Уставниот суд утврди дискриминација по основ на социјална припадност во судска постапка за Југослав Миленковиќ

Уставниот суд, постапувајќи по барање на граѓанинот Југослав Миленковиќ, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, во врска со член 9 од Уставот, утврди повреда на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

Судот оцени дека со пресудите на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје, донесени во конкретен работен спор,во извесен период додека работел во Уставниот суд,  подносителот бил ставен во понеповолна положба во однос на други лица во споредливи ситуации, без објективно и разумно оправдување.

Одлуката е донесена врз основа на утврдената фактичка состојба и извршената правна анализа, при што Судот ги имаше предвид правосилните судски пресуди, управните акти и текот на постапките пред редовните судови.

Имено, подносителот, како административен службеник во стручната служба на Уставниот суд, со правосилна пресуда стекнал право на додаток на плата за кариера „В“ во висина од 15%, како и право на уплата на придонеси за претходен период. По извршувањето на пресудата, со решение на Генералниот секретар му биле утврдени дополнителни бодови за пресметка на плата, при што било определено дека пресметката ќе се врши од 01.09.2019 година.

Незадоволен од ваквото решение, подносителот повел судска постапка со барање правото на пресметка и исплата на плата да му се признае за претходен период. Иако во првичната постапка неговото тужбено барање било усвоено, по жалба на Државното правобранителство пресудата била укината, а во повторената постапка неговото барање било одбиено, што било потврдено и од Апелациониот суд.

Истовремено, други вработени од Уставниот суд, со исто или слично звање и со идентични правосилни пресуди за исто право, повееле постапки со исто правно барање, при што во нивните случаи судовите ги усвоиле тужбените барања и им признале право на исплата за истиот период.

Уставниот суд утврди дека подносителот се наоѓал во иста или суштински слична правна и фактичка положба со лицата наведени како компаратори, односно станува збор за идентични случаи во однос на релевантните факти и правното прашање.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека различниот третман на подносителот не е заснован на објективни и разумни причини и дека со оспорените судски одлуки е сторена повреда на забраната на дискриминација.

Во однос на наводите за дискриминација поврзани со постапувањето на Државното правобранителство, Судот утврди дека во конкретниот случај тоа поднело жалба против првостепената пресуда со која тужбеното барање на подносителот првично било усвоено, по што пресудата била укината и предметот вратен на повторно судење.

Судот оцени дека поднесувањето жалба претставува законско процесно средство и дискрециона оцена во рамки на судската постапка, кое не претставува дејствие со директни правни последици врз правата на подносителот, ниту пак само по себе може да се смета за дискриминаторски третман. Оттука, во овој дел не е утврдена повреда на уставно загарантираните слободи и права.