Одржана експертска работилница за подготовка на правни резимеа со поддршка на ЕУ Делегацијата

Во Уставниот суд денеска се одржа работилница посветена на изготвување правни резимеа на одлуките на Судот, со цел унапредување на правната аргументација, стандардизација на содржината и зајакнување на институционалната транспарентност.

Обуката ја водеше Мартин Сопронов, виш правен експерт во рамки на ЕУ проектот „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“.

Во рамки на работилницата беа презентирани насоки и шаблони за подготовка на правни резимеа на одлуките на Уставниот суд, при што учесниците имаа можност преку практична работа и анализа на конкретни случаи да се запознаат со методологијата за јасно, прецизно и правно аргументирано сумирање на судските одлуки.

Посебен акцент беше ставен на унапредување на квалитетот на правната комуникација, олеснување на пристапот на јавноста и стручната фела до уставно-судската пракса, како и на развивање на унифициран пристап при подготовка на правни резимеа.

Работилницата е дел од активностите насочени кон јакнење на институционалните капацитети и приближување на работата на Уставниот суд до јавноста преку појасна и подостапна презентација на неговите одлуки.