УЗ.бр.20/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.20/2025
Скопје, 22.04.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 22 април 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1.  СЕ УКИНУВААТ член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор на Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2024).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Мултиетничкиот синдикат Скопје, застапуван од овластено лице Александар Насковски од Скопје, со Решението УЗ.бр.20/2025 од 3 декември 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа  одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека член 114 став 1 точка 4 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, уредува дека Министерството соработува при реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, во смисла на обезбедување финансиски средства, односно, на репрезентативниот синдикат му се одобруваат средства во висина од 50 просечни нето-плати исплатени во Републиката во последните три месеци, додека на синдикати кај кои членуваат повеќе од 400 члена кај работодавачот му се одобруваат средства во висина од 10 просечни нето-плати исплатени во Републиката во последните три месеци.

Во точка 7 на овој став, се уредува дека Министерството обезбедува финансиски средства за овозможување на соработката на репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации – EUROMIL и со други синдикални организации од меѓународен карактер.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3  од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 9 од Уставот, утврдува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.

Согласно со член 195 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019, 267/2020, 151/2021, 288/2021, 111/2023, 39/2025, 74/2025 и 124/2025), работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво, ниту со цел на таков надзор смеат да ги финансираат или на друг начин потпомагаат синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво.

Член 210 став 1 од истиот закон, уредува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Според член 212 став 2 од Законот, репрезентативен синдикат на ниво на јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води Министерството за економија и труд и во кој се зачленети најмалку 20 % од бројот на вработени во јавниот сектор и кои плаќаат членарина.

Министерството надлежно за работите од областа на економијата и трудот, утврдува репрезентативност на одреден синдикат на предлог од Комисијата за утврдување на репрезентативноста (член 213-а), за што донесува решение за репрезентативност (член 213-г став 2), кое може да се обжали до второстепена надлежна комисија, а и да се води управен спор пред надлежен суд против решението со кое е одлучувано по жалбата (член 213-г ставови 3 и 4).

Со член 219 став 1 од Законот, се определени страните за склучување на поединечниот колективен договор, а тоа се: репрезентативниот синдикат кај работодавачот и овластеното лице од работодавачот. Според став 2 на истиот член, ако во склучувањето на колективниот договор од ставот 1 на овој член учествуваат повеќе репрезентативни синдикати се образува одбор за преговори.

Во член 142 насловен „Планирање“, во ставот 1 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2001, 5/2003, 58/2006, 110/2008, 51/2011, 151/2011 и 215/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020), е определено дека заради систематски, рационален и плански развој на одбраната на Републиката се воведува систем на планирање, програмирање и буџетирање на одбраната, додека согласно со став 2 на овој член, основен носител, организатор и реализатор на системот на планирање, програмирање и буџетирање за потребите на одбраната е Министерството за одбрана.

Согласно со член 146 од овој закон, план за финансиски средства потребни за Министерството за одбрана што се обезбедуваат со Буџетот на Републиката, изработува Министерството за одбрана.

Во член 67 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019), е уредено дека како работи од јавен интерес, покрај дејностите што се со закон определени како работи од јавен интерес, се сметаат и активностите што се вршат во рамки на дејствувањето на политичките партии, синдикатите, здруженијата и фондациите.

IV

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 2 од Уставот, во конкретниот случај, Судот ги ценеше оспорените одредби од Колективниот договор на Министерството за одбрана од аспект на нивната соглaсност со членовите 9, 32 и 51 од Уставот, како и согласноста со член 195 од Законот за работните односи на што се повикува подносителот на иницијативата.

Од цитираните уставни одредби, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори, а колективните договори мора да бидат во согласност со Устав и со закон.

Со иницијативата се оспорува член 114 став 1 точка 4 од овој колективен договор, којшто уредува дека Министерството соработува при реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, во смисла на обезбедување финансиски средства, односно, на репрезентативниот синдикат му се одобруваат средства во висина од 50 просечни нето-плати исплатени во Републиката во последните три месеци, додека на синдикати кај кои членуваат повеќе од 400 члена кај работодавачот, му се одобруваат средства во висина од 10 просечни нето-плати исплатени во Републиката во последните три месеци. Понатаму, во оспорената точка 7 од овој член, се уредува дека Министерството обезбедува финансиски средства за овозможување на соработката на репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации – EUROMIL и со други синдикални организации од меѓународен карактер.

Според наводите во иницијативата, оспореното уредување значи директна селективност во доделувањето на финансиски средства на репрезентативниот синдикат и фаворизирање на овој синдикат што влијае на зголемување на членството и нееднаква кон другите синдикати во нееднаква финансиската распределба, а со тоа и надзор над нив.

При анализата на оспорените одредби од Колективниот договор од аспект на наводите изнесени во иницијативата, Судот утврди дека во Законот за работните односи, во главата XIX „Колективни договори” (членови 209 – 235), уредени се видовите на колективни договори, примената и важноста на колективниот договор, предметот на колективното договарање, обврската за колективното договарање, лицата кои ги обврзува колективниот договор, обликот на колективниот договор, учесниците во склучувањето на колективниот договор, прашањето за репрезентативност на синдикатот и на здружението на работодавачи, условите за определување на репрезентативност на синдикатот, односно постапката за утврдување на репрезентативност, судската заштита на правата од колективен договор и други прашања кои произлегуваат од колективното договарање.

Основите за склучување на колективен договор на ниво на работодавач се член 32 од Уставот и цитираните одредби од Законот за работните односи. Во оваа смисла, е склучен Колективниот договор на Министерството за одбрана во којшто се содржани оспорените одредби и истиот е на ниво на работодавач склучен помеѓу Министерството за одбрана и Независниот синдикат на одбраната.

Согласно со член 1 од овој колективен договор, со истиот се уредуваат, односно доуредуваат правата и обврските од работен однос на вработените во Министерството за одбрана (во натамошниот текст: Министерството) и Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), од една страна и Министерството како работодавец од друга страна, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работниот однос или во врска со работниот однос.

Со член 2 од Колективниот договор, е определено дека работодавач во смисла на овој колективен договор е Министерството,  претставувано од министерот за одбрана, а според член 4 алинеја 2 од истиот колективен договор, репрезентативен синдикат во смисла на овој колективен договор е Независниот синдикат на одбраната, претставуван од претседателот и неговите овластени претставници.

Имајќи ги предвид погоре цитираните законски одредби, според кои колективен договор на ниво на работодавач склучуваат репрезентативниот синдикат на вработените и работодавачот, а во конкретниот случај станува збор за таков вид колективен договор, како и дека страни потписнички на склучениот колективен договор на Министерството за одбрана се токму субјектите коишто треба да бидат според Законот за работните односи, произлегува дека истиот е склучен од страна на овластени страни определени за склучување на ваков вид колективен договор.

Со конкретниот колективен договор, се доуредени правата и обврските од работен однос на вработените во Министерството за одбрана и Армијата од една страна и Министерството за одбрана како работодавач, од друга страна. Меѓу другото, со член 114 став 1 точка 4 од истиот, се уредува распределба на финансиски средства за реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, според бројност на членовите, така што синдикатите се поделени во две групи, односно репрезентативен синдикат и синдикати кај кои членуваат повеќе од 400 члена, а според тоа е определена висината на средства од 50 односно 10 просечни нето-плати исплатени во Републиката во последните три месеци. Додека во точка 7 на став 1 од истиот член, се утврдува обврска на Министерството да обезбеди финансиски средства заради овозможување и соработка на репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации EUROMIL и други синдикални организации од меѓународен карактер.

Анализирајќи ги одредбите од аспект на наводите во иницијативата, Судот смета дека, нивната содржина не имплицира селективност и фаворизирање на репрезентативниот синдикат наспроти останатите синдикати во Армијата. На репрезентативниот синдикат како синдикат со најголем број членови се определува висина на средства според бројот на членовите, кои имаат право сами да одлучуваат во кое синдикално здружение ќе се зачленат. Имено, правото на синдикално здружување на работниците, што значи и негово делување, произлегува од самиот Устав, а воедно и во член 184 од Законот за работни односи е транспонирана уставната одредба за правото на работниците по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси и истиот може да се основа без какво било претходно одобрување.

Прашањето дали е правилна распределбата на висината на средствата за одржување на синдикални активности на репрезента¬тивниот наспроти останатите синдикати, за Судот не е правно проблематично, но како спорно се отвори прашањето дали синдикалните активности воопшто може да бидат предмет на колективниот договор и дали постои законски основ за утврдување на вакво право на финансирање со буџетски средства, особено ако експлицитно не е предвидено со закон.

Надлежностите на Министерството за одбрана како орган на државната управа се утврдени во Законот за одбрана.

Член 142 од Законот од одбрана предвидува систем на планирање, програмирање и буџетирање на одбраната, а согласно со член 146 од истиот закон, планот за финансиски средства потребни за Министерството за одбрана што се обезбедуваат со Буџетот на Републиката, го изработува Министерството за одбрана.

Тоа значи дека за одобрените средства со Буџетот, коишто претставуваат годишен максимален износ на право на трошење за буџетскиот корисник за утврдената намена, во случајот Министерството, изготвува план за начинот на трошење буџетски средства во Министерството за одбрана и истиот опфаќа правни и административни процедури коишто дефинираат како се распределуваат, одобруваат и реализираат буџетските средства во рамки на Министерството.

Со член 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024), се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Од анализата на одредбите од Законот за одбрана и Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, произлегува дека нема законски основ со кој ќе биде обврзано Министерството да соработува при реализација на синдикални спротски игри и соработка на репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации и други синдикални организации од меѓународен карактер, во смисла на обезбедување финансиски средства за оваа намена.

Предвидувањето исплата од буџетски средства, како што е уредено во член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор во случаите кога за тоа нема законски основ, е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Со оспорените одредби од Колективниот договор се утврдува право во смисла на обезбедување финансиски средства за реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, која како таква нема да може да се оправда од уставно-правен аспект. Утврдувањето на ваквото право не само што нема уставна, туку нема ни законска основа.

Од друга страна, законодавецот забранува користење на државни средства за приватни цели или нивно давање на користење на друго лице, согласно со член 54 реченица втора од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, што е применливо и во случајот, ако се има предвид карактерот на синдикатите како организации коишто застапуваат интереси на работници како приватни лица.

Со можноста да се финансира синдикална организација како што предвидуваат оспорените одредби, индиректно се повредува претходно цитираната одредба, бидејќи е правен основ за располагање со буџетски средства коешто законот го забранува, така што тоа упатува на нивна несогласност со Законот за работни односи, а следствено на тоа и со одредби на Уставот.

Синдикатот како облик на организирање на работниците, како и неговото учество во колективното договарање е предмет на уредување на Законот за работните односи.

Во член 195 од Законот за работните односи, е предвидено дека работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво.

Според Судот, екстензивното толкување на оваа одредба значи дека истата се однесува и на неможност за финансирање со кое се врши еден вид „надзор“ на дејствувањето на синдикалните организации.

Врз основа на претходно изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Колективниот договор на Министерството за одбрана не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 195 од Законот за работните односи.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваa одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски