
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.66/2025
Скопје, 25.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 алинеја 1 во делот „и електронска“ од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.21/2021).
Образложение
I
Андреа Кулаков од Неготино, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот дел е спротивен на Уставот бидејќи предвидува плаќање на месечна претплата за пристап до електронската база на прописи на „Службен весник на Република Северна Македонија“. Се наведува дека оспорената одредба е конфузна од причина што граѓаните немаат непречен пристап до актуелните важечки законски прописи, иако за електронско објавување на прописите потребен е само маргинален трошок на институцијата.
Во иницијативата се наведува дека за да се исполни уставната обврска за почитување на Уставот и законите, предвидена во член 51 став 2 од Уставот, доволно е истите да се објават во електронска форма, со пречистен текст и без претплата односно продажба на службеното гласило. Ова од причина што член 7 став 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, предвидува дека доколку се појави неусогласеност помеѓу текстот и содржината на електронското и печатеното издание, за точен односно правно важен ќе се смета текстот објавен во електронското издание.
Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот и да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“(„Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.21/2021), средствата за работа на Јавното претпријатие Службен весник на Република Северна Македонија – Скопје се обезбедуваат од приходи од своето работење и тоа од претплата, односно продажба на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ во печатена и електронска форма и на другите изданија кои ги издава jавното претпријатие, во печатена и електронска форма.
III
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, е предвидено дека средствата за работа на jавното претпријатие се обезбедуваат од приходи од неговото работење и тоа од претплата, односно продажба на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ во печатена и електронска форма и на другите изданија кои ги издава јавното претпријатие, во печатена и електронска форма.
Со иницијативата се оспорува делот „и електронска“ од член 14 став 1 алинеја 1 од Законот.
Оспорениот дел од одредбата од Законот, претходно бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд од аспект на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, при што, Судот со Решението У.бр.27/2021 од 28.04.2021 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.
Со ова решение Уставниот суд утврдил дека законската обврска која произлегува од оспорениот член се однесува за сите правни и физички лица со цел јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија” да може да ја врши својата дејност за која е оформено, односно да може да го врши објавувањето на законите и другите прописи, акти и истовремено да врши издавање на службеното гласило, што создава големи финансиски реперкусии.
Имајќи предвид дека правната и фактичката состојба е непроменета и дека аспектите на оспорување изнесени во оваа иницијатива не се од влијание за заземање на поинаков став од она што Уставниот суд го утврдил во Решението У.бр.27/2021 од 28.04.2021 година, како и фактот дека не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски