Дневен ред за 15. седница закажана за 3 јуни 2026 година

На 3 јуни 2026 година со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 15. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по следните предмети: 

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.188/2024

Оспорени одредби:  член 101-в став 4 и член 101-з став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.55 од 6.3.2024 година, донесен од Собранието на седницата одржана на 28.02.2024 година). 

Подносител на иницијативата: Ристо Гоговски

Подносителот смета дека со оспорените одредби, во примената, односно за распределба на буџетските средства се нарушуваат економските односи кои ги гарантира Уставот, односно членот 55 со кој е уредена еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Се наведува дека со примената на законот се создаваат услови за привилегирана и монополска положба на одредени субјекти.  

2. Реферат У.бр.17/2025

Оспорен акт: Член 177-г став 2 во делот „именувани од министерот“ и став 10 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 17/2025 и 132/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека одредбите се спорни бидејќи се недоволно јасни и прецизни, што е во спротивност со владеењето на правото. 

Забелешка: Предметот беше на разгледување на 13. Седница на 13 мај 2026 година, но е повлечен поради дополнително проучување. 

3.Реферат У.бр.45/2025

Оспорен акт: член 86 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023).

Содржина на оспорениот акт: Странката, учесникот или трето лице коe што смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. 

Подносител на иницијативата: Манчо Манчев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорената одредба се нарушува владеењето на правото и доведува до правна несигурност бидејќи, според него, заинтересираните страни кои имале намера да поднесат правен лек им застарува правото на поднесување на правниот лек бидејќи одредбата е непрецизна и конфузна. Се тврди дека со одредбата се дискриминираат граѓаните, при остварување на правото за поднесување на правен лек против првостепените одлуки, поединечни акти на институциите на државната управа и другите институции кои вршат јавни овластувања. Следствено на ова е наведено дека учесниците во граѓанските и кривичните постапки кога ги добиваат првостепените акти од основните судови добиваат и јасна правна поука со наведување на рок за поднесување на правен лек, како и органот до кој треба да се поднесе правниот лек. 

4. Реферат У.бр.147/2025

Оспорени одредби: Член 71 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.144/2025, 252/2025 и 266/2025).

Подносител на иницијативата: Филип Силјановски, Билјана Треневска, Цветанка Соколова Младеновска

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорената одредба е во спротивност со член 32 став 5, член 9 став 2, член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 8 став 1 алинеја 11 и член 118 од Уставот. Се наведува дека со оспорената одредба, Законодавецот прави дискриминација бидејќи не ги третира еднакво сите категории на вработени пред Уставот и законите, односно на вработените во МВР во целост им го овозможува уставното право на колективно договарање, додека на административните службеници во целост им го ограничува правото на остварување плата со колективно договарање и на тој начин ги става во неповолна положба. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба претставува јасна регресија на достигнатиот степен на заштита на работничките права и обврски од работен однос. 

5. Реферат У.бр.153/2025

Оспорени одредби:

член 99-а став 3 во деловите „се одзема“, „одземање“ и „точки 1 и 3“;

член 99-а став 4 во деловите „одзема“ и „одземање“;

член 99-а став 5 во деловите „одзема“, „одземање“ и „3-а“;

член 99-а став 9 во деловите „одзема сообраќајна дозвола“ и „забрана за движење“;

член 99-а став 10 во делот „трошоците“ од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ број 68/2004, 127/2006, 114/2009, 50/2010, 83/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015, 124/2015, 129/2015, 193/2015, 37/2016, 71/2016, 64/2018, 140/2018 и 163/2018, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 67/2022, 170/2024, 3/2025, 17/2025 и 101/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот меѓу другото, наведува дека оспорените одредби се во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, со членот 12 став 2 од Уставот кој уредува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и постапка утврдена со закон. Наведено е дека одредбата која предвидува „забрана за движење” излегува надвор од доменот на прекршочни мерки кои може да ги изрече инспекторот за патен сообраќај не само на странец туку и на било кој. Дополнително, подносителот тврди дека одредбите упатуваат на примена за нешто што повеќе не е дел од правниот поредок.

6. Реферат УЗ.83/2025

Оспорен акт: Деловникот на Советот на Општина Јегуновце бр.08-127/3 од 30.06.1997 година („Службен гласник на Општина Јегуновце“ бр.5-6 од 05.09.1997 година).

Подносител на иницијативата: Maтеј Алексовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека Општината продолжила да применува стар Деловник донесен врз основа на прописи кои не се применуваат повеќе (од 1997 година), иако во 2002 година е донесен целосно нов Закон за локална самоуправа кој треба да биде основ за регулирање на нов Деловник од Општината.

7. Реферат УЗ.бр.43/2025

Оспорени одредби: Член 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за минимално-технички услови во продажни објекти во кои се врши трговија на големо и трговија на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.136/2025).

Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски, адвокат и Бојан Стоилков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека со оспорената одредба од подзаконскиот акт е направена повреда на одредби од Законот за енергетика, бидејќи се предвидени околности кои не се уредени во законот, како што е на пример можноста увозникот на нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт при вршењето на трговија на големо, увезените нафтени деривати да ги доставува во посебен склад кај трговецот на големо. 

8. Реферат УЗ.бр.85/2025

Оспорен акт: Правилникот за начинот на склучување договори и плаќање на здравствените услуги во биохемиските лаборатории (без наведен број на „Службен весник“ каде што е објавен оспорениот акт). 

Подносител на иницијативата:

ПЗУ-Лабараторија за молекуларна дијагностика ЛАОР Тетово преку полномошник Трајче Саздов, адвокат од Скопје. 

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби, Фондот за здравствено осигурување на Македонија по исцрпување на месечниот лимит, престанува да ги покрива трошоците за извршените лабораториски анализи, со што биохемиските лаборатории се доведуваат во ситуација да даваат здравствени услуги без соодветен надомест, односно да ги сносат трошоците на сопствен товар. Ваквиот модел на уредување на односите, според наводите, нема основ ниту во Уставот, ниту во Законот за здравственото осигурување. 

II- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА

  1. У.бр.36/2025

2.У.бр.156/2025

https://ustavensud.mk/archives/38905

3. УЗ.28/2025 и УЗ. 30/2025