У.бр.169/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.169/2025
Скопје, 08.04.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 39 алинеја 2 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 8 април 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 21 став 24 од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 174/2011-автентично толкување, 64/2012, 148/2013, 187/13, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.52/2019-автентично толкување, 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025).

О б р а з л о ж е н и е

I

Игорчо Точев од Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оваа норма се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, истата упатува на став 6 од истиот член, иако од содржината на овој став евидентно произлегува дека не станува збор за овластување за донесување подзаконски акт, туку предметот на уредување е друг. Според тоа, кога една норма упатува на примена на друга заради формирање правно-функционална целина, потребно е тоа да биде и правно логично, за да не настане забуна во примената.

II

Во текот на постапката, подносителот со поднесок од 26 декември 2025 година, го извести Судот дека ја повлекува иницијативата.

Согласно со член 39 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, ќе ја запре постапката ако во текот на постапката биде повлечена иницијативата за оценување уставност, односно уставност и законитост, а Уставниот суд не наоѓа основи да ја води постапката по сопствена иницијатива.

Во случајот, иницијативата е повлечена, а притоа нема основи за водење на постапката по сопствена иницијатива, со оглед на тоа дека се утврди дека во член 21 од Законот за спортот се содржани седум става, односно овој член нема став 24 чија уставност се бара да се оцени, што значи дека не постои одредба која може да биде предмет на уставно-судски спор.

III

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски