У.бр.145/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.145/2024
Скопје, 22.04.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 22 април 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување (образец бр.21) од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2024).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива на Оливер Давидовски од Скопје, со Решението У.бр.145/2024, донесено на седницата одржана на 3 декември 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот од одредбата од актот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување (образец бр.21) од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2024), гласи „Се задолжува должникот/доверителот __________________ да му ги плати на доверителот/извршителот __________________ износите наведени во овој заклучок, како извршна исправа, во рок од 15 дена од приемот на заклучокот“.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 12 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 154/2023), извршни исправи се: извршна судска одлука и судско порамнување; извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; извршна нотарска исправа; решение за издавање на нотарски платен налог и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Со член 40 став 5 од истиот закон е предвидено дека при преземањето на дејствијата, извршителот ги изготвува налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти со форма пропишана од министерот. Актите кои не се во пропишаната форма се сметаат за неважечки.

Согласно со член 2 од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија, формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти е пропишана со обрасците од бр.1 до бр.99, коишто се дадени во прилог и се составен дел на овој правилник.

IV

Од анализата произлегува дека во Правилникот е содржан делот „како извршна исправа“, којшто е уставно проблематичен од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Оспорениот дел од образецот бр.21 е составен дел од подзаконски пропис којшто, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, е подобен за уставно-судска оцена. Формата на актите на извршителите е операционализирана преку обрасците од бр.1 до бр.99 коишто се прилози на Правилникот (прилози бр.1 и 1-а).

Покрај тоа што формално претставува дел од Правилникот, Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување (образец бр.21) по својата содржина не само што ја утврдува формата, туку и произведува правни последици. Во точка 2 став 2 од истиот е содржана формулацијата дека овој заклучок е извршна исправа од чиј прием има рок за плаќање од 15 дена, а со тоа се надминува овластувањето предвидено во член 40 став 5 од Законот за извршување, според кој министерот е овластен исклучиво да ја пропише формата на актите, а не и нивната правна природа или извршност. Со ваквото уредување, образецот бр.21 фактички пропишува извршност на заклучокот и на тој начин врши материјално-правно уредување, со што се надминуваат овластувањата утврдени во член 40 став 5 од Законот за извршување.

Имајќи предвид дека со Одлуката на Уставниот суд У.бр.143/2016 од 29 ноември 2017 година, се укинати повеќе одредби од Законот за извршување, меѓу кои и точка 4 од став 1 на член 12, со која Заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето беше третиран како извршна исправа, произлегува дека оспорениот дел од образецот нема правен основ да биде извршна исправа. Притоа, оспорениот дел е нејасен и неразбирлив, бидејќи не е јасно на кој начин доверителот или извршителот може да бара од должникот да ги плати износите наведени во заклучокот како извршна исправа, а во услови кога таквата извршност повеќе не е предвидена со законско решение. Ова создава правна несигурност при примената на правото, што не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Имајќи предвид дека позицијата и овластувањата на извршителот се законски определени и дека извршната исправа мора да се предвиди со закон.

Со укинувачката одлука на Судот, во правниот поредок заклучокот на извршителот не е повеќе извршна исправа, поради што секој обид преку подзаконски акт повторно да ѝ се даде ист правен статус, како што е случајот со оспорениот дел од образецот, е непочитување на Одлуката на Уставниот суд и повреда на хиерархијата на прописите, поради што оспорениот дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Понатаму, владеењето на правото, како темелна вредност на Уставот утврдена во член 8 став 1 алинеја 3, наложува сите пониски правни акти да бидат конзистентни со повисоките правни акти. Правната сигурност, како елемент на владеење на правото, утврдува законските одредби да бидат јасни, прецизни и конзистентни.

Следствено на ова, Судот утврди дека делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување, (образец бр.21) од Правилникот, нема правен основ и не може како таков да егзистира во правниот поредок. Дерогацијата на одредба од повисок правен акт, во случајот Законот за извршување доведува до тоа делот „како извршна исправа“ да создава правна несигурност.

Според член 51 став 1 од Уставот, законите и другите прописи мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Делот „како извршна исправа“ е спротивен на оваа уставна одредба од причина што правниот статус на Заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето, како извршна исправа е укинат со Одлука на Уставниот суд. Следствено на тоа, оспорениот дел не е во согласност со Законот за извршување, ниту со горенаведените одредби од Уставот.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување, (образец бр.21) од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

 

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски