
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.83/2025
Скопје, 25.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 25 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 4-а, 4-б, 5, 5-а, 6, 6-а, 7 и 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016, 83/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2023, 59/2025 и 154/2025).
Образложение
I
Стопанската комора на северозападна Македонија-Скопје, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во иницијативата се посочува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанал да важи Законот за слободни економски зони („Службен весник на Република Македонија” бр. 56/1999, 41/2000 и 6/2002).
Понатаму, се цитираат членовите 1, 2, 4-а, 4-б, 5, 5-а, 6, 6-а, 7, 8, 8-а, 9 и член 35 став 1 од Законот за технолошки индустриски развојни зони. Според наводите, со овој закон се нарушува еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот којашто е загарантирана во член 55 став 1 од Уставот и се поттикнува висока корупција и организиран криминал за сметка на даночните обврзници и државниот буџет.
Имено, државната помош за домашните и странските правни и физички лица регистрирани за вршење дејност во технолошките индустриски развојни зони, којашто е пропишана во членовите 4-а, 4-6, 5, 5-a, 6, 6-а, 7 и 8, од Законот за технолошки индустриски развојни зони и се остварува во постапка за доделување уредена во членовите 8-а и 9 од истиот закон, ја нарушува еднаквата правна положба со домашните и странските правни и физички лица регистрирани за вршење дејност на територијата на Република Северна Македонија, надвор од технолошките индустриски развојни зони.
Според наводите главна цел на овој закон е обемот на државната помош и погодностите за инвестирање во технолошка индустриска развојна зона, пропишани во членовите 4-а, 4-б, 5, 5-а, 6, 6-а, 7 и 8, што се остварува во постапка за нејзино доделување уредена со членовите 8-а и 9 од истиот закон.
Овој закон создава нелојална конкуренција којашто произлегува од нерамномерната распределба на државната помош, која согласно со истиот закон, се доделува исклучиво на правни и физички лица кои вршат дејност во рамки на зоните. Ваквата поддршка не е достапна на останатите домашни и странски економски субјекти кои вршат дејности надвор од зоните, со што се создава институционализирана нееднаквост и се нарушува принципот на фер и рамноправна пазарна конкуренција.
Доделувањето државна помош се врши врз основа на широки дискрециони овластувања на државната администрација, без прецизни и однапред утврдени критериуми, особено кога се однесуваат на распределба на значителни буџетски средства како замена за приватни инвестиции.
На овој начин, се создава реален ризик од институционализирана корупција, се нарушува правната сигурност, се поткопува економската еднаквост меѓу субјектите и се овозможува формирање монополска позиција за привилегирани корисници на зоните, кои со ценовна предност ги истиснуваат останатите стопански субјекти од пазарот. Поради добивањето значителни финансиски поволности коишто ги уживаат субјектите во рамки на зоните, овие субјекти стекнуваат пазарна предност, што резултира со нелојална конкуренција во однос на останатите домашни и странски економски оператори кои вршат дејност надвор од зоните и ги сносат сите обврски без бенефиции од државна помош.
Домашните и странските правни и физички лица кои вршат дејност на територијата на Републиката надвор од зоните, плаќаат надоместоци пред надлежните државни органи и единиците на локалната самоуправа додека домашните и странските правни и физички лица кои вршат дејност во зоните се ослободени. Ваквата законска уреденост ги доведува субјектите на пазарот во нееднаква правна положба, спротивно на принципот на владеењето на правото и спротивно на член 55 став 2 од Уставот, бидејќи го уништува производството и услугите на тие субјекти кои вршат дејност на територијата на Републиката надвор од зоните.
Имено, наместо еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, со оспорените одредби се создаваат нееднакви услови од причина што погодностите коишто ги добиваат домашните и странски правни и физички лица во вршењето дејност во технолошките индустриски развојни зони ги ставаат во поповолна положба од другите субјекти кои вршат дејност надвор од зоните.
Со ваквата законска уреденост субјектите кои вршат дејност во зоните се стекнуваат со монополска положба и постои монополско однесување на пазарот. Ваквата состојба произлегува од тоа што субјектите кои вршат дејност во технолошките индустриски развојни зони ги користат сите погодности од режимот на државната помош.
Ваквата поставеност може да придонесе за појава на правна несигурност, клиентелизам и недоволна транспарентност, што го доведува во прашање владеењето на правото и начелото на еднаква правна положба на сите стопански субјекти, гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија. Клучниот проблем произлегува од фактот што режимот на државна помош не се применува подеднакво за сите субјекти, туку е ограничен само на одредени привилегирани субјекти кои вршат дејност во рамки на технолошките индустриски развојни зони.
Надлежен државен орган којшто ја следи конкуренцијата и презема мерки утврдени со закон е Комисијата за заштита на конкуренцијата, но според наводите и оваа комисија не презема мерки за обезбедување еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Преку селективната државна помош за субјектите во зоните се создава нелојална конкуренција, што сериозно го нарушува пазарниот баланс и го поткопува домашното производство.
Со тоа што корисниците во зоните се ослободени од обврската за уплата на придонеси, се создава директна конкуренција на домашните компании, коишто редовно ги исполнуваат своите обврски кон државата. Оваа структурна нерамнотежа особено се одразува во услови на масовна миграција и недостиг на квалификувана работна сила, бидејќи привилегираните субјекти можат да понудат повисоки нето-плати, без да ги сносат истите фискални трошоци како останатите стопански субјекти. На тој начин, компаниите коишто работат надвор од зоните стануваат неконкурентни на пазарот на труд, што дополнително го продлабочува дефицитот на работна сила и го загрозува рамномерниот економски развој.
Според наводите во иницијативата, Законот за технолошки индустриски развојни зони не е во согласност ниту со Законот за градење со кој се уредуваат градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето.
Издавањето имотен лист врз основа на записник и нотарска изјава, без соодветна техничка документација и надзор, отвора простор за легализација на објекти што не ги исполнуваат минималните законски и безбедносни стандарди, со што се создава ризик за граѓаните, деловните субјекти и државата во целина, особено во случај на дефекти или несреќи за кои тешко може да се утврди правна одговорност.
Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да го укине или поништи Законот за технолошки индустриски развојни зони и до донесувањето конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Законот за технолошки нидустриски развојни зони.
II
На седницата Судот утврди дека во член 4-а став 1 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016, 83/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2023, 59/2025 и 154/2025), е наведено дека на корисниците во зоните им се доделува државна помош во облик на регионална помош, под услови утврдени со закон, за почетни инвестиции во материјални и нематеријални средства.
Во став 2 од истиот член е утврдено дека таква помош не може да се доделува на претпријатија со потешкотии. Со став 3 се пропишува дека корисникот мора да обезбеди сопствен придонес од најмалку 25% од оправданите инвестициски трошоци, кој не смее да потекнува од државна помош. Во став 4 е пропишан максимален интензитет на помошта до 50% од оправданите инвестициски трошоци или од трошоците за плати за новоотворени работни места за период од две години. Со став 5 се наведува дека овој интензитет може да достигне до 70% за мали, односно до 60% за средни претпријатија. Во став 6 се пропишува дека инвестициони проекти со оправдани трошоци над 50 милиони евра се нотифицираат до Комисијата за заштита на конкуренцијата. Со став 7 се утврдува дека за ваквите проекти интензитетот на помошта се пресметува скалесто, и тоа: до 50 милиони евра – 100% од максималниот интензитет, од 50 до 100 милиони евра – 50%, а над 100 милиони евра – 34% од максималниот интензитет. Со став 8 се уредува дека овие правила се применуваат и за поврзани инвестиции кои во период од три години претставуваат економски неделив проект. Во став 9 е пропишано дека регионалната помош ги опфаќа поволностите од повеќе членови од Законот, при што нивната кумулација не смее да го надмине утврдениот интензитет. Со став 10 се пропишува дека за исти оправдани трошоци не може да се додели друга регионална помош. Во став 11 е утврдено дека договорите за доделување на државната помош, во име на Владата, ги склучуваат надлежните институции со претходна согласност на Владата. Со став 12 се уредува исклучок кога договорот го склучува Агенцијата. Во став 13 се пропишува обврска за годишно доставување информации за доделената помош, а со став 14 е пропишана обврска за водење евиденција и доставување извештаи до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Со член 4-б став 1 од истиот закон, се пропишува дека релокација на претпријатие во зона е дозволена по исклучок, со одлука на Владата, под услов зоната да е на растојание до 50 км, да не се намалат работните места во период од две години по релокацијата и претпријатието да не ги намалило работните места во претходните две години, што се потврдува со заверена изјава. Со став 2 се утврдува дека во таков случај може да се користи државна помош, освен даночните ослободувања. Во став 3 се наведува дека намерата за релокација се доставува во форма на писмо за намери со деловен план кој содржи податоци за претпријатието, инвестицијата, вработувањата, финансиските проекции и други елементи.
Во член 5 став 1 од истиот закон се пропишуваат даночни ослободувања и олеснувања, и тоа: ослободување од данок на добивка за период од десет години под утврдени услови, како и ослободување од персонален данок на доход на платите на вработените, исто така за период од десет години, со посебни правила за проширување, диверзификација и суштинска промена на производството. Со став 2 се утврдува дека одредени дејности можат да користат ослободување од данок на добивка само ако генерираат приход од интелектуална сопственост, согласно „нексус формула“. Во став 3 се пропишува обврска за воспоставување систем за следење на трошоците и приходите за таквите средства. Со став 4 се овластува министерот да го пропише начинот на воспоставување на системот. Во став 5 се уредува можноста за пренос на загуба во период до три години, а со став 6 се уредува постапката за остварување на тоа право со решение од надлежен орган.
Со член 5-а став 1 од истиот закон, се утврдува дека прометот во зоните, освен за крајна потрошувачка, не е предмет на оданочување со данок на додадена вредност. Со став 2 се пропишува ослободување од данок на додадена вредност за увоз на добра под услов тие да не се наменети за крајна потрошувачка. Со став 3 се уредува дека другите промети се оданочуваат согласно со Законот за данокот на додадена вредност. Со став 4 се утврдува дека овие олеснувања се користат по добивање решение за започнување со работа.
Во член 6 став 1 од овој закон, се пропишуваат царински ослободувања и олеснувања, додека со став 2 се утврдува изземање од обврска за гаранција за царински долг за одредени дејности. Во став 3 се утврдува дека овие поволности не се однесуваат на алкохол и тутун, а со став 4 се утврдува можност за користење поволности за увоз на опрема.
Со член 6-а став 1 од овој закон, се уредува доделување помош за обука на вработените, при што се разликува посебно и општо усовршување. Со став 2 се утврдува дека помошта може да изнесува до 50% за општо, односно до 25% за посебно усовршување. Со став 3 се предвидува зголемување на интензитетот на помошта под одредени услови. Со став 4 се уредува кумулацијата на државната помош, додека со став 5 се утврдуваат видовите на оправдани инвестициски трошоци.
Според член 7 од овој закон, поволностите се применуваат за производни, научноистражувачки и одредени услужни дејности.
Согласно со член 8 став 1 од овој закон, се пропишуваат други погодности, вклучително и ослободување од надоместок за уредување на градежно земјиште и можност Владата на Решублика Северна Македонија да учествува во трошоците за изградба на објекти до 500.000 евра, зависно од висината на инвестицијата или бројот на вработени. Со став 2 се утврдува ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за основачот на зоната. Во став 3 е уредено дека земјиштето за основање на зона се дава под закуп до 99 години. Со став 4 се пропишува склучување договор со согласност на Владата. Став 5 утврдува дека земјиштето може понатаму да се дава под закуп. Со став 6 се уредува дека Владата ги определува условите за закуп. Во ставовите 7 и 8 се уредува продажба и закуп на објекти во државна сопственост. Со став 9 се определуваат субјектите кои можат да се јават како купувачи или закупци. Во став 10 се пропишуваат рокови за започнување и завршување на градба и започнување на дејност. Со став 11 се утврдуваат условите за раскинување на договорот. Во став 12 се уредуваат последиците од раскинувањето на договорот, додека со став 13 се утврдува дека раскинувањето на договорот за закуп на земјиштето согласно со ставовите 11 и 12 на овој член, претставува основ и за еднострано раскинување на договорот за доделување на државна помош од страна на давателот на државната помош.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 2 од истиот член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со Законот за технолошки индустриски развојни зони се уредуваат погодностите за инвестирање во технолошките индустриски развојни зони, условите, начинот и постапката за основањето, развојот и работењето на технолошките индустриски развојни зони, дејностите кои се вршат во технолошките индустриски развојни зони и посебните услови за нивно вршење, релокација во зона, стекнувањето со објекти, постапката за издавање на одобрение за градење, постапка за давање закуп на земјиште во технолошко индустриска развојна зона на закупец на земјиште кој ќе изгради објект за потребите на корисник, постапката за давање под закуп на градежното земјиште во зоните на даватели на услуги од јавен интерес, постапката за потврдување на изградени објекти, техничка опрема и пренесени или примени објекти, односно започнати со градба објекти кај коишто не е утврден правниот статус во рамките на зоните, примената на царинските прописи во технолошките индустриски развојни зони, постапка за засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во рамките на зоните, како и престанокот на работа на технолошките индустриски развојни зони и на корисникот на технолошките индустриски развојни зони, според член 1 став 1 од истиот. Во став 2 од истиот член е утврдено дека овој закон претставува шема на помош согласно со прописите за државна помош.
Во член 2 од истиот закон е пропишано дека целта на овој закон е забрзување на економскиот развој со привлекување на странски и домашен капитал за развој на нови технологии и нивна примена во националната економија, зголемување на конкурентноста и зголемување на вработувањето.
Според член 3 од овој закон, изградбата и изведувањето на работите за основање и работење на технолошките индустриски развојни зони е од јавен интерес.
„Државна помош” е секоја помош доделена од давателот на државната помош, во секој облик, со која се создаваат поволности за определени претпријатија, производство на одредени стоки или давање на одредени услуги, според член 4 став 1 точка 4 од истиот закон. Во член 4 став 1 точка 6 е утврдено дека „давател на државна помош” е Владата на Република Северна Македонија и органите на државната управа.
„Корисник на технолошката индустриска развојна зона” е секое домашно или странско физичко или правно лице, кое е регистрирано за вршење дејност согласно со Законот за трговските друштва и кое заради користење на технолошката индустриска развојна зона склучило договор за вршење дејност со основачот на технолошката индустриска развојна зона и му е издадено решение за започнување со работа, според член 4 став 1 точка 7 од истиот закон.
Во член 4 став 1 точка 19 од овој закон, е определено дека „технолошка индустриска развојна зона” (во натамошниот текст: зона) е дел од територијата на Република Северна Македонија како дел од царинско подрачје, одвоен од останатиот дел од царинското подрачје, посебно ограден и означен простор што претставува функционална целина во која се вршат дејности под услови пропишани со овој и друг закон и во кој важат царинските и даночните погодности утврдени со овој и друг закон. Технолошката индустриска развојна зона се формира заради развој на високо пропулзивни и современи технологии со воведување на економски профитабилно производство и ефикасна употреба на ресурсите со примена на највисоки еколошки стандарди. Технолошката индустриска развојна зона е слободна зона од аспект на царинскиот и даночните закони.
Во член 10 од Законот за контрола на државната помош („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010) е утврдено дека Комисијата за заштита на конкуренцијата е надлежна за оцена и надзор на секој облик на државна помош.
Во член 15 став 1 од истиот закон е определено дека Комисијата за заштита на конкуренцијата започнува со испитување на известувањето од член 13 на овој закон од денот на приемот на уредното известување. Ако Комисијата за заштита на конкуренцијата при испитувањето на известувањето утврди дека мерките содржани во известувањето не претставуваат државна помош, во смисла на овој закон, ќе донесе решение за тоа (став 2). Ако Комисијата за заштита на конкуренцијата при испитувањето на известувањето утврди дека мерките содржани во известувањето претставуваат државна помош, во смисла на овој закон, и доделувањето на истата е дозволено, ќе донесе решение за тоа (став 3). Ако Комисијата за заштита на конкуренцијата при испитувањето на известувањето утврди дека мерките содржани во известувањето претставуваат државна помош, во смисла на овој закон, но постојат сериозни сомневања за дозволеноста на доделувањето на истата, со заклучок ќе поведе постапка за оцена на дозволеноста на доделувањето на државната помош. Против заклучокот за поведување на постапка не е дозволена жалба, ниту тужба за поведување на управен спор (став 4). Согласно со став 5 од овој член, по завршувањето на постапката за оцена на дозволеноста на доделувањето на државната помош од ставот 4 на овој член, Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе донесе решение со кое ќе утврди дека мерката содржана во известувањето: не претставува државна помош или претставува државна помош и безусловно или условно ќе го дозволи доделувањето на државната помош или претставува државна помош и нема да го дозволи доделувањето на државната помош.
IV
Во иницијативата како оспорен е означен Законот за технолошки индустриски развојни зони во целост. Меѓутоа наводите во иницијативата исклучиво се однесуваат на прашањата коишто се однесуваат на доделувањето државна помош, односно другите прашања коишто ги уредува овој закон не се спорни за подносителот. Од таа причина предмет на уставно-судска оценка во овој предмет се членовите 4-а, 4-б, 5, 5-а, 6, 6-а, 7 и 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони.
Гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, којашто е предуслов за функционирање на стопанството и приватната иницијатива во сите области на економскиот систем.
Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се смета како дејствување само на субјектите на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството. Државата има право со закон да уредува посебни правила заради заштита на јавниот интерес и соодветно на тоа да создава пропорционални правила на пазарните субјекти, доколку истите се јасни и важат подеднакво за сите субјекти.
Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополско однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот и конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.
Во спречувањето злоупотреба на доминантна односно монополска положба на пазарот надлежност има Комисијата за заштита на конкуренцијата. Нејзина основна улога е да обезбеди слободна, ефикасна и фер конкуренција на пазарот.
Од содржината на членовите 10 и 15 од Законот за контрола на државната помош произлегува дека единствено Комисијата за заштита на конкуренцијата одлучува за дозволеноста на доделувањето на државната помош и државна помош не смее да биде доделена на корисник на државна помош пред истата да биде одобрена со решение на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Имајќи ја предвид содржината на наведените одредби од Законот за технолошки индустриски развојни зони, произлегува дека давателите на државна помош се должни да доставуваат информации за доделената државна помош, за изминатата година, кои сублимирани, институциите ги доставуваат до Собранието на Република Северна Македонија и до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, како вкупна информација за доделената државна помош, за изминатата година.
Исто така, секој од потписниците на договорот во кој е определена државната помош која се доделува на корисникот на зоната, водат евиденција за доделената државна помош за која склучиле договор и во име на давателот на државната помош, доставуваат годишен извештај до Комисијата за заштита на конкуренцијата еднаш годишно во тековната за претходната година. Со оглед на тоа дека со оспорените членови 4-а, 4-б, 5, 5-а, 6, 6-а 7 и 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони детално се уредуваат условите, постапката и надлежностите во врска со користењето на државната помош, став на Судот е дека истите се јасни, прецизни и разбирливи, така што со нив не се повредува владеењето на правото.
Оваа темелна вредност на уставниот поредок, подразбира дека законските норми мора да бидат јасни, прецизни, предвидливи и да овозможуваат правна сигурност. Во конкретниот случај, оспорените одредби ги исполнуваат овие критериуми бидејќи јасно ги утврдуваат условите под кои субјектите можат да стекнат право на поволности, ги определуваат видовите на државна помош, ја уредуваат постапката за одлучување и предвидуваат контролни механизми. Со тоа не постои правна нејаснотија ниту простор за произволно постапување, што значи дека не може да стане збор за повреда на владеењето на правото.
Член 55 од Уставот не воспоставува апсолутна забрана за различен третман на економски субјекти. Напротив законодавецот може да интервенира на пазарот со воведување економски мерки и обезбедување државна помош во функција на јавниот интерес. Во конкретниот случај, разликите помеѓу субјектите кои вршат дејност во зоните и субјектите кои вршат дејност надвор од зоните не се произволни, туку произлегуваат од различен правен статус, однапред утврдени објективни услови и легитимна економска цел.
Од направената анализа произлегува дека оспорените одредби имаат своја легитимна цел, а тоа е привлекување странски инвестиции, поттикнување економски раст, отворање нови работни места, трансфер на технологии, како и рамномерен регионален развој. Овие цели се во функција на јавниот интерес. Мерките за даночни, царински и други поволности предвидени во оспорените членови се ефективен инструмент за привлекување инвестиции и истите се пропорционални со легитимната цел што сака да се постигне.
Во поглед на наводите во иницијативата за несогласноста на Законот за технолошки индустриски развојни зони во целина со Законот за градење, истите се сведуваат на барање за кое Уставниот суд, согласно со член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на направената анализа, Судот оцени дека оспорените членови 4-а, 4-б, 5, 5-а, 6, 6-а, 7 и 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони се во согласност со член 8 став 1 алинеа 3, член 51 став 1 и член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски