
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.16/2025
Скопје, 18.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 18 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– член 9 став 2 и член 43 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019, 162/2019, 233/2020, 312/2020 и 38/2022) и
– Табеларниот норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект од Правилникот за утврдување на квалитет на испорачаната топлинска енергија бр.11-18/1 од 04.01.2024 година, донесен од ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје.
Образложение
I
Вера Георгиева од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на оспорената одредба од актот означен во алинеја 1 и Табеларниот норматив од алинеја 2 од диспозитивот на ова решение.
Одредбите од Правилата за снабдување со топлинска енергија, според наводите, се спротивни на членовите 2, 4, 7, 12, член 20 став 1 и член 23 стaв 1 од Законот за облигационите односи, додека Табеларниот норматив е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и на член 43 став 1 и член 5 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија.
Во иницијативата се цитираат член 5 став 1 и член 43 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија и се наведува дека температура од 15, 16 или 17 степени не претставува снабдување со топлина, бидејќи во становите и без никакво греење се постигнуваат тие температури.
Притоа, се посочува дека претходно Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 2 од Правилата, но поради постоење на нови околности е поднесена нова иницијатива и се бара оваа одредба да биде повторно оценета.
Имено, ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје е новиот снабдувач со топлинска енергија и поради ваквата промена (претходно БЕГ, а сега ЕСМ), оспорената норма и покрај формално несклучување договор, овозможува потрошувачите сепак да останат во обврзувачки однос. Преку истата, се опфатени и корисници приклучени без нивна согласност, што било случај и со претходниот снабдувач (БЕГ). Со ова се опфатени околу 60.000 граѓани со што се создава ризик од слободно прифаќање или одбивање на услугата.
Во прилог на наводите за спротивност на член 9 став 2 од Правилникот, се дава осврт на дел од содржината на договорот на ЕСМ снабдување ДООЕЛ Скопје и се цитираат членови од Правилата за снабдување со топлинска енергија.
Според наводите, согласно со оспорениот член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, ако се отуѓи стан, новиот сопственик на станот ќе биде корисник без да склучи договор со снабдувачот, односно новиот сопственик и во ситуација да не потпише договор со снабдувачот ќе биде во потрошувачки однос.
Поради наведените причини со оваа иницијатива се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, како и на оспорениот табеларен норматив и истите да ги поништи.
Во текот на претходната постапка од страна на истиот подносител беше доставена дополнителна иницијатива со која се оспоруваат член 43 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, како и табеларниот норматив од Правилникот за утврдување на квалитет на испорачаната топлинска енергија.
Во оваа иницијатива се наведува дека со оспорениот табеларен норматив се дозволува да се пресметува корекција на варијабилниот дел од сметките за топлинска енергија при температури на испорака коишто можат да бидат и до 14 степени без да е пропишана јасна минимална температура под која испораката се смета за неквалитетна или непостоечка.
Понатаму, во иницијативата се цитираат оспорениот член 43 и член 3 став 2 точка 10 од Правилата за снабдување со топлинска енергија и се наведува дека снабдувачот не се обврзува да гарантира договорен квалитет на испорака на топлинска енергија, бидејќи не постојат објекти каде што нема потрошувачи коишто се исклучени. Ваквата состојба значи преголема привилегираност за снабдувачот на товар на потрошувачите.
Ваквата нормираност претставува, арбитрарност во постапувањето на снабдувачите и фактичка неможност потрошувачот да оствари реална заштита од неквалитетна услуга, поради што се наведува дека оспорениот член 43 од Правилата за е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
По однос на оспорениот табеларен норматив, се наведува, како и во првата иницијатива, дека истиот е во спротивност со член 43 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија. Дозволувањето на температура од 14,5 степени да се третира како испорака со корекција е несразмерно, бидејќи во такви услови не постои загревање согласно со стандардите за енергетска услуга.
Со оваа иницијатива, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 43 од Правилата за снабдување со топлинска енергија и на Табеларниот норматив и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019, 162/2019, 233/2020, 312/2020 и 38/2022) е пропишано дека потрошувачите што не склучиле Договор за снабдување со снабдувачот од било кои причини, а користат топлинска енергија, се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и потрошувачите што склучиле Договор за снабдување.
Согласно со член 43 став 1 од истиот акт, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили. Во став 2 од истиот член, е определено дека снабдувачот гарантира договорен квалитет на испораката на топлинска енергија единствено во објекти во кои внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна и во кои не е нарушен енергетскиот биланс.
Исто така, Судот, утврди дека Табеларниот норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект, кога измерените внатрешни температури се пониски од 20 ºС, е составен дел од Правилникот за утврдување на квалитет на испорачаната топлинска енергија бр.11-18/1 од 04.01.2024 година, донесен од ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје и содржи табеларен приказ на измерена внатрешна температура во колективен станбен објект во скала од 20 ºС до 15,5 ºС, за секоја измерена температура, графа „Намалување %” од 0% до -70%, графа „Да плаќа %” од 100% до 30% и последната графа од табеларниот норматив „Статус“ со нумерација од 00 до 80.
III
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Во член 54 став 1 точка 1.19 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2025 и 135/2025), е утврдено дека заради остварување на својата надлежност Регулаторната комисија за енергетика донесува правила за снабдување со топлинска енергија.
Член 311 (систематизиран во преодните и завршни одредби од Законот) став 1 пропишува дека подзаконските акти предвидени со овој закон, коишто се однесуваат на сигурноста во снабдувањето со енергија, подготвеноста за справување со ризици и управување со енергетска криза, статусот и надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика, лиценците, изградбата на нови енергетски објекти, пристапот на трети страни и приклучувањето на мрежи, пазарот на електрична енергија и пазарот на гас ќе се донесат во рок од девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Според став 2 од истиот член, подзаконските акти предвидени со овој закон, кои се однесуваат на енергетските биланси и енергетската статистика, пазарот на топлинска енергија, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт, управувањето со енергетски објекти, опрема, уреди и постројки, утврдувањето и контролата на квалитетот на испорака и снабдување со електрична енергија и надзорот ќе се донесат во рок од 18 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. До донесувањето на подзаконските акти од ставовите 1 и 2 на овој член, ќе се применуваат подзаконските акти донесени врз основа на Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 236/2022, 134/2024 и 147/2024), согласно со став 3 од истиот член.
Според член 316 од овој закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ број 96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019, 236/2022, 134/2024 и 147/2024), освен одредбите од членовите 185 и 185-а и одредбите коишто се однесуваат на мерките за поддршка на обновливите извори на енергија и издавањето на гаранциите за потекло, кои ќе се применуваат до денот на влегувањето во сила на законот, со кој се уредуваат обновливите извори на енергија.
Согласно со член 317 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Член 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018 и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 236/2022), пропишува дека со овој закон се уредуваат: 1) целите и начинот на спроведување на енергетската политика; 2) изградбата на енергетски објекти; 3) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија; 4) пазарите на електрична енергија, природен гас, топлинска енергија, како и пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт; 5) начинот и постапката за утврдување и исполнување на обврските за обезбедување на јавна услуга на пазарите за електрична енергија, природен гас и топлинска енергија, како и правата и обврските на потрошувачите на енергија и корисниците на енергетските системи; 6) начинот и условите за поттикнување на користењето на обновливите извори на енергија и 7) други прашања од областа на енергетиката.
Регулаторната комисија за енергетика е самостојно, непрофитно регулаторно тело кое го регулира и контролира начинот на вршење на енергетските дејности од овој закон, според член 16 став 1 од истиот закон. Според став 2 на истиот член, Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување и својата надлежност во регулирањето на енергетските дејности ја остварува во рамките утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон и во согласност со начелата на објективност, транспарентност и недискриминација, со примена на најдобрите меѓународни искуства и практики.
Во член 24 став 1 точка 1 алинеја 16 од истиот закон, е утврдено дека заради остварување на својата надлежност, Регулаторната комисија за енергетика донесува правила за снабдување со топлинска енергија.
Според член 30 став 1 од истиот закон, Регулаторната комисија за енергетика донесува посебни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Со ставот 2 од истиот член е пропишано дека со правилата за снабдување од ставот 1 на овој член поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот на соодветниот систем.
Согласно со член 2 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 04/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021 и 154/2023), учесници во облигационите односи се правни и физички лица. Учесниците во облигациониот однос се рамноправни според член 4 од истиот закон.
Според член 7 од истиот закон, во засновувањето на облигационите односи учесниците не можат да установат права и обврски со кои за кој и да е од нив или за друг се искористува монополската положба на пазарот.
Со член 12 од истиот закон е уредено дека во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи, субјектите се должни (кога со вршењето на својата дејност непосредно задоволуваат потреби на граѓаните), своите права и обврски да ги уредуваат и вршат на начин со кој се обезбедува почитување на основните права на потрошувачите и корисниците на услуги утврдени со овој закон, друг закон и меѓународните договори ратификувани од Република Македонија.
Волјата за склучување на договор може да се изјави со зборови, вообичаени знаци или друго однесување од кое со сигурност може да се заклучи за нејзиното постоење, содржина и идентитетот на давачот на изјавата, согласно со член 20 став 1 од истиот закон.
Договорот е склучен оној момент кога понудувачот ќе прими изјава од понудениот дека ја прифаќа понудата, според член 23 став 1 од истиот закон.
IV
Согласно со воведот, Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019, 162/2019, 233/2020, 312/2020 и 38/2022), во кои се содржани оспорените член 9 став 2 и член 43, се донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, врз основа на член 24 став 1 точка 1 алинеја 15 и член 30 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2018).
Имајќи предвид дека не се донесени подзаконските акти предвидени со новиот закон за енергетика, горецитираните правила се во сила согласно со член 311 став 3 од овој закон.
По однос на оспорениот член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, неспорно е дека овој суд со Решението У.бр.5/2024 од 5 февруари 2025 година ја отфрли иницијативата за оценување на неговата уставност и законитост врз основа на член 38 став 2 од Актот на Судот.
Меѓутоа, во овој предмет со иницијативата се изнесуваат наводи коишто претходно не биле предмет на оцена и поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите за мериторно одлучување.
Имено, во иницијативата се наведува дека има нови околности како што е промената на снабдувачот со топлинска енергија, од што произлегува дека сите корисници се обврзани да потпишат нови договори со овој снабдувач. Но, оспорената норма овозможува корисниците да останат во обврзувачки однос со снабдувачот без да склучат договор.
На овој начин се опфаќаат корисници кои имале склучено договори со претходниот снабдувач, а сега без да склучат формален договор се смета дека се во потрошувачки однос со нoвиот снабдувач под исти услови како и потрошувачите што склучиле договор за снабдување.
Според Судот, право на законодавецот e да основа независни стручни тела и да им пренесува јавни овластувања, во случајот да основа Регулаторна комисија, на која ѝ се пренесени овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности, определени со Законот за енергетика.
Од содржината на член 20 од Законот за облигационите односи, јасно произлегува дека волјата за склучување на договор може да се изјави и со друго однесување од кое со сигурност може да се заклучи нејзиното постоење. Со Правилата за снабдување со топлинска енергија се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот со топлинска енергија, потрошувачите на топлинска енергија и операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија. Правилата имаат за цел да обезбедат сигурност, недискриминација, квалитет, транспарентност, јавност, заштита на потрошувачот, ефикасност и економичност.
Во однос на оспорената одредба тоа значи дека преку конклудентно дејствие на корисникот со фактичко користење на услугата, тој изразил волја за склучување на договор со снабдувачот. Овие дејствија мора да бидат јасни и недвосмислени за да може со сигурност да се заклучи каква е волјата. Имено, кога некое лице фактички ја користи топлинската енергија, а без притоа да поднесе барање за исклучување од системот на топлинска енергија, недвосмислено укажува на волја да се користи услугата и може да се заклучи дека користењето на топлинската енергија претставува конклудентен начин на изразување на волја за да корисникот биде во потрошувачки однос со снабдувачот.
