
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.78/2025
Скопје, 25.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 1 точка 5, член 10 став 1 алинеи 1 и 2 и член 10 став 2 од Законот за социјална сигурност за старите лица („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.104/2019 и 192/2025).
Образложение
I
Сузана Цветкова од Штип, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истите не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и членовите 34 и 35 од Уставот.
Се наведува дека член 4 став 1 точка 5 го ограничува правото на социјална пензија, бидејќи условува старото лице да нема приходи во последните три месеци, со што се создава период без егзистенцијална заштита.
Понатаму, член 10 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот предвидуваат неправеден товар за корисникот, кој мора да пријавува и докажува промени во материјалната состојба, иако Центарот за социјална работа по службена должност ги прибавува тие податоци преку електронска размена.
Во продолжението на иницијативата се наведува дека член 10 став 2 предвидува престрога санкција – забрана на користење на правото 12 месеци, со што старото лице останува без никаква помош и заштита, што е спротивно на уставните принципи на социјална правда, хуманост и заштита на немоќните.
Врз основа на наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 4 став 1 точка 5 од Законот за социјална сигурност за старите лица („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 104/2019 и 192/2025) е предвидено дека право на социјална сигурност за старите лица, лицето од член 3 став 1 од овој закон го остварува ако не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.
Со член 10 став 1 алинеја 1 од истиот закон, се предвидува дека правото на социјална сигурност за старите лица престанува ако корисникот при поднесувањето на барањето даде невистинити или нецелосни податоци за материјалната, семејната и имотната состојба за себе, брачниот другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница. Според алинеја 2 од истиот став, правото на социјална сигурност за старите лица престанува ако корисникот не ја пријави промената на материјалната и имотната состојба за себе, брачниот другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница, во текот на користењето на правото.
Согласно со став 2 на истиот член, во случаите од ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член правото на социјална сигурност за стари лица не може да се користи во наредните 12 месеци.
III
Хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Северна Македонија.
Согласно со член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, утврдени со закон и со колективен договор.
Во член 35 став 1 од Уставот е предвидено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Со став 2 од истиот член се предвидува дека Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Според став 3 од овој член Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
IV
Од анализата на горенаведените уставни одредби произлегува дека овие норми воспоставуваат обврска за државата активно да создава механизми на социјална заштита и сигурност, во чии рамки со закон ќе воспостави критериуми.
Социјалната сигурност, како уставно право, не е апсолутно и безусловно. Нејзиното остварување треба да зависи од исполнувањето на определени материјални услови коишто се утврдуваат преку соодветна постапка. Законодавецот е овластен да ги утврди овие услови, и да ја заштити суштината на ова уставно право и да не создава нееднаквост на граѓаните.
Од анализата на оспорениот член 4 став 1 точка 5 од Законот произлегува дека оваа одредба е во функција на утврдување на вистинската социјална состојба на подносителот на барањето. Условот да не се остварени приходи во последните три месеци, не значи одземање или ограничување на правото на социјална помош, туку претставува механизам за насочување на помошта кон лица кои навистина немаат никакви средства за егзистенција.
Во однос на оспорените алинеи 1 и 2 од став 1 на член 10 од Законот, произлегува дека со овие одредби се воведува обврска за давање вистинити и целосни податоци во врска со исполнувањето на условите за стекнување право на социјална сигурност за стари лица. Иако центрите за социјална работа прибавуваат дел од податоците по службена должност, граѓаните се одговорни за вистинитоста на доставените информации. Оттука произлегува дека постои обврска за органот да прибавува податоци, но и должност на странката да соработува и известува за евентуални промени, во спротивно би настанале злоупотреби и нерамномерна распределба на државни средства.
Од оспорениот член 10 став 2 од Законот произлегува дека истиот има превентивен карактер, насочен кон заштита на јавниот интерес, бидејќи социјалната сигурност за стари лица се обезбедува од буџетски средства и затоа е оправдано воведувањето привремена забрана на користење на правото во случај на злоупотреба. Санкцијата во траење од 12 месеци е временски ограничена, сразмерна и ја поттикнува одговорноста на корисниците. Таа не ја укинува уставната гаранција на социјална сигурност, бидејќи лицето по истекот на предвидениот рок повторно може да поднесе барање за остварување на правото.
Наводот дека условот „три месеци без приходи“ утврден во член 4 став 1 точка 5 од Законот создава состојба на социјален ризик е неоснован бидејќи истиот има јасна економска оправданост и социјална цел, а државата е должна помошта да ја насочи кон лица кои во даден момент немаат финансиски средства и не можат веднаш да обезбедат извор на приход.
Доколку правото би се признавало и на лица кои остваруваат редовни или повремени приходи, тоа би довело до нееднаков третман и нецелисходно користење на буџетските средства. Дополнително, овој услов не го укинува правото на социјална сигурност, туку само го определува периодот што треба да помине пред поднесување на барањето, односно ја утврдува временската рамка за негово остварување.
Во однос на наводот дека центарот за социјална работа е единствено надлежен за прибавување податоци (член 10 став 1 алинеи 1 и 2), истиот е неоснован. Имено, иако според Правилникот за начинот на утврдување на состојбата и видот на приходите, имотот и имотните права на подносителот и неговиот брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница, образецот на барањето и потребната документација за остварување на правото на социјална сигурност за стари лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 109/2019, 188/2019 и 192/2020) предвидува прибавување на одредени документи по службена должност, тоа не ја исклучува обврската на странката да комуницира со органот и да доставува вистинити и целосни податоци.
Во правниот поредок, обврската за давање вистинити и целосни изјави е составен дел од начелото на совесност и чесност во постапката. Доколку странката не би имала таква обврска, би постоела можност корисникот да премолчи или неточно да прикаже промени во својата состојба, со што би се овозможила злоупотреба на државната помош. Со оваа законска поставеност се обезбедува рамнотежа помеѓу заштитата на јавниот интерес и гарантирањето на правната сигурност на граѓаните.
Наводите дека член 10 став 2 е „нехуман“ и спротивен на уставните принципи, според Судот се неосновани. Ова од причина што привремената забрана за користење на правото во траење од 12 месеци претставува административна мерка, чијашто цел е да спречи повторна злоупотреба. Оваа мерка има превентивна улога и е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност. Покрај тоа, во периодот на забрана лицето може да користи други облици на помош, согласно со Законот за социјална заштита и затоа не може да се тврди дека лицето останува без социјална заштита.
Врз основа на извршената уставноправна анализа произлегува дека оспорените одредби не претставуваат забрана или укинување на правото, туку уредување на начинот и условите за негово остварување. Со нив се уредува постапката и критериумите за користење на правото на социјална сигурност, при што законодавецот постапува во рамки на својата уставна надлежност. Овие решенија обезбедуваат праведност, транспарентност и одговорно управување со јавните средства, што е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 34 и 35 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски