
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.31/2025
Скопје, 29.04.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 став 1 алинеја 6 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 29 април 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УТВРДУВА неуставност и незаконитост на Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, бр.08-125/7 од 23.01.2025 година, донесена од Советот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево” бр.1/25), во време на важењето.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Државниот инспекторат за локална самоуправа застапуван од директорот Хаќим Рамадани, на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, го донесе Решението УЗ.бр.31/2025, со кое поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на оваа одлука.
Ова од причина што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.
II
На седницата Судот утврди дека Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, бр.1/25 од 23.01.2025 година, е донесена од страна на Советот на Општина Кичево на седницата одржана на 23.01.2025 година, по предлог на градоначалникот на Општина Кичево, врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 23 точка 14 од Статутот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.5/2013).
Програмата содржи V (пет) глави. Во глава I е предвидено дека истата има за цел да ja одрази и прослави богатата културна, етничка и верска разновидност на нашата заедница. Преку редица активности низ целиот годишен период, целта е да се зајакнат врските меѓу заедниците, да се промовира толеранција и разбирање, како и да се зачуваат и развиваат ценетите традиции. Овие настани обезбедуваат можности за граѓаните да се вклучат активно во културниот и социјалниот живот на општината, придонесувајќи за хармонична коегзистенција и за општ развој на општеството.
Во глава II се содржани целите на програмата а тоа се: промоција на коегзистенцијата и толеранцијата, зачувување и развој на локалната култура и традиции, ангажман на заедницата, едукација и свесност, промоција на општината, економски развој на локалниот пазар, поддршка на младите и едукацијата и соработка меѓу институциите и организациите.
Во глава III се содржани празниците и значајните датуми со краток опис на истите и предвидени активности.
Во глава IV се утврдени изворите на финансирање, додека во глава V е предвидено дека оваа програма влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кичево”.
III
Владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 алинеи 3 и 9 од Уставот.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, според член 51 став 2 од Уставот.
Според точка 1 на Амандманот XVI на Уставот на Република Северна Македонија, локалната самоуправа се уредува со закон којшто се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за Градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Согласно со точка 1 на Амандманот XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Според член 31 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), органи на општината се советот и градоначалникот.
Согласно со член 32 став 1 од истиот закон, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамки на надлежностите на општината.
Во член 41 став 3 од истиот закон е предвидено дека прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.
IV
Врз основа на доставената документација, Уставниот суд ја утврди фактичката состојба како што следи понатаму.
Претседателот на Советот на Општина Кичево го донел Решението бр.08-125/1 од 15.01.2025 година, за свикување на 44-та седница на Советот на Општина Кичево, во кое е определено дека седницата ќе се одржи на ден 23.01.2025 година. Во истото решение е содржан и предлог-дневниот ред за седницата.
Од извршениот увид во Записникот од 44-та седница на Советот на Општина Кичево бр.08-125/2 од 23.01.2025 година, произлегува дека седницата се одржала на ден 23.01.2025 година во просториите на Советот на Општина Кичево со почеток во 10:00 часот и на истата присуствувале сите 23 члена на Советот. Во текот на расправата по Предлог-програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, еден од членовите на Советот предложил по оваа точка да се гласа согласно со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, но овој предлог не бил прифатен од страна на претседателот на Советот. Предлог-програмата била усвоена со 12 гласа „за“ и 11 гласа „против“.
Од извршениот увид во евидентниот лист за присуство на членови на Советот на Општина Кичево на седницата бр.44, произлегува дека од вкупно 23 члена на Советот на Општина Кичево, 12 се Албанци и 11 се Македонци.
Директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, го донел Решението бр.02-85/1 од 10.04.2025 година, со кое ја запрел примената на оспорениот акт. Во образложението на истото е наведено дека по извршениот вонреден инспекциски надзор во седиштето на Општина Кичево и по деталниот увид во документацијата доставена од претставник на Општината, се утврдило дека во конкретниот случај донесувањето на Програмата не е во согласност со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.
Во одговорот кој беше доставен од Советот на Општина Кичево, како доносител на оспорениот акт, се наведува дека Програмата е донесена со 12 гласа „за“ и 11 гласа „против“ и според етничката припадност сите советници кои гласале „за“ се Албанци и сите советници кои гласале „против“ се Македонци.
Од утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, е пропис којшто има за цел да ja одрази и прослави богатата културна, етничка и верска разновидност на заедницата и предвидува настани коишто се од суштинско значење на мултиетничкиот карактер на Општината и заштита на правата на заедниците.
Во конкретниот случај, од анализата на наведените законски одредби неспорно произлегува дека оспорениот акт е пропис со кој се планираат културни активности и одбележување на празници во текот на 2025 година и истиот е донесен без потребното мнозинство од заедниците кои не се мнозинско население во Општината, како што предвидува член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа. Поради истата причина и директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, го донел Решението бр.02-85/1 од 10.04.2025 година, со кое ја запрел примената на оспорениот акт.
Смислата на член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа е да обезбеди вклученост и заштита на заедниците кои не се мнозински во процесот на донесување прописи на советот што засегаат прашања од културата. Вака предвиденото мнозинство ја штити рамноправноста на заедниците во процесот на донесување прописи коишто се однесуваат на културата и употребата на јазиците.
Со донесувањето на оспорениот акт на овој начин, спротивно на член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општина Кичево не го обезбедил потребното мнозинство што го прави оспорениот акт незаконит и спротивен на Уставот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски