
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.87/2025
Скопје, 28.01.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 28 јануари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019).
Образложение
I
Глигорие Ќатоски и Владимир Стојкоски, адвокати од Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Во наводите од иницијативата се цитира член 38-а од Законот за судовите и се наведува дека истиот е спротивен на владеењето на правото, начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, како и на гаранциите за независност и самостојност на судството.
Се наведуваат одредби од Законот за судовите што ги утврдуваат условите за избор на судија, нивните права и обврски, надлежностите на судовите, како и одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители што се однесуваат на почетната обука. Се наведува дека оспорената одредба од Законот за судовите воведува ограничување според кое судија избран во суд со проширена надлежност, доколку има судиски стаж до две години, може да постапува само по предметите од основната надлежност.
Според наводите, оспорената одредба создава две категории на судии во основните судови со проширена надлежност и тоа: судии со судиски стаж до две години, чија надлежност е вештачки органичена и судии со судиски стаж над две години коишто имаат целосна надлежност, што е дискриминаторско и спротивно на начелото на еднаквост од член 9 од Уставот, а во контекст на вршење на судиска (јавна функција) предвидена во член 23 од Уставот. Сите судии, без оглед на стажот, ги исполнуваат истите законски услови за избор пропишани во членовите 45 и 46 од Законот за судовите и тие поминале низ истата обука во Академијата чијашто цел е да ги оспособи за самостојно и стручно вршење на функцијата. Дискриминација при изборот на судии е забранета, согласно со член 43 од Законот за судовите, а според подносителите, оспорената одредба воведува дискриминација по изборот врз основа на единствен и арбитрарен критериум – должината на судискиот стаж, за што не постои објективно и разумно оправдување за различен третман на судии што се еднакво квалификувани според законот.
Понатаму, оспорениот член 38-а од Законот, спротивно на целта на Академијата – секој судија кој произлегува од неа да биде целосно подготвен да постапува по сите предмети од надлежност на судот во кој е избран, го девалвира целиот систем на обука, имплицирајќи дека судиите – почетници се неспособни или недоволно стручни за потешките предмети, иако Законот ги смета квалификувани за избор. На таков начин, се создава еден вид неформален „приправнички стаж“ за веќе избрани судии, што како концепт не постои во правниот систем и е спротивен на начелото дека судијата ја врши функцијата со полн капацитет од моментот на изборот.
Предвидувањето да се ограничи надлежноста, се заснова исклучиво на висината на пропишаната казна за кривичното дело што е ирелевантен критериум за фактичката и правната сложеност на еден предмет. Имено, сложеноста на еден предмет зависи од бројот на учесници, обемот на доказниот материјал и правните дилеми, а не од законскиот максимум на казната. На ваков начин, оспорената одредба, воведува нелогичен и непрактичен критериум којшто не ја постигнува целта – заштита од грешки на помалку искусни судии, го попречува професионалниот развој на судиите и создава нерационална распределба на работата во судовите.
Поради ова се наведува дека членот 38-а од Законот за судовите не е во согласност со владеењето правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со членовите 9 и 23 од Уставот.
Оттука, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 38-а од Законот за судовите и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека според член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019), судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од член 30 од овој закон.
Уставниот суд со Решението У.бр.200/2023 од 03.07.2024 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Репу-блика Северна Македонија“ бр.96/2019), а со Решението У.бр. 180/2024 од 04.12.2024 година, Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019).
III
Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со предметната иницијативата се оспорува член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019), од чија содржина произлегува дека судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од член 30 од овој закон.
Сега оспорената одредба претходно била предмет на оцена од страна на Уставниот суд во предметот У.бр.200/2023 од 03.07.2024 година, од аспект на согласноста со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 99 и Амандманот XXV на Уставот, при што, Судот одлучил да не поведе постапка и утврдил дека оспорената законска одредба е во согласност со наведените уставни норми.
Имено, во образложението на наведеното решение, во однос на оспорениот член 38-а од Законот за судовите, Судот укажал дека ваквото законско решение има за цел да им овозможи на судиите кои немаат претходен судиски стаж и работно искуство како судии, да ја започнат својата судиска кариера со постапување во помалку сложени предмети како што се прекршочните предмети, полесните кривични дела или имотните спорови со вредност помала од 50.000 евра и дека ваквото ограничување не може да се смета за дискриминаторско. Ова од причина што истото се однесува на сите, условно кажано, „млади судии“ со судиски стаж помалку од две години, што има објективна и легитимна цел – оспособување на младите и неискусни судии за стручно, професионално и квалитетно извршување на судиската функција преку постепено совладување на судиската материја од полесни кон посложени предмети, истото е разумно и пропорционално бидејќи е временски ограничено на најмногу две години по што овие судии можат рамноправно со другите да постапуваат по сите предмети што спаѓаат во стварната надлежност на основниот суд со проширена надлежност во кој се избрани за судии.
Од анализата на аспектите на оспорување во иницијативата произлегува дека не постојат основи за поинакво одлучување, поради што Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски