У.бр.129/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 февруари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 во делот: „на денот на влегувањето во сила на овој закон“ од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015).

2. Комисијата за следење на постапките во врска со процесот за денационализација, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба била неминовно поврзана со претходно важечката одредба од член 11 став 1 од Законот за денационализација, која гласи: „Право да поднесе барање за денационализација има поранешниот сопственик, односно лицата кои се негови наследници на денот на влегување во сила на овој закон, според прописите за наследување (барател).“, а истата со Одлука на Уставниот суд У.бр.120/98 од 10.03.1999 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/1999) во делот:„на денот на влегување во сила на овој закон“, била укината. Согласно цитираната одлука: „…. на овој начин се исклучува правото на наследниците што таквото својство го добиле по влегувањето во сила на Законот, без оглед на тоа што рокот за поднесување на барањето за враќање на имотот односно плаќање на надоместот е утврден на три односно на пет години, со што се повредува правото на наследување, поради што Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со член 30 став 1 од Уставот.“

Во иницијативата се наведува дека во врска со погоре истакнатото, одредбата од ставот 2 на членот 11 на Законот за денационализација требало да продолжи да ја следи судбината на укинатиот дел од ставот 1 од одредбата, со цел заштита на законитоста и уставноста. Имено, со укинувањето на делот од спорната одредба јасна и недвосмислена била интенцијата на Судот да ги стави во еднаква положба барателите, откако утврдил дека условот врзан за временски определен настан истите ги ставал во нерамноправна положба односно својство на баратели да им се признае единствено на оние наследници кои таквиот статус го имале само во моментот на влегување во сила на Законот. Во таа смисла Судот правилно ценел дека оној кој ќе биде прогласен за наследник и по влегување во сила на Законот требало да ги има истите права како и останатите наследници.

Меѓутоа, вториот услов кој Законот го предвидел во ставот 2 на членот 11, а се однесува на државјанството на барателот, останал во сила. На тој начин само делумно се постигнал ефектот во остварувањето на заштитата на уставноста на законските одредби во однос на еднаквата положба на барателите затоа што повторно оние лица кои не се стекнале со статус на државјанство до денот на влегувањето во сила на овој закон немале право да се јават како подносители на барањето за денационализација.

Спорната одредба: „Барател во смисла на ставот 1 на овој член е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија“, според подносителот на иницијативата, не била уставна и законита поради што тој смета дека треба да се поништи во делот:„ на денот на влегувањето во сила на овој закон“. Дури тогаш, според подносителот, со Законот за денационализација би била вистински исполнета целта, во смисла на враќање на одземениот имот на барателите (поранешен сопственик или наследник на поранешен сопственик), без притоа да се навлегувало во селекција на наследниците поврзана со моментот на стекнување на својствата наследник и државјанин како неопходни за остварување на законски признато право.

Целта на Законот за денационализација била имотот (или соодветен надомест за него) да биде вратен на лицата од кои бил одземен. Во прв ред, овој закон ја поставувал заштитата на сопственоста и намерата имотот да се најде повторно во рацете на лицата од кои бил одземен, односно на нивните потомци. Во самата постапка за денационализација барателот дополнително требало да ја докаже својата сопственост на имотот и нејзиното одземање. Оспорената одредба станувала конфузна и во крајна линија небулозна во моментот кога еден барател-наследник на поранешен сопственик кој поседува докази за сопственост на одземениот имот не можел да поднесе барање за денационализација, само затоа што во моментот на влегување во сила на овој закон самиот тој (наследникот) немал документ за државјанство. На ваков начин се оштетувале голем број на лица кои биле во постапка на добивање на државјанството или од кои било други причини не успеале да се здобијат со државјанство точно до прецизно дефинираниот момент – влегување во сила на Законот за денационализација, а истите тој статус успеале да го стекнат подоцна, но веќе биле отфрлени нивните барања за денационализација од надлежниот орган.

Несомнено, според подносителот на иницијативата, најголемиот проблем лежел во практичната примена на членот, во ситуација кога на наследникот му било признато право на денационализација од надлежен орган, а истиот не можел да поднесе барање за денационализација од причина што лично не ги исполнувал условите предвидени во Законот кои се однесуваат за оставителот. Поточно, барателот бил наследник на правото на денационализација, а правото го стекнал оригинерно претходниот сопственик кој кумулативно ги имал исполнето двата услови: да биде претходен сопственик на земјиште и да биде државјанин на Република Македонија.

Со ваквата условеност на барателот, се оневозможувало остварувањето на правото на сопственост и правото на наследување загарантирани со членот 30 од Уставот на Република Македонија.

Конечно, со ваквата одредба се оставала празнина во правниот поредок на начин што правосилно решение од надлежен орган со кое се признава право на денационализација станувало неприменливо.

Поради наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на член 11 став 2 од Законот за денационализација и да ја поништи одредбата во делот:„на денот на влегувањето во сила на овој закон“ како несогласен со Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 2 од Законот за денационализација, барател во смисла на ставот 1 на овој член е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеja 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

За уставноста на законското решение според кое право да поднесе барање за денационализација има само лицето кое на денот на влегување во сила на Законот за денационализација е државјанин на Република Македонија (член 11 став 2 од Законот), Уставниот суд веќе расправал и одлучувал.

Притоа, со Решение У.бр.35/2002 од 10.04.2002 година, Судот оценил дека со одредбите на член 11 став 2 во делот:„на денот на влегување во сила на овој закон” и член 47 став 3 точка 2 во делот: „стекнато до денот на влегување во сила на овој закон” од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998 и 31/2000) не се повредуваат одредбите на Уставот, поради што не го поставил прашањето за нивната согласност со Уставот.

Во ова решение Судот оценил:

„Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Правата на барателот за денационализација и неговото место и улога во постапката за денационализација се конкретно утврдени со одредбите на Законот за денационализација, а особено со членовите 5, 11, 11-а, 45 до 63 од Законот и членот 39 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација.

Во конкретниот случај не е спорно дека барател на денационализација може да биде лице кое е државјанин на Република Македонија, меѓутоа спорно е дали тоа лице за да може да ги остварува правата што произлегуваат од Законот за денационализација, државјанството требало да го стекне на денот односно до денот на влегувањето во сила на законот (7 мај 1998 година).

Тргнувајќи од анализата на содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека со донесувањето на Законот за денационализација, државата всушност ја исполни својата уставна обврска за признавање на правото на сопственост на поранешните сопственици и дека предмет на денационализација е имотот (кој се враќа, односно за кој се дава надомест) одземен по 2 август 1944 година, врз основите утврдени со членот 1-а од Законот. Притоа, јасно е определено дека барател за денационализација може да биде поранешниот сопственик односно лицата кои се негови наследници според прописите за наследување и дека тоа лице треба да е државјанин на Република Македонија. Определбата на законодавецот, таквото лице државјанството да го стекнало на денот, односно до денот на влегување во сила на овој закон е негово право и со него не се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок и еднаквата положба на граѓаните пред Уставот и законите, ниту се ограничува правото на сопственост и наследување. Таквата определба на законодавецот под еднакви услови се однесува на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба. Покрај тоа, смислата на оспорената одредба има и процедурален карактер и има за цел да го уреди прашањето кој може да биде барател во покренување на постапката за денационализација, а не да го востановува или исклучува правото на сопственост и правото на наследување кое се остварува според прописите за наследување, па според тоа и правото на денационализација кое се остварува во постапката за денационализација.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, со одредбите на член 11 став 2 и член 47 став 3 точка 2 во оспорените делови од Законот за денационализација не се повредуваат одредбите на Уставот, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со Уставот. “

Дополнително, Уставниот суд уште во три наврати го разгледувал прашањето за уставноста на законското решение според кое право да поднесе барање за денационализација има само лицето кое на денот на влегување во сила на Законот за денационализација е државјанин на Република Македонија, но во сите три случаи (Решенија: У.бр. 130/2002 од 04.12.2002 година, У. Бр. 228/2008 од 22.04.2009 година и У.бр. 71/2013 од 04.12. 2013 година) оценил дека нема основи за поинакво одлучување од одлученото во предметот У.бр. 35/2002, поради што ги отфрлил иницијативите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на член 11 став 2 во делот:„на денот на влегувањето во сила на овој закон“ од Законот за денационализација, во суштина од истите причини како во предметот У.бр.35/2002, за кои Судот се произнел со своето решение, претходно цитирано, во кое утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспореното законско решение со одредбите на Уставот.

Со оглед дека за оспореното прашање Судот веќе одлучил дека не може да се постави прашањето за согласноста на истото со одредбите на Уставот, а не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

Во ситуација кога за оспореното законско решение Уставниот суд оценил дека е во согласност со Уставот, произлегува дека сега доставеното барање во иницијативата за тоа баратели на правото за денационализација да можат да бидат сите државјани на Република Македонија, без оглед на моментот на стекнување на државјанството, а не само лице кое на денот на влегување во сила на Законот е државјанин на Република Македонија, што е законско решение кое се применува веќе 20 години, всушност претставува барање за поинакво уредување на прашањето за денационализација, различно од постојното уредување во Законот, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој единствено ја цени согласноста на законските одредби со Уставот, а не креира норми и не уредува односи.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.129/2018
27 февруари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.129/2018