
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.40/2025
Скопје, 11.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Статутот на синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Македонија.
Образложение
I
До Уставниот суд беа поднесени седум иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Првата иницијатива е поднесена од Оливера Милчева од Скопје и други, втората иницијатива е поднесена од Александра Дамческа и други, третата иницијатива е поднесена од Душко Митровски и други, четвртата иницијатива поднесена од Реџеп Али и други, петтата иницијатива поднесена од Зоран Давчевски и други, шестата иницијатива поднесена од Слаѓана Давиткова и други и седмата иницијатива е поднесена од Атанас Георгиевски и други.
Според наводите оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 20 од Уставот, Законот за здруженија и фондации и член 11 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Со оспорениот член 17 став 3 од Статутот се ограничува еден од основните принципи на синдикално доброволно делување и се воведува форма на присилно членство, што претставува флагрантно кршење на уставно загарантираните права, притоа наведувајќи дека поголем дел од членовите не потпишале пристапница и изјава за согласност за членување во Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Македонија.
Член 18 став 1 од Статутот предвидува дека членот кој не плаќа членарина повеќе од 3 месеци последователно, односно 6 месеци во годината, се брише од евиденцијата за членување во СУТКОЗ.
Според наводите, по неколку месеци од престанокот на членството во Синдикатот и бришењето од списоците за членство, овие лица биле внесувани во нови списоци со што повторно се враќале како членови на Синдикатот.
Поради наведените причини, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја поништи.
II
На седницата Судот утврди дека член 17 став 3 од Статутот на синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Македонија (во натамошниот текст: СУТКОЗ), предвидува дека членот на СУТКОЗ, кој сака доброволно да истапи од истиот, согласно со основите наведени во овој статут, истапувањето ќе може да го направи по 3 години од денот на поднесувањето на барањето за истапување од СУТКОЗ.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 20 став од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според став 2 од истиот член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Согласно со член 2 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 135/2011, 55/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/2022), одредбите од овој закон не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони.
Според член 184 ставови 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019, 267/2020, 151/2021, 288/2021, 111/2023, 39/2025, 74/2025 и 124/2025), работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Став 2 од истот член од Законот, уредува дека синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.
IV
Уставниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по наводите изнесени во иницијативите со идентична содржина, ја ценеше уставноста на оспорената одредба од Статутот на СУТКОЗ од аспект на член 20 од Уставот, од кој произлегува дека слободата на здружување го опфаќа и синдикалното организирање и делување, како специфична форма на здружување на работниците заради заштита на нивните економски и социјални права.
Судот имаше предвид дека синдикатите се автономни организации на работниците коишто своето внатрешно уредување, организација и начинот на функционирање го уредуваат со статут и други општи акти, во согласност со закон. Ваквата автономија претставува суштинска карактеристика на синдикалното организирање и е дел од слободата на здружување гарантирана со Уставот.
Оспорениот член 17 став 3 од Статутот на СУТКОЗ, предвидува дека член кој сака доброволно да истапи од синдикатот, согласно основите утврдени во Статутот, може да го направи тоа по истекот на три години од денот на поднесувањето на барањето за истапување.
Според наводите во иницијативите, со ваквата уреденост се ограничува принципот на доброволност на синдикалното членство и се воведува форма на присилно членство, што наводно претставува повреда на уставно загарантираните права.
Меѓутоа, Судот оцени дека оспорената одредба не може да се разгледува изолирано, туку во контекст на целокупното статутарно уредување на членството во синдикатот и правата и обврските што произлегуваат од тоа членство.
Имено, од одредбите на Статутот произлегува дека членството во синдикатот се заснова врз принципот на доброволност, а правата и обврските на членовите, како и условите за престанок на членството, се уредени со статутарни правила коишто важат подеднакво за сите членови.
Во таа смисла, Судот оцени дека пропишувањето на определени временски услови за престанок на членството претставува прашање на внатрешно уредување на организацијата, со кое се обезбедува стабилност во функционирањето на синдикатот, остварување на неговите програмски цели и заштита на интересите на членството како целина.
Самото утврдување на временски период поврзан со постапката за престанок на членството, само по себе, не значи укинување или суштинско ограничување на правото на истапување, ниту пак може да се смета дека воспоставува присилно членство, доколку тоа правило произлегува од општиот акт на здружението, донесен во рамки на неговата статутарна автономија.
Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба претставува внатрешно организациско правило, со кое се уредуваат односите меѓу членовите и синдикатот, а кое по својата природа не претставува прашање на уставност во смисла на надлежностите на Судот.
Во однос на наводите дека поголем дел од членовите не потпишале пристапница или изјава за согласност за членување во синдикатот, Судот оцени дека ваквите наводи се однесуваат на фактички околности и евентуална неправилна примена на статутарните одредби, што не е прашање на уставност на самиот општ акт, туку прашање на неговата примена во конкретни ситуации.
Истото се однесува и на наводите дека лицата кои биле избришани од евиденцијата за членство, согласно со член 18 став 1 од Статутот, поради неплаќање членарина, подоцна биле повторно внесувани во списоците на членови. Судот оцени дека ваквите прашања се поврзани со начинот на водење на евиденцијата и постапувањето на органите на синдикатот, што претставува прашање од фактичка природа и не може да биде предмет на уставно-судска оцена.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба сама по себе не создава основ за сомневање во нејзината согласност со Уставот и законите, ниту пак претставува ограничување на слободата на здружување во смисла на член 20 од Уставот на Република Северна Македонија.
Со оглед на тоа што наводите во иницијативите се однесуваат претежно на прашања од примената на статутарните одредби и фактичкото постапување на синдикалните органи, а не на нивната уставност или законитост, Судот оцени дека не постојат основи за поведување постапка.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски