
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.129/2025
Скопје, 11.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 136 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016, 178/2016 и 251/2022 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.168/2024-автентично толкување).
О б р а з л о ж е н и е
I
Дритан Фејзулаи од Гостивар, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот не е во согласност со член 8 алинеи 3 и 7 од Уставот, и членовите 9, 30 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба, се повредува правото на сопственост, бидејќи апаратот (компјутерот) е приватна сопственост на друштвото, а државата му наметнува обврска на месечен надоместок за секој апарат. Ова значи оданочување на приватна сопственост и воедно дополнително финансиско оптоварување врз средствата за работа на приредувачот на игри на среќа и забавни игри.
Според наводите, Законот не прави разлика при определување на надоместокот на месечниот износ според големината на трговското друштво, ниту пак според успешноста и продуктивноста на друштвото.
Ваквата обврска е определена само за сали за забавни игри, додека други стопански објекти што користат апарати (компјутери) (банки, ит-компании, кол – центри) немаат обврска да плаќаат ваков надоместок, што претставува нерамномерен третман на пазарот.
На овој начин, преку пропишување ваква обврска се ограничува уставно загарантираното право на слобода на пазарот и претприемништвото, особено за малите трговски друштва, бидејќи истото е неоправдано и ја загрозува нивната одржливост.
Врз основа на наведеното се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја поништи.
II
На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 136 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016, 178/2016 и 251/2022 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.168/2024-автентично толкување) е уредено дека за приредување на забавни игри, приредувачот на забавни игри плаќа надоместок во месечен износ од десет евра по апарат, во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.
Во член 9 од Уставот е уредено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. Во ставот 3 од истиот член, е утврдено дека никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 33 од Уставот е уредено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, што е утврдено во член 51 ставови 1 и 2 од Уставот.
Согласно со член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Став 2 од истиот член, уредува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Во став 3 од истиот член, е уредено дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 68 став 1 алинеја 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија донесува закони, дава автентични толкувања и ги утврдува јавните давачки.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 1 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри е утврдено дека со овој закон се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри.
Значењето на одделни поими употребени во овој закон е определено во член 2 од истиот закон. Во точка 2 од истиот член е определено дека „забавни игри“ се игрите на компјутери, симулатори, видеоавтомати, флипери и други слични апарати кои се ставаат во погон со помош на пари, жетони или на друг начин, како и пикадо, билијарди и други слични игри во кои се учествува со уплата, а во кои учесникот не може да оствари добивка во пари, предмети или права, туку стекнува право на една или повеќе бесплатни игри од ист вид, како и други игри од забавен карактер во кои се подразбира дека учесникот во забавните игри кој губи ги сноси трошоците за играта или каде што уплатите (влоговите) и добивката се незначителни.
Според точка 4, од истиот член, „приредувач на забавна игра“ е трговско друштво и физичко лице – трговец поединец на кои им е издадена дозвола за приредување на забавни игри.
Согласно со член 7 став 1 од Законот, приредувањето на игрите на среќа и забавните игри утврдени со овој закон е право на Република Северна Македонија, ако со овој закон поинаку не е уредено, додека според став 4 од истиот член, правото на приредување на останатите игри на среќа и забавните игри утврдени со овој закон, вклучувајќи ја и томболата од затворен тип, Република Северна Македонија го пренесува со издавање на лиценца, односно дозвола на трговски друштва, односно трговец поединец, кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон.
Во член 13 став 1 точка 4 од Законот, меѓу другото, е уредено дека лиценцата, односно дозволата за приредување на игрите на среќа, односно на забавните игри ќе му се одземе на приредувачот на игрите на среќа, односно на забавните игри, ако се утврди дека не ги плаќа редовно надоместоците и посебните давачки утврдени со овој закон или на учесниците во игрите на среќа не им ги исплатува добивките.
Игрите на среќа и забавните игри се приредуваат во посебно уредени простории кои треба да ги исполнуваат просторните и техничко-технолошките услови коишто ги пропишува министерот за финанси (член 21 став 1 од Законот).
Во глава IX од Законот со наслов „Забавни игри“ се уредуваат условите за приредување, времетраењето, надоместокот за издавање на дозволата и месечниот надоместок кој приредувачите се должни да го плаќаат, како и други работи кои се однесуваат на приредувањето на забавните игри.
Член 136 став 1 уредува дека дозволата за приредување на забавните игри се издава за период од десет години. Согласно со став 2 од истиот член, за издавање на дозволата од ставот 1 на овој член се плаќа еднократен надоместок во износ од 1.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата, во рок од 15 дена од денот на приемот на дозволата. Во став 3 од овој член е уредено дека за приредување на забавни игри приредувачот на забавни игри плаќа надоместок во месечен износ од десет евра по апарат, во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата. Надоместокот се плаќа до 15 во месецот за претходниот месец (став 4), а доколку подносителот постапи спротивно дозволата се одзема (став 5).
IV
Од анализата на уставните и законските одредби во конкретниот случај, според Судот, оспореното законско решение, не имплицира повреда на одредбите на Уставот на кои се посочува во иницијативата.
Владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.
Имено, според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавни расходи утврдени со закон.
Смислата и содржината на оваа уставна одредба е утврдување општа обврска на сите субјекти, за обезбедување финансиски средства за функциите на државата, утврдени со Уставот и со закон, коишто ги вршат нејзините органи и институции.
Тргнувајќи од уставното овластување од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, законодавецот има право да донесува закони и законски решенија.
Законодавецот, согласно со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, во функција на обезбедување услови за добивање на дозвола за приредување на забавни игри, утврдил обврска за плаќање одредени надоместоци со што истите имаат карактер на јавна давачка, со што е операционализирана уставната норма на законско ниво.
Собранието на Република Северна Македонија, како законодавна власт, е надлежно да ги утврдува условите за вршење на одделни дејности посебно за оние кои имаат своја специфичност и во кои се остваруваат одредени уставни права на граѓаните. Според тоа, секој што врши одредена дејност е должен да ги почитува правилата утврдени со закон коишто се однесуваат на таа дејност, додека од друга страна, со таквото уредување треба да бидат почитувани правата на граѓаните и да се оствари и заштити јавниот интерес на општеството. Притоа, начинот на уредување на овие односи е прашање од надлежност на Собранието.
Тргнувајќи од уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото, со Законот, меѓу другото, се регулираат условите според кои еден приредувач на забавни игри може да добие дозвола за приредување на забавни игри, кои услови треба да ги исполни, какви финансиски обврски ќе има односно како воопшто треба да ја врши дејноста со други зборови.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на нивната дејност. Во овој контекст, државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монoполско однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност, од друга страна.
Во конкретниот случај, приредувањето на игрите на среќа и забавните игри утврдени со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, е право на Република Северна Македонија, која ова право може да го пренесе на трговски друштва коишто ги исполнуваат условите утврдени во истиот закон и тоа преку издавање лиценца, односно дозвола.
По својот карактер приредувањето игри на среќа е специфична дејност, поради што законодавецот воспоставил строги правила и услови. Исполнувањето на ваквите услови е неопходно за да се започне со вршење на ваквата дејност.
Од анализата на целината на Законот, а од аспект на наводите во иницијативата, според Судот, право е на законодавецот да пропишува услови за вршење одредена дејност согласно со спецификите на дејноста, при што во овој случај приредувачот за да може да добие дозвола за приредување забавни игри, меѓу другите услови, треба да плаќа и месечен надоместок во износ од 10 евра по апарат во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Северна Македонија.
Доколку субјектите имаат намера да се стекнат со дозвола за приредување забавни игри и истата да не им биде одземена доколку не ги исполнат пропишаните законски услови должни се да ги исполнат обврските утврдени во Законот.
Имено, на субјектите однапред им се познати условите под кои ќе можат да ја вршат дејноста, вклучувајќи ги и надоместоците и посебните давачки што треба да ги плаќаат согласно со Законот. Субјектите сами оценуваат и одлучуваат дали ќе започнат да ја вршат дејноста и врз основа на тоа ќе побараат издавање дозвола согласно со условите, правилата, надоместоците и посебните давачки коишто се предвидени во Законот.
Во однос на наводите во иницијативата дека законодавецот дискриминаторски постапил со воведениот посебен надоместок којшто се однесува само на субјектите опфатени со овој закон, но не и на други субјекти од други дејности кои користат вакви апарати (компјутери), треба да се има предвид дека право е на законодавецот да ја оценува потребата и целисходноста од воспоставување посебни давачки, како и нивната намена. Во конкретниот случај, не станува збор само за апарати (компјутери), туку и за други видови апарати коишто работат со жетони, пари или на друг начин.
Според Судот, неоснован е наводот дека со оспорената одредба се повредува правото на сопственост преку воведување ваков надоместок за апарат (во сопственост на приредувачот на забавни игри) при што тоа претставува директно финансиско оптоварување и облик на данок на приватна сопственост.
Во конкретниот случај, апаратите кои се во прашање се основни средства и нивното поседување е услов без кој приредувачот не може да приредува забавни игри. Од друга страна, право е на законодавецот да ја оценува потребата и целисходноста од воспоставување посебни давачки како услов за вршење на определена дејност.
Впрочем, и уставната норма со која се предвидува гаранција на правото на сопственост и правото на наследување, меѓу другото, регулира дека сопственоста создава права, но и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Ова значи дека подеднакво се битни како поединечниот така и јавниот интерес и истите мора подеднакво да бидат земени предвид, како и дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и врз основа на уставно-судската анализа на оспорената одредба од Законот, според Судот, оспорената одредба не може да се доведе под сомнение за несогласност со Уставот од аспект на наводите во иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски