
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.29/2025
Скопје, 04.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на барање поднесено од ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002“, донесена од Советот на Општина Старо Нагоричане бр.08-9/89 од 25.03.2025 година, („Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“ бр.5/2025).
Образложение
I
Друштвото за сообраќај, туризам и услуги ЈОЦО-ТУРС МС ДОО увоз-извоз Куманово, преку адвокатот Драган Трајковиќ од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука е спротивна на член 55 од Уставот и со членовите 5 и 7 од Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 24/2019, 94/2020, 87/2021 и 14/2025).
Со оспорената одлука е нарушена еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, односно подносителот смета дека е ставен во подредена положба во однос на ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002“, на кој му е усвоена понудата за субвенционирање на јавен линиски превоз на патници како најекономична, а понудата на подносителот е одбиена.
Се наведува дека оспорената одлука е спротивна и на членовите 5 и 7 од Законот за јавните набавки. Во таа смисла, со оспорената одлука, барателот ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002“ бил ставен во поповолна положба од подносителот на иницијативата.
Исто така, според иницијативата, јавниот линиски превоз на патници за линија Куманово – с.Дејловце се вршел врз основа на склучен договор за јавна набавка, помеѓу економскиот оператор ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002“ и Општината. Во оваа постапка учествувал и подносителот на иницијативата кој смета дека понудата на овој економски опрератор не била најекономична во споредба со понудата на подносителот којашто била одбиена.
Поради наведените причини во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
II
На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Старо Нагоричане на 58-та седница одржана на 25.03.2025 година, ја донел Одлуката за усвојување на барање поднесено од ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002“, број 08-9/89, а која што е објавена во „Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“ бp.5/2025.
Согласно со член 1 од оваа одлука Советот на Општина Старо Нагоричане донел Одлука за усвојување на барање за субвенција на јавен линиски превоз на патници за линија Куманово – с. Дејловце за време од 6 месеци по 55.000,00 денари/месечно со средства од Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2025 година.
Со член 2 од Одлуката, се задолжува заменик градоначалникот на Општина Старо Нагоричане да ја спроведе истата.
Во член 3 од оваа одлука, се утврдува дека истата влегува во сила наредниот ден од денот на нејзината објава во „Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
IV
Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на барање поднесено од ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002“, за субвенција на јавен линиски превоз на патници од Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2025 година за линија Куманово – с. Дејловце, бр.08-9/89, донесена од Советот на Општина Нагоричане.
Имено, оспорената одлука е акт со кој Советот на Општината утврдува намена на средства од општинскиот буџет за субвенционирање на јавен линиски превоз на патници.
Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, при што прописи во смисла на оваа уставна одредба се правни акти коишто содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.
Тргнувајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај оспорената одлука претставува поединечен акт донесен во врска со конкретно поднесено барање од ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002“, за субвенција на јавен линиски превоз на патници од Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2025 година за линија Куманово – с. Дејловце.
Со оглед на претходно наведеното, барањето за оцена на уставноста и законитоста на оспорената одлука, излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, со што се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски