Уставниот суд и Мисијата на ОБСЕ во Скопје организираа Конференција посветена на извршувањето на одлуките 

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килијан Вал, се обратија на конференцијата посветена на темата „Извршување на одлуките на Уставниот суд на Република Северна Македонија“, поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во своето обраќање, претседателот Костадиновски ја нагласи суштинската важност на доследното спроведување на одлуките на Уставниот суд како темел на правната сигурност и довербата во институциите.

„Одлуките на Уставниот суд не се само правни акти, тие се гаранција дека Уставот живее во пракса. Нивното неизвршување значи директно поткопување на правната сигурност и довербата на граѓаните во институциите. Почитувањето на одлуките не смее да биде оставено на дискреција, туку претставува обврска која произлегува од самиот Устав. Искуството покажува дека најсилниот механизам не е санкцијата, туку развиената уставна култура. Во системи каде постои високо ниво на почит кон правото, одлуките на уставните судови се извршуваат без отпор. Таму каде што таа култура е недоволно развиена, ниту најпрецизните норми не гарантираат целосна ефективност. Затоа, прашањето за извршувањето не е само техничко или процедурално. Тоа е прашање на одговорност, на институционален интегритет и на зрелост на правниот систем”, потенцираше претседателот Костадиновски.

Амбасадорот Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во своето обраќање се осврна на поширокиот контекст на спроведувањето на судските одлуки, нагласувајќи дека предизвиците во оваа сфера се присутни во целиот регион на ОБСЕ.

„За Судот да ја игра својата важна улога, неговите одлуки треба да се спроведуваат навремено и целосно од страна на надлежните институции. Кога институционалното почитување е одложено или нецелосно, последиците се значајни. Граѓаните можат и понатаму да се соочуваат со повреди на нивните права, правната несигурност опстојува, а почитувањето на владеењето на правото се ослабува. Авторитетот на Судот не завршува со неговите одлуки, туку зависи од нивното преточување во реалноста. Без доследна примена, ниту заштитата на правата, ниту владеењето на правото не можат целосно да се обезбедат и одржат. Силните правни одредби се суштински, но сами по себе не се доволни. Мора да изградиме одржлива правна култура која бара и обезбедува секоја одлука да се спроведува со прецизност и доследност“, изјави амбасадорот Вал. 

На конференцијата учествуваа претставници на Уставниот суд, меѓународни експерти, професори, претставници на ОБСЕ и ОДИХР. Во рамки на настанот беа реализирани експертски презентации од проф. д-р Славица Баниќ, поранешен судија на Уставниот суд на Хрватска, како и од проф. д-р  Хавиер Филипе од Универзитетот „Paris 1 Panthéon-Sorbonne”, по што следуваа панел-дискусии посветени на институционалните предизвици, компаративните искуства и можните правни и институционални решенија за поефикасно извршување на одлуките. Настанот е дел од долгогодишната соработка меѓу Уставниот суд и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, насочена кон зајакнување на владеењето на правото и институционалните капацитети во Република Северна Македонија.