Ваквото конклудентно дејствие во правната практика е прифатено како легитимен начин на изразување волја, особено кај договорните односи во облигационото право.
Оспорениот член 9 став 2 од Правилата ги уредува ваквите конклудентни дејствија во регулаторен контекст, односно кога некој фактички ја користи топлината, таквото однесување ја покажува волјата да користи услуга и во регулативата тоа се третира како потрошувачки однос. Ова го прави неосновано тврдењето во иницијативата дека односот може да постои само по писмен формален договор. Истиот има јасна функционална цел, а тоа е да спречи појава на фактички приматели на услугата да не бидат во потрошувачки однос со давателот на услугата заради обезбедување финансиска одржливост на системот. Во ваков специфичен јавен режим на снабдување со топлинска енергија, фактичкото користење произведува правни последици. Оттаму, оспорениот член 9 став 2 од Правилата е во насока на заштита на јавниот интерес како и на обезбедување за сите корисници кои фактички ја користат топлинската енергија од снабдувачот да бидат во потрошуваки однос, со што ќе имаат обврска да платат за услугата и ќе бидат во еднаква положба и со оние корисници кои имаат склучено договор со снабдувачот.
Поради сето ова, Судот оцени дека оспорениот член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, не е спротивен со членовите 2, 4, 7, 12, 20 став 1 и член 23 стaв 1 од Законот за облигационите односи, ниту пак со одредбите од Уставот. Ваквата норма обезбедува еднаков третман на сите корисници, односно на корисниците кои имаат склучено договор со снабдувачот, со корисниците кои немаат склучено договор, а реално ја користат испорачаната топлинска енергија.
Од содржината на оспорениот член 43 од Правилата за снабдување со топлинска енергија произлегува дека истиот уредува стандард за квалитет на испораката на топлинска енергија на два начини. Со став 1 на овој член се утврдува обврската на снабдувачот во текот на грејната сезона да обезбеди минимална темература од 21 + 1 ºC во грејните простории во точно определен временски интервал и под услови кои се технички проверливи, а тоа е при потполно отворени радијаторски вентили. Со став 2 се условува гаранцијата за договорен квалитет со техничката исправност на внатрешната исталација ненарушен енергетски биланс, имајќи ја предвид колективната природа на системот за централно греење.
Имајќи ја предвид содржината на претходно цитираните член 24 став 1 точка 1 алинеја 16 и член 30 став 1 од Законот за енергетика од 2018 година, како и фактот што Правилата за снабдување со топлинска енергија во кои е содржан оспорениот член 43 се донесени од страна на Регулаторната комисија врз основа на законско овластување, став на Судот е дека во конкретниот случај не е повреден член 51 од Уставот.
Оспорениот член 43 од Правилата за снабдување со топлинска енергија јасно го дефинира стандардот на квалитет со прецизни временски и технички услови и воспоставува условна гаранција којашто важи за сите корисници под исти услови.
Исто така, оваа одредба ги исполнува стандардите за предвидливост со оглед дека ги утврдува границите на одговорност на снабдувачот, а имајќи предвид дека квалитетот на испораката зависи и од фактори надвор од неговата надлежност. Одредбата е во функција на правична распределба на ризикот помеѓу снабдувачот и корисниците, односно прави баланс помеѓу индивидуалниот и јавниот интерес, што пак е особено важно кај јавните услуги. Со оглед на тоа дека владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок бара правните норми да бидат јасни и предвидливи и да не оставаат простор за арбитрарност, Судот утврди дека оспорениот член ги исполнува ваквите критериуми и е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.
Со иницијативите се оспорува и Табеларниот норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија, кога измерените внатрешни температури се помали од 20 ºC во колективен станбен објект, којшто е составен дел од Правилникот за утврдување на квалитет на испорачана топлинска енергија, бр.11-18/1 од 04.01.2024 година, донесен од страна на ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје.
Формата и содржината на овој правилник е одобрена од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија со Решението бр. 11-18/2 од 11 јануари 2024 година Скопје.
Во член 5 став 1 од Правилата е пропишано дека договор за снабдување со топлинска енергија помеѓу снабдувачот и потрошувачот (во понатамошниот текст: Договор за снабдување) е договор склучен во писмена форма помеѓу снабдувачот и потрошувачот, со кој снабдувачот се обврзува на потрошувачот да му ги испорача на местото на испорака потребните или договорените количини на топлинска енергија со пропишан или договорен квалитет, а потрошувачот се обврзува на снабдувачот да му ја плати преземената топлинска енергија, по договорена или по цена утврдена во согласност со пропис.
Потрошувачите кои се незадоволни од квалитетот на испораката на топлинска енергија, можат да поднесат писмено барање до снабдувачот, за проверка на квалитетот, според член 42 став 1 од Правилата.
Во член 42 став 3 од Правилата е предвидено дека по рекламација на поединечни потрошувачи, во објекти каде што распределбата на енергијата се врши според грејна површина, квалитетот на испорачаната топлинска енергија се утврдува според Правилникот за квалитет на испорачаната топлинска енергија, кој го донесува снабдувачот по претходно одобрување од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
Според член 43 став 1 од Правилата во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили.
Имајќи ја предвид содржината на погоре наведените одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија, произлегува дека Правилникот за утврдување на квалитет на испорачана топлинска енергија бр.11-18/1 од 04.01.2024 година, во кој е содржан оспорениот табеларен норматив, е донесен од снабдувачот ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје врз основа на овластувањето од член 42 став 3 од Правилата и истиот е одобрен од Регулаторната комисија.
Согласно со член 1 од Правилникот за утврдување на квалитет на испорачана топлинска енергија, со истиот се уредува постапката по поднесени приговори од страна на потрошувачите за неквалитетна испорака на топлинска енергија на ниво на станбена единица, како и начинот на утврдување на корегираниот надомест за топлинска енергија.
Во овој правилник, како и во табеларниот норматив е утврдена процедурата за корегирање на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија кога внатрешните температури се помали од 20°С степени. Неспорно е дека во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1°С во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот, но тоа се однесува на услови при потполно отворени радијаторски вентили и снабдувачот гарантира договорен квалитет на испораката на топлинска енергија единствено во објекти во кои внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна и во кои не е нарушен енергетскиот биланс.
Од анализата на содржината на одредбите од Правилникот, чијшто составен дел е оспорениот табеларен норматив, произлегува дека истиот ги штити потрошувачите со намалување на варијабилниот дел кога квалитетот не е постигнат и предвидува процедура за приговор од страна на потрошувачите за неквалитетна испорака на топлинска енергија на ниво на станбена единица, како и утврдување на корегиран надомест за топлинска енергија, што укажува дека нормативот има заштитни механизми.
Нормативот не ја исклучува обврската на снабдувачот да обезбеди минимална температура од 20°С, туку обезбедува финансиска компензација ако не се постигне оваа температура, што е во полза на потрошувачите. Истиот им овозможува на потрошувачите правична корекција на сметките при недостигнување на пропишаната температура со што се почитува принципот на владеењето на правото и заштитата на потрошувачите. Исто така, во функција е на заштита на потрошувачите кога квалитетот на испорачаната топлинска енергија е под пропишаниот стандард и е јасен и предвидлив бидејќи точно дефинира како се врши корекцијата и кога потрошувачите имаат право на намалена сметка.
Поради сето погоре наведено, Судот оцени дека оспорениот табеларен норматив којшто е составен дел на Правилникот за утврдување на квалитет на испорачана топлинска енергија бр.11-18/1 од 04.01.2024 година, донесен од страна на ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје, не е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, додека во однос на наводите коишто се однесувааат на неговата несогласност со член 5 став 1 и член 43 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, Судот нема надлежност да оценува несогласност на одредби од два различни подзаконски акти.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски