Костадиновски: Извршувањето на одлуките на Уставниот суд е тест за владеењето на правото.

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски имаше свое воведно обраќање на Конференција посветена на темата „Извршување на одлуките на Уставниот суд на Република Северна Македонија”, кој се одржа со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на 30 април 2026 година. Костадиновски се осврна на досегашната пракса во нашата земја, но и нормативната рамка во оваа насока. Во продолжение целосниот говор на претседателот Костадиновски

Почитуван амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-дин Вал

Почитувани колеги, почитувани гости, дами и господа,

Дозволете на самиот почеток да изразам благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за реализацијата на овој настан, како и за континуираниот придонес во зајакнувањето на владеењето на правото и уставната култура во нашето општество. Понекогаш се чини дека оваа благодарност станува речиси стандарден вовед, но, причината е едноставна – нивната поддршка е континуирана и безрезервна, во целосна согласност со мисијата на ОБСЕ за јакнење на институциите и владеењето на правото.  

 Почитувани,Темата што денес ја отвараме не е само правно прашање, туку прашање од суштинско значење за функционирањето на уставниот поредок.

Извршувањето на одлуките на Уставниот суд претставува завршна, но клучна фаза на уставно-судската функција. Без нејзино ефективно остварување, целиот систем на заштита на уставноста и законитоста останува без реално дејство. Затоа, Уставот јасно утврдува дека одлуките на Судот се конечни и извршни, а со Актот тие добиваат и уште една карактеристика – општа задолжителност. Токму во овие нивни својства се содржи нивната сила – тие не трпат одлагање, ниту оспорување, а нивното дејство е erga omnes, обврзувајќи ги сите правни субјекти.

Одлуките на Уставниот суд не се само правен исход на конкретен спор. Со толкувањето на уставните вредности и норми, тие суштински го обликуваат уставниот поредок. Во таа смисла, почитувањето на одлуките на Уставниот суд е истовремено и почитување на Уставот. Нивната правна природа е јасна: тие ги елиминираат неуставните норми од правниот поредок и воспоставуваат уставна рамнотежа. Со нивното објавување започнува обврската за нивно итно и целосно извршување. Секое одлагање или селективна примена ја доведува во прашање правната сигурност и довербата во институциите.

Почитувани,

Уставот изречно предвидува дека „одлуката на Устав­ниот суд е конечна и извршна“, а согласно претходно важечки­от Деловник, „извршувањето на одлуката на Уставниот суд, по потреба, го обезбедува Владата“. Очигледно е дека доноси­телот на Деловникот тргнал од премисата дека одлуките на Ус­тавниот суд ќе се извршуваат ex constitute, по сила на Уставот, па оттука и формулацијата дека „кога е потребно“ (значи само по исклучок) Владата ќе го обезбедува нивното извршување. Новиот Акт на Судот оди чекор понатаму, уредувајќи дека одлуките се правно обврзувачки за сите субјекти (обврзувајќи ги на тој начин сите државни орга­ни и органи на јавна власт да ги почитуваат, спроведуваат и извршуваат одлуките на Уставниот суд во рамките на нивните надлежности), дека секој кој има правен интерес може да бара извршување на одлуките на Уставниот суд, дека Судот по служ­бена должност го следи извршувањето на своите одлуки, дека Судот може да побара од јавните органи да го обезбедат извр­шувањето на одлуката, дека доколку тоа не се случи Судот ќе до­несе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена. Сето ова претставува значајна и суштествена новина.

Оттука, иако нормативната рамка предвидува механизми за следење и обезбедување на извршувањето, практиката покажува дека прашањето не е само дали тие постојат, туку дали се доволно ефективни. Клучниот елемент не лежи само во формалните механизми, туку во степенот на институционална одговорност и правна култура. Проблемите најчесто не произлегуваат од отсуство на норми, туку од нивна недоследна примена. Во практиката се среќаваат ситуации на игнорирање или заобиколување на одлуките – било преку повторно донесување слични решенија, било преку непостапување. Таквите појави се неприфатливи бидејќи директно го нарушуваат владеењето на правото.

Дополнителен предизвик претставува односот на другите власти кон одлуките на Уставниот суд. Наместо да се доживуваат како коректив и гарант на уставноста, тие понекогаш се перцепираат како ограничување. Токму тука се појавува еден од парадоксите на уставниот систем – институција која го има последниот збор во заштитата на Уставот, често располага со ограничени механизми за обезбедување на извршувањето на своите одлуки.

Искуството покажува дека најсилниот механизам не е санкцијата, туку развиената уставна култура. Во системи каде постои високо ниво на почит кон правото, одлуките на уставните судови се извршуваат без отпор.Таму кадешто таа култура е недоволно развиена, ниту најпрецизните норми не гарантираат целосна ефективност.

Затоа, прашањето за извршувањето не е само техничко или процедурално. Тоа е прашање на одговорност, на институционален интегритет и на зрелост на правниот систем. Извршувањето значи не само формално постапување, туку и суштинско прифаќање на правните ставови на Судот во идните постапки.

        Почитувани присутни,

 Извршувањето на одлуките на Уставниот суд е тест за владеењето на правото. Таму каде што одлуките се почитуваат, Уставот живее. Таму каде што се игнорираат, правниот поредок се доведува во прашање. Владеењето на правото не се мери со донесените одлуки, туку со нивното извршување. Токму во тој момент правото добива реална сила, а уставната заштита вистинско значење. Затоа, одговорноста не е само на институциите, туку и на правната наука, стручната и политичката јавност и целото општество – да се гради и негува уставна култура, заснована на лојалност кон Уставот. Само така одлуките на Уставниот суд ќе бидат она што треба да бидат – гаранција за правдата, слободите и правната сигурност.

Ви благодарам на вниманието.