По мислењето на Советодавниот панел, Комисијата предложи нов кандидат за судија во Стразбур

По добиеното Мислење од Советодавниот панел во однос на спроведување на национална постапка за избор на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Комисијата за избор денеска ја одржа 6. седница со следниот Дневен ред:

1. Разгледување на мислење на Советодавниот панел

2. Утврдување на следни чекори

3. Разно

Во однос на првата точка, членовите на Комисијата изразија задоволство од фактот дека Експертскиот панел нема забелешки за постапувањето на Комисијата и за целата национална постапка, која  според Експертскиот панел не покренува никакво посебно прашање. 

Експертскиот панел констатира дека еден од тројцата предложени кандидати не ги исполнува во целост критериумите за судија во Стразбур. Со цел да се запазат роковите, Комисијата денеска заседаваше и утврди нов кандидат на местото на оспорениот кандидат.

Предлогот кој доби едногласна поддршка од членовите на Комисијата за избор е Ана Дангова Хуг. 

Постапката за избор на новиот кандидат беше спроведена во целост согласно критериумите и препораките, на ист начин како и претходниот принцип на гласање, односно со запазување на препораките од ДКСК за изземање на дел од членовите. 

Комисијата за избор на кандидат за судија за ЕСЧП во текот на утрешниот ден, преку Министерството за надворешни работи ќе го извести Експертскиот панел за новиот кандидат.