У.бр.67/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.67/2025
Скопје, 25.02.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019 и 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020, 72/2020, 160/2020, 74/2021, 215/2021, 58/2024 и 76/2024).

Образложение

I

Мирослав Трлин од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законикот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека истата е во спротивна на член 2, член 3 и член 8 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите, со оспорената одредба се загрозува претставничката демократија од причина што пратениците во Собранието се избираат на затворени листи предложени од политички партии и коалиции, од што произлегува дека граѓаните гласаат за листи, но не и за поединци. Притоа, во пракса се случува избраните пратеници да ја напуштат партијата или коалицијата од чија листа биле избрани и да преминат во други политички партии или да се прогласат за независни. Но, сепак, тие го задржуваат мандатот што претставува нарушување на изборната волја на граѓаните и отворање простор за политичко пазарење.

Понатаму, се наведува дека законодавството треба да предвиди механизам за престанок на мандатот на пратеникот во случаите кога ја менува политичката припадност, особено кога е избран од затворена партиска листа, поради фактот што со тоа тој веќе не ја одразува волјата на гласачите, туку неговите лични интереси, со што како избран претставник на граѓаните станува нелегитимен.

Исто така, се наведува дека постоечкиот систем има сериозни недостатоци коишто ја нарушуваат демократската легитимност на изборните процеси и потребно е да се направат законски измени за да се спречи манипулација и да се обезбеди вистинска одговорност на пратениците кон граѓаните. Покрај ова, треба да се оневозможи пратениците да имаат право да го задржат мандатот кога ја менуваат партиската припадност сè со цел изборниот систем да биде во согласност со основните принципи на народниот суверенитет и неотуѓивото право на граѓаните да ја изразат својата волја преку избори.

Поради ова се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 10 став 1 од Изборниот законик, како спротивен на уставните одредби од причина што не обезбедува заштита на суверенитетот на граѓаните и овозможува нарушување на претставничката демократија.

II

На седницата Судот утврди дека член 10 став 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019 и 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020, 72/2020, 160/2020, 74/2021, 215/2021, 58/2024 и 76/2024), предвидува дека пратениците не можат да бидат отповикани.

III

Според член 2 од Уставот, во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Северна Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 5 од Уставот, е уредено дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Во член 22 од Уставот е предвидено дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката, согласно со член 61 став 1 од Уставот. Според став 2 од истиот член од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Согласно со член 62 став 1 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници.

Според став 2 од истиот член, пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Во став 3 од истиот член е предвидено дека пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.

Според став 4 од истиот член, пратеникот не може да биде отповикан.

Согласно со став 5 од истиот член, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 64 од Уставот, во став 1 предвидува дека пратениците уживаат имунитет. Според став 2 од истиот член, пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Согласно со став 3, пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршењето на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Во став 4 од овој член е уредено дека Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеникот и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник. За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили, согласно со став 5 од истиот член на Уставот.

Член 65 став 1 од Уставот предвидува дека пратеникот може да поднесе оставка. Според став 2 од истиот член Пратеникот оставката ја поднесува лично на седницата на Собранието. На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години соглаасно став 3 од истиот член. Во ставот 4 од членот е наведено дека на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Во член 2 од Законот за пратениците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005, 52/2006, 161/2008, 104/2009, 51/2011, 109/2014 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 27/2019, 51/2024 и 272/2024) е предвидено дека граѓаните на Република Северна Македонија ги избираат пратениците во Собранието согласно со Уставот и со закон. Пратеникот е претставник на граѓаните на Република Македонија и при извршувањето на функцијата пратеник одлучува по свое уверување.

IV

Од наведените уставни одредби произлегува дека функционирањето на Собранието се изразува исклучиво низ степенот на остварувањето на надлежностите, соодветно на тоа произлегува и потребата од непречено непосредно делување на секој пратеник посебно во рамки на Собранието како институционализирана демократска и политичка форма заради реализација на јавните функции во негова надлежност. Исто така, заради остварувањето на целината на надлежностите на Собранието, пратеникот како поединец има гарантирани уставни права.

Оттука, уставно определените посебни права и обврски на пратениците (имунитет, не подлежат на обрска во вооружените сили и други) се облик на обезбедување и остварување на пратеничката функција.

Член 1 од Изборниот законик предвидува дека со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Северна Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Согласно со член 6 став 1 од Изборниот законик, право да избира има секој државјанин на Република Северна Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во изборната единица, општината, односно Градот Скопје каде што се врши изборот. Според став 2 од истиот член, државјаните на Република Северна Македонија кои на денот на изборите се на привремена работа или престој во странство, а се запишани во Избирачкиот список врз основа на евиденцијата од надлежниот орган и пријава за гласање, гласаат за избор на претседател на Републиката конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство односно конзуларни канцеларии, во согласност со одредбите на овој законик.

Според Судот, неосновани се наводите дека со оспорениот член 10 став 1 од Изборниот законик се повредува член 2 и член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 5 од Уставот од гледна точка на наводите во иницијативата.

Ова од причина што Судот утврди дека формулацијата е јасна и прецизна дека пратениците не можат да бидат отповикани, во случај ако пратеникот ја менува партијата за време на својот мандат, пратеникот не го губи мандатот, ниту избирачите можат да го отповикаат, бидејќи мандатот е негов и се врши во интерес на целата држава. Во член 63 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија јасно е наведено дека пратениците во Собранието се избираат за време од четири години и дека мандатот на пратениците го верифицира Собранието, што значи дека слободниот мандат е уставно загарантиран и сите ограничувања на мандатот мора да бидат предвидени во Уставот и законот. Такво ограничување не е предвидено во законските и уставните одредби поради што пратеникот ја задржува функцијата, иако го менува партиското членство.

Во уставните и законските одредби е предвидено кога на пратеникот му престанува мандатот и кога може да му биде одземен истиот.

Според член 65 од Уставот, пратеникот може да поднесе оставка. Пратеникот оставката ја поднесува лично на седницата на Собранието. На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години и на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично дело или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во член 3 од Законот за пратениците е предвидено дека мандатот на пратеникот му престанува во случаите утврдени со Уставот и со закон. Пратеникот не може да биде отповикан од функцијата пратеник.

Исто така, во член 8 од истиот закон се наведени случаите кога на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако: поднесе оставка, е осуден на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, настапи случај на неспојливост на функцијата, му престане државјанството на Република Северна Македонија, со правосилно решение биде лишен од деловна способност и во случај на смрт.

Според член 15 став 4 од Изборниот законик, мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години.

Исто така, во член 152 став 1 од Законикот јасно е утврдено кога на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран и тоа ако: пратеникот поднесе оставка, е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник, во случај на смрт и со правосилно решение е лишен од деловна способност.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека пратениците уживаат имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на нивниот мандат, што значи дека пратеникот има слобода во вршење на пратеничката функција и да одлучува по свое уверување. Мандатот на пратеникот произлегува од волјата на самите граѓани којашто слободно е изразена преку изборите.

Оттука, Судот утврди дека Уставот воспоставува систем на слободен мандат, со кој пратеникот е независен во вршењето на својата функција и не може да биде отповикан од избирачите или политичката партија. Оспорениот член 10 став 1 од Изборниот законик е во целосна согласност со одредбите од Уставот, односно ја потврдува и спроведува уставната гаранција за слободниот мандат на пратеникот и придонесува за независност и стабилност на законодавната власт, отповикувањето на пратеникот како што е наведено во конкретната иницијатива би било дозволено само ако Уставот предвидува таков механизам, што не е случај.

Со иницијативата во оваа смисла се оспорува наведениот член од Изборниот законик, со наводи дека е загрозена претставничката демократија поради што се бара Судот да направи интервенција на начин што ќе ја измени одредбата и ќе утврди дека оние пратеници кои ќе ја напуштат партијата или ќе станат независни, ќе го изгубат мандатот. Воедно, се бара и воведување отворени листи или преференцијално гласање за поголема одговорност на пратениците кон гласачите.

Судот оцени дека наводите во иницијативата во однос на овој дел, не може да бидат основ за уставно проблематизирање бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на постојната содржина на нормата со одредбите на Уставот, а не од аспект на содржина што ја нема во истата, односно која според подносителот би требало да ја има, што е всушност прашање од надлежност на Собранието на Република Северна Македонија коешто ги креира законите.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски