утврди дека Указот е потпишан од претседателот на Собранието на Република Македонија, во својство на претседател на државата иако на претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши.
7. Согласно член 82 став 1 од Уставот во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ќе ја врши претседателот на Собранието.
Во ставот 2 на овој член од Уставот е предвидено дека настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.
Според ставот 3 на овој член од Уставот во случај на спреченост да ја врши функцијата претседтелот на Републиката го заменува претседателот на Собранието.
Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, согласно став 4 на овој член од Уставот тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.
Како што се гледа од содржината на овој член од Уставот, уставотворецот ги предвидел случаите кога претседтелот на Собранието на Република Македонија ја врши функцијата на претседател на Републиката.
Првиот случај се однесува на смрт, оставка, трајна спреченост или престанок на мандатот на претседателот на Републиката по сила на Уставот кога функцијата претседател на Републиката, до избор на нов претседател на Републиката, ја врши претседателот на Собранието.
Вториот случај се однесува на настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката што го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.
Третиот случај се однесува на спреченост на претседателот на Републиката да ја врши функцијата, кога го заменува претседателот на Собранието.
Според Судот, во конкретниов случај, не е исполнет ниту еден од условите предвидени во Уставот кога функцијата претседател на Републиката може да ја врши претседателот на Собранието или тој да го заменува.
Ова од причина што, кога претседателот на Републиката е на пат во својство на шеф на државата тој, всушност, е во функција на државата, а не затоа што е спречен да ја врши таа функција.
Со други зборови, кога претседателот на државата се наоѓа на службен пат, значи дека тој е во функција на државата, односно дека не е спречен да ја обавува својата функција, поради што, според Судот, во таков случај, претседателот на Собранието, не е овластен да го заменува.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.141/1997 и У.бр.146/1997
18 ноември 1998 година